Како се калеше ставот за референдумот

Колумна на Сашо Кокаланов

Имаме став за референдумот, но партијата спроведува акција „Лето за Македонија“ и во нејзини рамки се консултира со многу граѓани на дневна основа, со членовите и раководството на партијата и општинските комитети, па ставот ќе го соопшти на 10 септември, соопшти лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Со други зборови – немаат баш некој изграден став, но напорно се обидуваат да го добијат со интензивни средби по плажи.

Така што, ако сте на некоја охридска плажа и сте задремале сончајќи се на врелото сонце, да не се изненадите доколку од слатките сништа ве разбуди Христијан Мицкоски и со посветеност на Јеховин сведок ви постави неколку прашања околу смислата на животот, постоењето, смртта, вечноста, па ако немате против да потрошите уште некоја минута од вашето ценето време, зошто да не и за македонско-грчкиот договор.

Ги вадите очилата за сонце и да, тоа е тој, лично и персонално, господинот кој направи совршен спој од личноста на Никола Груевски и очилата на Мартин Протоѓер и се изгради себеси како сосема нов лик.

Се нуди да ви го намачка грбот со крем за сончање, се разбира ако вие бидете љубезни и одвоите неколку минути за да ги одговорите неговите прашања. Не е сам. Со него е Тања Каракамишева, која во дланките топло ги притиска кориците на „тврдокорното“ издание на Уставот.

– Госпоѓо, дали можеби сте го прочитале Светото писмо? А, Уставот на РМ? Не? А, што мислите за второто враќање на власт во земјата на ВМРО-ДПМНЕ? Аха, разбирам госпоѓо, не, не, ништо лично. Само уште едно прашање ќе ве молам – дали мислите дека акцијата бојкотирам е слегување од авион при лет, без падобран?

Но, што кога ќе заврши летната сезона и ќе дојде крајот на летото? Дали сите шанси за средби со граѓани се исчезнати? Се разбира дека не. Тогаш Мицко и Тање ќе појдат на Струшките вечери на поезијата и под Мостот на поезијата ќе се обидат да дешифрираат некоја тајна порака од поетите како ВМРО-ДПМНЕ да се постави на референдумот. Па, додека некој поет од Далечниот Исток чита од мостот над Дрим, ете ти ги таму некаде во првите редови и Мицкоски како фаќа белешки со пенкало и тефтерче, Каракамишева како правен толкувач и секако Миле Јанакиески како одговорен за комуникација со „жутите“.

Поетот: „Nadeshiko no toko natsukashii“

Миле: „Надешта че биде оти нема толку да се насукаме“

Тања: Сака да каже дека сме на лизгав терен.

Поетот: „…wo miba, moto no kakino wo“

Миле: „Уф датиба, со мотото че се укакимо“.

Мицко: Че се укакимо!?

Миле: Шефе, пишти, вришти, затоа малу како на тетовски да удира.

Тања: Сака да каже, ни треба јак слоган, правно издржан, ама да внимаваме да не се посереме уште толку….

Мицко: Гледате сега зошто јас не избрзувам!

Поетот: „Moto no kakino wo, hito ya tuzunen”

Миле молчи некое време, па одбрусува: Истото ебаго, изгледа ова че му е рефрен некој.

Тање: Сака да каже зборот „капитулантски“ да го повторуваме како рефрен, па што биде нека биде.

Мицко: Океј, Тањче, ама капитулантски не е став. Против сме или бојкотираме?

За жал, ниту следниот стих не ја решава дилемата:

Поетот: „Ogurayama mine…“

Миле: „Че гураме кон мини…“ Че сибиме мајката, изгледа.

Тања: Не, не, сака да каже дека референдумот е минско поле…

Мицко: А што, ние не го знаеме тоа.

Тројцата се пробиваат меѓу поетите, незадоволни напуштајќи го настанот. Во позадина се слуша поетот: „Sayonara”, во близина на увото и преводот на Миле: „СЈО хара”, а во другото уво и заканувачкото толкување на Тање: „Додека ние градиме став, СЈО ќе нè направи попара.”

И со таа дилема се влегува во септември. „Лето за Македонија“ не ги дава очекуваните резултати, потфрлија и поетите од Азија, време е за нова акција. И тоа не каква било акција, туку со симболично име: „Септември за Македонија“.

И ете ви го Мицко преправен во продавачка во книжарница:

– Имате двесте деведесет денари за моливчињата и тетратките. Господине, повелете кусурот десет денари, а сега дозволете, правиме и една мала анкета за родителите, дали сте евентуално за ужинка на големите одмори, против сте или сте воздржани. Ако одговорите, добивате бесплатно календар со распоред на часови.

Ако и ваквата субверзивна акција не даде јасни сигнали каков треба да е ставот на ВМРО-ДПМНЕ, ќе се пристапи кон слушање на говорот на Иванов од 8 септември, со отворена можност и тој да не биде прифатен како конечен став на партијата.

Во меѓувреме, градежните работници ќе го довршуваат гравирањето на мермерната плоча под славната тераса на белата палата.

Непосредно пред десетти септември, над влезот на седиштето на најбогатата партија во Европа ќе осамне арапската поговорка:

„Чувај се од брзање, зашто тоа секогаш носи каење. Тој што брза, зборува пред да сфати, одговара пред да размисли, одлучува пред да провери, куди пред да се увери.“

Да сум Каракамишева, а фала богу не сум, би го советувал Мицкоски да не биде брзоплет ниту на 10 септември. Каде во Уставот пишува дека партијата мора да има став до почетокот на референдумот? Нека почне, нека излезе ДИК со први неофицијални резултати за излезноста до 10 часот, па може органите да почнат да заседаваат. До кај 16 часот, кога веќе ако не ДИК, МОСТ и Цивил сигурно ќе имаат некакви податоци за излезноста до 15 часот, по што партијата може да почне со внатрешните процедури за градење на ставот.

На 1 октомври, кога веќе неофицијално ќе се знаат и резултатите, ВМРО-ДПМНЕ ќе има веќе многу попрецизно сознание дали резултатите од анкетите по плажите од „Лето за Македонија“ се поклопуваат со резултатите од референдумот, по што партијата ќе може во целост да го усогласи својот став со ставот на граѓаните и по којзнае кој пат да докаже дека таа е единствената народна партија во Македонија, ако не и пошироко.