Каде е кривичната за Иванов?

Додека Македонија се занимава со „жан моне – седенки“ и лицитации за името, прилично лефтерно помина веста дека грчкиот Врховен суд го одбил барањето на македонскотo Mинистерство за правда за екстрадиција на поранешниот началник на Петтата управа на УБК, Горан Грујевски, и неговиот соработник Никола Бошковски. Ваквата одлука на Врховниот суд е спротивна од одлуката на понискиот суд во Солун, кој претходно одлучи двајцата да бидат екстрадирани, на што тие вложија жалба.

Епилогот на жалбите го слушнавме вчера. Можеби за мнозинството граѓани во Македонија оваа вест е изненадувачка, но за една мала група од претходната владејачка гарнитура таа е сосема очекувана. Имено, подолг период од релевентни вмровски извори доаѓаа инфорации, дека, додека Заев и неговиот тим на институционално ниво градат добрососедство и доверба со Грција, патроните на Горан Грујевски на вонинституционално ниво многу побрзо ја надградуваат „довербата“ со стари пријатели во Грција (стекната за време на една деценија), за да обезбедат токму ваков исход. Но, дури и без таков подземен ангажман, грчкиот Врховен суд за својата одлука има совршено алиби: се повикува на одлуката на претседателот Иванов за помилување на Грујевски и Бошковски.    

Таа одлука на Иванов допрва ќе дејствува како неограничено количество солна киселина врз обидите да се возобнови правното ткиво на државата. А што прават нашите власти на таа тема? Ништо. Наместо да му стегнат кривична пријава на Иванов за неговата противзаконска одлука за помилувањето, кое станува главен погон за неказнивноста, тие го канат на лидерска средба за да го информираат за текот на разговорите со Грција.

Начинот на кој шпекулативно протече еден од можните предлози, сосема јасно зборува дека премногу кукавичини јајца се подметнати во гнездото на добрите намери на Заев и неговиот тим

Формално легитимна, но во суштина крајно наивна  постапка. Преку истите тие вмровско-јужни канали, од кои дел со руски акцент, Иванов добива информации за текот на преговорите уште додека Заев и Ципрас се уште позираат пред фоторепортерите. И последната средба во Софија не е исклучок. Начинот на кој шпекулативно протече еден од можните предлози, сосема јасно зборува дека премногу кукавичини јајца се подметнати во гнездото на добрите намери на Заев и неговиот тим.

А токму на денот кога двајцата Македонци (уапсени со фалсификувани бугарски пасоши на имињата Христо Атанасов и Неџби Хасан) станаа слободни граѓани во Грција, читам како премиерот Ципрас во контекст на грчката коруптивната афера „Новартис“ објаснува дека единствениот начин да се изгради нов продуктивен, економски и социјален модел – е да се искорени практиката на корупција и криминал.

Потенцира дека корупцијата, незаконските практики, злоупотребата на власта, институционалната и моралната дегенерација на политичката моќ се најголемите пречки за развојот на државата, создаваат клима на фрустрација и стагнација, и ги хранат фракциите кои го саботираат економскиот и политичкиот живот. Вели – „битката со криминалот е тешка задача, бидејќи системот што ја негува корупцијата се обидува да создаде рамка за заштита за себе, преку создавање комплексни специјални процедури, подигање процедурални ѕидови со единствена цел: прикривање и неказнивост“.

Така ли? Па и Македонија истото го вели. Грујевски и Бошкоски не се обвинети затоа што накриво го погледнале Заев, туку за „Таргет и тврдина“, предмети кои ја открија монструозната практика на незаконско следење на комуникациите на над 20.000 граѓани – политичари, новинари, бизнисмени, академици, амбасадори, и прикривање на трагите на тоа злодело со уништување на документација и на злоупотребената опрема.

