Каква држава сакаме?

Решавањето на спорот за името со Грција, вклучувајќи го тука референдумот, како битна фаза во овој процес, а се разбира и референдумското прашање, сѐ почесто се толкува како прашање на и за опстанокот на државата.

Поборниците на статус-квото тврдат дека уставните промени и додавањето на географската одредница битно го менуваат (поништуваат) идентитетот на државата и (на мнозинскиот народ во неа), што неминовно ќе доведе до нејзино исчезнување. Истото го тврдат и тие што сметаат дека конечно е време да се реши повеќедеценискиот спор и дека името Република Северна Македонија на ниту еден начин не задира во македонскиот идентитет. Само, се разбира, од сосема спротивни позиции.

Според оваа струја, одржувањето на постоечката состојба едноставно е невозможно. Закочувањето на процесот на евроатлантските интеграции само ќе ја втурне земјата во поголема изолација, неконтролирана корупција и ќе ѝ донесе сериозни безбедносни предизвици (особено во контекст на конечното решавање на косовското прашање). Со други зборови, конечната консеквенца е нејзино исчезнување.

Значи, основното прашање од кое зависи и нашиот однос кон референдумот е: дали воопшто сакаме сопствена држава или не?

И, се разбира, тоа е погрешно прашање и самото тоа носи погрешни одговори. Вистинското прашање е: каква држава сакаме? Конечно, познати се сите модели: од Северна Кореја до Норвешка! Треба само да се избере дали ќе бидеме самодоволни и самозадоволни („живеење во најдобриот од сите можни светови“) или ќе влеземе во односи со глобалниот свет („вазалство“, „потчинетост“).

Иако доминира како тема, основното прашање што произлегува од референдумот не е опстанокот на државата, туку во каква држава сакаме да живееме

Факт е дека секоја држава што има аспирации и станува членка на НАТО, а особено на Европската Унија, отстапува дел од својата сувереност на глобалната организација, било да е во прашање одбранбената политика или законската регулатива. Од друга страна, исто така е факт дека Европската Унија сама по себе не е решение за проблемите на државите.

Во спротивно, немаше да има онолкави антивладини протести во Романија. Ниту, пак, НАТО обезбедува некаков политички протекционизам. Во спротивно немаше да дојде до толку драматично влошување меѓу двете можеби најмоќни НАТО земји – САД и Турција.

Сепак, смета ли некој дека ако Романија не беше членка во Европската Унија, во таа земја ќе немаше корупција, а нејзините граѓани ќе живееја во пасторален мир? Или можеби ќе беше полошо? Или мисли ли некој дека ако Турција не беше членка на НАТО ќе можеше неказнето да ги крши човековите права на американските државјани? Или казната ќе беше уште пострашна.

Или да го земеме нашиот случај – една несмасна и недоречена одлука со која на Управата за јавни приходи ѝ се овозможува да има увид во приватните банкарски сметки веројатно немаше да биде можна или барем не толку лесно спроведлива ако бевме барем во процес на преговори за влез во Европската Унија. Зошто? Затоа што со оваа одлука практично се ограничува слободниот проток на капиталот, една од основните постулати врз кои се базира Европската Унија, а богами и демократијата.

Со евентуалната промена на името, односно со додавката „Северна“, дефинитивно исчезнува терминот „Југославија“ од актуелниот политички момент

Имено, според некои објаснувања, целта на оваа мерка е да се даночат неданочните дознаки од странство, една од главните ставки на нашата економија, што, пак, значи директен раст на сивата економија, односно евентуално префрлување на девизните приливи од иселениците во готовина, а не преку банкарскиот систем, а тоа, пак, само ќе го зголеми незадоволството на овдешната популација, каде што овие приливи се значајна ставка во и онака тенките домашни буџети.

Со други зборови, отстапување на дел од државниот суверенитет изгледа во случајот на Македонија и не е толку лоша работа. Особено ако се земе предвид општиот впечаток за лошите политички елити и лошите политички одлуки од осамостојувањето до денес.

На крајот на краиштата, од почетокот на својата државност, значи од 1944 година, па до 1991 година, Македонија имаше отстапено многу поголеми суверени права на федеративната заедница, денес толку многу омразената Југославија. Практично, функционираше со минимални државни атрибути, особено во делот на меѓународната политика, меѓународната економија и одбраната, а, сепак, од денешен аспект гледано, личеше многу повеќе на држава, отколку што наликува денес.

Патем речено, со евентуалната промена на името, односно со додавката „Северна“, дефинитивно исчезнува терминот „Југославија“ од актуелниот политички момент (односно и одредницата Бивша Југословенска…, попозната како ФИРОМ заминува во историјата).

Идеалот на државата е сон од кого трезнењето почнува веднаш откога сонот ќе се реализира. Токму затоа не е претерано кога на решавањето на спорот за името му се даваат историски атрибути. Токму од него зависи одговорот на основното прашање со кое се соочуваме: каква држава сакаме и во каква држава ќе живееме!