Каде е Нимиц?

Македонското МНР и неговите претставници,  изминативе месеци беа исклучително внимателни, и на вага го мереа секој искажан збор во однос  на тековните разговори за името. Имајќи ги предвид максималната воздржаност, тактот и посветеноста со кои се внимаваше дури и бенигна запирка да не се испречи во редот на зборовите, сѐ со цел процесот да заврши со доверба и успех, верувам дека последното соопштение на МНР не доаѓа „туку-така“, туку со навистина дебела причина.

Кога МНР вели дека „е потребно постигната добра волја да се преточи од страна на работните групи во текст на договор, што на најсоодветен начин ќе ги отслика суштинските параметри од постигнатото политичко разбирање меѓу двете страни“,  тоа значи дека досега немало соодветен степен на совпаѓање меѓу договореното во разговорите и она што е ставено на хартија. Додека овој став доаѓа како официјален, од грчка страна одговорот дојде од неименуван владин функционер кој вели дека „има добар договор на масата, но за жал, некои инсистираат на играње игри“.

Некој ќе рече дека нема аргументација во изјавата на анонимниот грчки владин функционер, друг дека тоа го нема ни во соопштението на МНР. Бидејќи ваквата ситуација може да стане основа за еродирање на довербата и шпекулативно мобилизирање на поларизираната јавност во двете земји, постои еден и единствен начин за излегување од маѓепсаниот круг што се отвори на сто метри пред целта.

Ако никој од нас, граѓаните, не знае што било разговарано меѓу Димитров и Коѕијас, односно на какви основи ја поставиле заемно прифатливата рамка, единствениот што знае дали има разлика меѓу она што било усно договорено и она што е ставено на хартија, е посредникот од ОН, Метју Нимиц.

Ако Брисел, Вашингтон, Берлин и Лондон, замижат пред причините и мотивите за последниот „тајм аут“ во разговорите за името, односно пред сигналите кои може да го поништат огромниот преговарачки капитал остварен досега, утре ќе немаат морално право да ламентираат за безбедноста во регионот

Тој е главен сведок на разговорите и договорите, и ако постои какво било несовпаѓање тој мора тоа да го констатира. Во интерес на успех на процесот, тоа и не мора да биде јавно. Не е целта некој јавно да биде искритикуван, туку да се утврди дали и како се случило да има одредени недоразбирања, откако преговарачите на јавна сцена соопштија дека одлично се разбрале.

Во овој контекст главното прашање е: Зошто и досега не е повикан Нимиц, човекот кој е релевантен и овластен да утврди зошто сега „два плус два не се четири“, а биле толку пред десетина дена? Оној кој згрешил, ако згрешил, се збунил или од брзање направил пропуст, во преговарачка тишина може да ја исправи грешката и со заеднички успех сите заедно да продолжат кон целта.

Со оглед дека фамозното „ало“ требаше да се случи до минатиот петок, необјасниво е досегашното отсуство на медијаторот во расчистувањето на маглата. Ако не се реализира итна средба Нимиц-Димитров-Коѕијас, на која ќе се направи рекапитулар за каква рамка двајцата министри си подале рака, и проверка дали таа е пресликана соодветно во нацрт – текстот, тогаш, на површина може да испливаат и други легитимни прашања, покрај она – зошто молчи Нимиц?

Во тој случај, прашање е дали Македонија е сигурна дека преговара само со Грција? Ако очекуваниот епилог за Македонија може да се претстави како „три во едно“ (решавање на спорот, добивање датум за преговори со ЕУ, и покана за членство во НАТО) може ли дел од тој корпус да е причина одредени „страни“ да го шверцуваат својот став по тие прашања во нацрт – текстот, од позиција на заднински фактори во преговорите?

Да не заборавиме: Некои земји во ЕУ инсистираат прво на внатрешни реформи (продлабочување наместо проширување). Оние нешта од македонско – грчките преговори кои не се отсликани во текстот и потенцијално можат да станат причина за неуспех на процесот, можеби го отсликуваат политичкиот ракопис токму на земјите кои би имале совршено алиби нам да ни кажат „не“. Односно, наместо Грција да се противи и да го блокира нашиот интеграциски исчекор, тие земји би се спротивставиле Македонија да добие датум за преговори, со образложение дека има нерешен билатерален спор со соседот, а во чие нерeшавање заднински би инвестирале.

За членството во НАТО, декларираниот противник е познат подолго време, а неговите пипала одамна се длабоко вгнездени и заплеткани во сферата на политиката, бизнисот и, спортот кај нашиот сосед. Кога ќе се подвлече црта, произлегува дека од разни причини има доволно заинтересирани да не успеат преговорите, иако јавната поддршка никогаш не изостанала. Наѕирањето на контурите на повеќе државни ракописи во нацрт – договорот (покрај грчкиот), значи дека Македонија нема проблем со една асиметрија во позициите, туку и со нивен мултиплициран ефект. А тоа е многу повеќе од сложена ситуација. 

Во случај на неуспех, „македонското сценарио“ ќе биде употребено како „врвен доказ“ за залудност на напорите, односно алиби за натамошно опстојување и нерешавање на балканските спорови. Белград и Приштина ќе бидат првите корисници на тоа алиби

Ваквата заднинска игра, сигурно нема да помогне за длабинска реформа на Европа. Напротив, наместо да го европеизира Западен Балкан, Европа се подлабоко ќе се балканизира. Реформите бараат свест за нивната неопходност и во овој регион, а не само во затворениот елитен клуб. Чекорите напред кон интеграцијата не се закана за европските реформи, туку можност континентот да фати едно усогласено темпо во таа насока, кое кај земјите -кандидати ќе биде под засилен мониторинг, а не соочено со опструкции, со одземени шанси и со пролонгирање на замрзнатите конфликти.

Од тој аспект, ако Брисел, Вашингтон, Берлин и Лондон, замижат пред причините и мотивите за последниот „тајм аут“ во разговорите за името, односно пред сигналите кои можат да го поништат огромниот преговарачки капитал остварен досега, утре ќе немаат морално право да ламентираат за безбедноста во регионот, опасноста од неповолни влијанија и други последици, кои ќе бидат многу поголеми од она што сега се гледа и наѕира на хоризонтот.

Не сакам ни да помислам колку ќе бидат охрабрени популистичко – националистичките кругови во регионот, колку ќе биде демотивирана која било прогресивна влада да влезе во решавање на билатерални спорови, ако низ фазите се утврди дека тие преговори се претвораат во епизода или камче за некој друг мозаик, а не за нивната вистинска цел.

Се плашам дека во случај на неуспех, „македонското сценарио“ ќе биде употребено како „врвен доказ“ за залудност на напорите, односно алиби за натамошно опстојување и нерешавање на балканските спорови. Белград и Приштина ќе бидат првите корисници на тоа алиби.

Такви несакани епилози ќе ја турнат ЕУ во драматична компромитација, по која и продлабочувањето, и проширувањето ќе го изгубат кредибилитетот.

Велат, ако подолго време си во темнина, ќе почнеш добро да гледаш во мракот. Од нашиов агол, засега се наѕира ваква „перспектива“. Ќе бидеме среќни, ако брзо стигне демант.