Тој случај ја фрапираше ЕУ, чија членка е и Грција. Зошто целиот врв на ЕУ во 2015 година дотрча во скопско Пржино? Зошто се трагаше по решение за политичката криза? Зошто беше експертизата на Прибе? Зошто се бараше еднаш засекогаш да престане принципот на неказнивност, особено на случаи од висок политички профил кои својата моќ ја користат за да останат надвор од коридорите на правдата!? Зошто се бараше правна држава? За грчкиот Врховен суд „легалистички“ да го поништи тоа?

И утре, ако почнеме преговори со ЕУ, може да дочекаме токму Грција во соодветните поглавја да ни дава забелешки за неефикасност во судските реформи, за принцип на неказнивност, за невладеење на правото, без оглед дали дел од тие забелешки влечат опашка од нејзино правно тло.   

Одлуката на грчкиот Врховен суд е и директна шлаканица за македонскиот правосуден систем, кој по сите експерименти и авантури што ги направи Иванов, не покрена кривична пријава против шефот на државата

Белким не заборави Грција дека одлуката на Иванов за аболиција беше едногласно осудена од ЕУ? Ако грчкиот министер за правда замижи пред одлуката на Врховниот суд, тогаш не сум сигурна дали Македонија има искрен партнер со кој разговара за европска иднина и стабилност во регионот.

Стабилноста не е нешто што расте под стаклено ѕвоно или во лабораториски услови, туку е рефлексија на цела лепеза фактори кои треба да дадат придонес во таа насока. Судскиот систем особено.

Но, одлуката на грчкиот Врховен суд е и директна шлаканица за македонскиот правосуден систем, кој по сите експерименти и авантури што ги направи Иванов, не покрена кривична пријава против шефот на државата, и со тоа дозволи неговите незаконски постапки да се користат како легална и легитимна основа за други неправедни одлуки.

На крајот, поважно од конструктивноста во решавањето на проблемот за името е да покажеме интегритет пред ЕУ и НАТО. Македонија ќе го покаже тој интегритет кога ќе престане во име на некаква килава кохабитација да замижува пред незаконските постапки на претседателот. Со тоа само драматично губи, бидејќи се покажува како земја која привремено нешто потзакрпува, бајпасира, за мир во куќата, за да не се налути овој, оној…

Настрана што со наши пари товиме една институција со законски и морално одметната фигура, и плаќаме кувари, хигиеничари, градинари, и купуваме се, од леб до колачи… За тоа до кој степен е отидена работата, ќе си дозволам мала индискреција – дури и бојата за велигденски јајца за потребите на „вилата“ ја купуваме од наши пари. Тука се и пискотниците од Галичник преку Река до службите за набавки, во случај ако одреден вид мајонез не му годи на член на семејството…

Но, тоа е онаа персонално-мизерната, и помалку важна страна на приказната, за разлика од институционалната. Заради оваа персона, Македонија е соочена е со апсурдот да не може да ги санкционира сите учесници во најголемиот скандал во последната деценија. Грција ли ќе им објасни на Прибе и на ЕУ зошто? Да не одам во карикатурални детали, дека утре, на нова некоја рунда разговори во Солун, Коѕијас и Димитров може едноставно да се разминат со слободните граѓани Христо и Неџби. Вториве дури може да им викнат и една тура пијалак.

И каков апсурд: двајцата бегалци на слобода, Иванов кој ја запали правната држава непречено си претседателствува и шета по лидерски средби, а на суд се единствено оние што ја запалија неговата празна и нефункционална канцеларија.

И после сето ова за какво предлог-име да разговараме? Грчкиот суд преку одлуката за двајцата обвинети посредно и даде легитимитет на груевистичката рефренска верзија „Сечено, лепено, монтирано“… Па денес кога премиерот и неговиот тим ќе седнат на иста маса со Иванов, не е лошо да му честитаат за ваквиот „успех“. Зборувам за средбата, која заради противзаконски дострели на Иванов, најмалку заслужува да се нарече лидерска. Дилерска ќе е посоодветно.