Изборот на лидерот

Колумна на Димитар Димитров

Симптоматично е дека и Георгиевски, и Груевски паднаа на титоистички кадар, на Тупурковски и Иванов. Така дочека, со граѓанскиот отпор внатре и со интервенција на меѓународната заедница, да биде лишен од мандатот, а СЈО да му ја гони селекцијата како злосторничко здружение. И спас да гледа во аболицирање од претседателот, чии совети се кристализираа во стапица на која заедно се фатија.

Во нашиот јазик изразот од насловот е двосмислен. Лидерот е и оној кој избира, и оној кој е избран. Во двата случаја станува збор за важни, меѓусебно поврзани, нешта. Лидерот кој добро избира, е добро избран лидер.

Лидерот во својство на предмет (оној кој е избран), во контекст на македонската транзиција, доби описна екстерна оцена „многу власт во детски раце“ (наслов на еден американски весник, со фотографии на млади лидери, меѓу кои и на Груевски). Ориентацијата кон млади лидери се чинеше близу до умот при преминот на Македонија од членка на комунистичката федерација во самостојна демократска држава. Но тоа не одеше така спонтано/природно како пролетното разлистување. Во тоа имаше и пи-ар/логистика на најефикасните режимски структури спрема најтенката либерална нишка во најјужната југословенска република.

Преку „децата“ се изврши замена на тезите. Се протна цинизмот како противтежа на либералниот дух, на парламентаризмот, на социјалната држава, каква што требаше да биде новата самостојна држава. Се афирмира вулгарен поим на политиката, од онаа страна на етиката. Идеологијата на државата како општо добро се истисна со психологија на владеење и на грабеж.

При формален демократски систем, во Европа која се обединува во перспектива на европска демократија, партијата-држава завршува како партија против државата. Исклучувањето на другите како сотворци и корисници на општото добро, тоа добро го претвора во составен проширен дел на партиската шема

Така на стартот на нашата независност добивме симбиоза од претседател пензиониран претставник од врвот на режимот и „деца“ партиски лидери и премиери. Таа симбиоза беше проследена со една друга симбиоза на некомпатибилни институционални системи. Додека под влијание на општоевропската демократизација, Собранието на РМ договори уставен систем на парламентарна демократија, партиите си донесоа статути на лидерски/авторитарни партии.
И ете го мегданот за изборот на лидерот во својство на субјект, на оној кој избира. Титовите пионери го избраа моделот што го знаеја – имитација на титоизмот при уставен плурализам: идентификација на државата со партијата, на партијата – со лидерот, култ на личноста. Притоа слабите страни на оригиналот, добија на сила во имитацијата, поради меѓупартиската конкуренција.

Така наречената морално-политичка подобност, што сепак одеше во комбинација со, барем, релативна компетенција, се сведе на лојалност кон лидерот. Принципот на т.н. демократски централизам, се замени со изгон на внатрепартиската демократија. Лидерот се опкружува со верна, послушна и дисциплинирана селекција, што функционира како чета. Технички. Паметта на лидерот е плафон што императивно се следи, независно кој што мисли индивидуално. Некој може да мисли дека лидерот многу греши, дури дека е „забеган“ (вицепремиерот Ставревски), но продолжува покорно да го следи.

Исходот е редукција на интелектуалниот потенцијал. Професионална и етичка деградација. Сведување на личноста до образна лушпа (по аналогија на „фасадните лушпи“). Вештачко лишување од човечките ресурси, запретани во членството и симпатизерите на партијата.

Една трета слабост на оригиналот е нетолерантниот однос кон другите политички опции. Бидејќи оригиналот не беше партија меѓу партии, туку, практично претставуваше квази-партија (затоа и не се нарекуваше партија, туку сојуз), се` друго е туѓо, непријателско, предавничко, анархолиберализам или странска служба, насочено против државата, која е едно со единствената партија.

Војничката организација на партијата се преточува во држава- касарна! Во неа општото добро станува предмет на грабeж. Лидерот станува capo di banda, каков што го откриваат снимките од масовното прислушување

При имитацијата, во плуралниот систем, проблемот со секташкото исклучување на другите, уште повеќе се усложнува. Сам по себе плурализмот подразбира мноштво легитимни политички опции, меѓусебно конкурентни и компетитивни. Но состојбата на една памет во партијата, имплицира неприфаќање на друга памет и вон партијата. Другата партија не е конкуренција, не е повик за натпревар на идеи за благосостојбата на заедничката држава, туку е непријател. Па меѓупартискиот дијалог се заменува со кодошење и подметнување. Со игнорирање на интелектуалниот потенцијал надвор од својата партија. Дури со насилно исфрлање на целата опозиција од парламентот поради различно мислење за буџетот!
Овој меѓупартиски антагонизам, кој претставува непосредна негација на плурализмот, стои во корелација со поврзувањето на двете најголеми партии со политички субјекти од (пред)историјата на државата. На едната со субјект без држава (ВМРО), на другата со субјект партија-држава (Сојузот на комунистите). Тоа укотвување во недемократски и меѓусебно антагонистички позиции, стимулира имитација на несреќните фронтови на нашите покојни предци, кои се гледале низ нишанот на пушката, како бугараши и србомани, како фашисти и комуњари, како балисти. Нивната драма се изврте во фарса на меѓусебно етикетирање и дискредитирање на невините внуци. Во вештачки раздор, наместо национално помирување врз градбата на македонската демократија.

При формален демократски систем, во Европа која се обединува во перспектива на европска демократија, партијата-држава завршува како партија против државата. Исклучувањето на другите како сотворци и корисници на општото добро, тоа добро го претвора во составен проширен дел на партиската шема. Војничката организација на партијата се преточува во држава- касарна! Во неа општото добро станува предмет на грабeж. Лидерот станува capo di banda, каков што го откриваат снимките од масовното прислушување.

Кога стана партиски лидер, Груевски беше предупреден за ваквата (не)перспектива. Му беше советувано партијата да се организира демократски, да се направи статут по аналогија на некоја западна партија. Бидејќи не може недемократска партија да води демократска држава.

За жал, тој прифати контра-совет, поткрепен со тезата дека партијата е полувојничка организација и пет пари не се дава за внатрепартиска демократија. Контра-советникот го избра за претседател на државата, а државата ја распосла од Аминта Трети до Цеца Ражњатовиќ.

Симптоматично е дека и Георгиевски, и Груевски паднаа на титоистички кадар, на Тупурковски и Иванов. Така дочека, со граѓанскиот отпор внатре и со интервенција на меѓународната заедница, да биде лишен од мандатот, а СЈО да му ја гони селекцијата како злосторничко здружение. И спас да гледа во аболицирање од претседателот, чии совети се кристализираа во стапица на која заедно се фатија.

За поука на секој иден лидер.