Кампања без бранувања

Колумна на Петар Арсовски

По промената на власта, Македонија како одеднаш да вплови во мирни води. Одеднаш политичка криза нема, медиумите слободни, тензиите издишани, слободата вратена – штиклирај, животот цути – штиклирај. Со Бугарија најдобри другарчиња, со Грција отворен дијалог – штиклирај. Признавам, последните неколку години беа драматични, самата кулминација на кризата беше страшна, а сепак, овој новиот пост-кризен период е некако здодевен.

Порано коментиравме тајно во кафеани, секој со нова „проверена“ информација, внимававме што зборуваме на телефон, зашто секој, од портирот на капија до газдата на локалниот гранап, беше убеден дека режимот токму него, како столб на отпорот, го снима и го следи. Сега, со новиов живот, политичката сцена се претвори во мирно езеро. Проблемот со мирните езера е што скоро секогаш релативно брзо се претвораат во жабарници.

Примеси на ваквиот статичен жабарник на политичка безидејност се очигледни веќе сега во кампањите за локалните избори. Воопшто, целата атмосфера изгледа доста анемична. Како партиите да ги тераат кампањите механички, рутински, изморено. Дел од причините за ваквиот пристап можеби лежат во фактот што локалните избори доаѓаат како епилог (или епитаф, како сакате) на политичката пресвртница од последните парламентарни избори, па партиите ги третираат како дополнување, како нужно, но не секогаш добредојдено, затворање на тектонските поместувања на новата политичка сцена. Неколку фактори влијаат за ваквиот впечаток.

ДУИ нема јасна идеја за основната приказна. За нив слоганот на ВМРО-ДПМНЕ ќе имаше повеќе смисла

Прво, имам впечаток дека СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, се некако фатени во расчекор со локалните избори, кои ги дочекуваат во екот на нивната внатрепартиска динамичка промена, па така, самата кампања им е секундарна врз суштинските политички стратегии.

Во СДСМ, во тек е сѐ уште најглавната работа врзана со нивната политичка стратегија, која без малку целосно им го запоседнува вниманието и не остава простор за вакви ситници како локални избори, а тоа е распределбата на заслугите по „падот на режимот”. Таму се зафатени со битка по цеваници за тоа кој колку придонел и колку се мачел, па соодветно на тоа колку партијата му должи во новата поделба на картите.

Оттаму, кадровската политика, нивната интерна Византија, како и распределбата на ресори и позиции се од примарно значење. СДСМ сѐ уште се устројува како да ја преземе власта, притоа е во суштинска дилема помеѓу притисокот од нивниот политички инстинкт и членството за реваншизам и преземање на авторитарниот модел од нивните претходници како формула на која досега ѝ се восхитувале, и калапот кој им го наметнува меѓународната заедница за реформи, толеранција и високите демократски стандарди.

Притоа се реално уплашени колку ќе им трае медениот месец со електоратот, како и дали ќе можат да ја испорачаат сметката за еклатантната поддршка на пријателите од странство, која секако им е дадена како политички аванс, нешто кое допрва треба да се заслужи.

Кај ВМРО-ДПМНЕ ситуацијата е исто така далеку од розова. Тие се во сред фазата на политичко одбивање да се соочат со реалноста, а притоа се интимно свесни за неопходноста од политички реформи, така што кај нив поважно е во моментов да се фатат позиции за војната која следи, одошто сега да се покажат резултати.

ДУИ исто така сѐ уште се прераспределува конечно за во интерната структура и политичка стратегија на вистински начин да ја рефлектира промената на вкупниот курс која следи по вртењето од 180 степени при составувањето на владата.

БЕСА уште не се одлучила дали е десна или лева, опозиција на опозицијата, или опозиција на власта. Оттаму, скоро сите позначајни партии се во ек на политички промени и турбуленции, и локалните избори ги дочекуваат со реално неподготвени јасни стратегии. Со еден збор, чорба.

Второ, мислам дека партиите се заглавени во своите наративи, кои не ја рефлектираат на вистински начин сегашната атмосфера и реалностите врзани за локалните избори. Имам разбирање дека голем дел од нив немаат избор (немаат што друго да зборуваат,) но сепак сегашниве слогани и главни пораки се реално здодевни и банални. Да почнам од СДСМ: тие секако немаат избор во својата приказна.

Претходно имаа само три градоначалника, па немаат опција да се фалат со резултати. Немаа време на централно ниво да покажат многу, така што и таму тенко. За нив, најлогично (и единствено) можно решение е да ја третираат локалната кампања како продолжеток на парламентарната, а локалните избори како второ поглавје на вкупниот проект за „враќање живот”. Оттаму и нивниот наратив, со идентичен слоган и ист бренд од претходната кампања, сега веќе доста исплакнат во визуелна смисла. Покрај неколкуте поединечни срамежливи обиди за нова понуда, нивната вкупна порака е продолжение на истата мантра, како Боргите: „доаѓа живот, отпорот е залуден”.

БЕСА уште не се одлучила дали е десна или лева, опозиција на опозицијата, или опозиција на власта

ВМРО-ДПМНЕ пак, има уште поголем проблем. Ако главниот наратив на СДСМ е надежта дека се уште ќе се гласа против режимот, кај ВМРО-ДПМНЕ главната емоција на секоја порака ќе биде „ти ќе ми кажуваш”: нивниот аудиториум е во фаза на исклучување, па пораката е небитна, зашто публиката ја нема. Тие се обидуваат, по научената лекција додека без на власт, да ја заменат суштината со реклама.

Оттаму, свесни дека од нив се очекуваат реформи и ребрендирање ако сакаат каков било политички изглед, се одлучиле дека за да се реформираат, доволно е да се рекламираат дека се реформирани, дека влегле во нова ера.

Вториот слоган, кој е тафтологија, во оваа смисла треба да се игнорира, зашто не значи ама баш ништо. Но, нивната основна приказна, дека се смениле и престроиле, нема да помине добро, зашто не соодветствува со реалноста која гласачите ја препознаваат. Дополнително, ним им следува намалување на рејтингот и популарноста, од чисто клиентелистички причини, што дополнително го прави овој сегашен наратив банален.

ДУИ исто така нема јасна идеја за основната приказна. За нив слоганот на ВМРО -ДПМНЕ ќе имаше повеќе смисла. Тие, наместо да капитализираат на промената на политичкиот курс, што најверојатно ќе биде нивниот единствен адут на овие локални избори, одлучија да ја игнорираат во кампањата својата единствена предност, и да се задржат на некаков бесмислен континуитет. Со други зборови, ако некоја од партиите помине добро на изборите, тоа сигурно нема да биде поради добрите пораки.

На крајот, за најголем дел од партиите, проблематичен е и самиот политички производ, т.е. кадровската понуда. Кај СДСМ, ниту еден од сегашните кандидати не бил градоначалник досега, па електоратот со право е сомничав. Кај ВМРО- ДПМНЕ, голем дел од нив и досега биле градоначалници, па електоратот со право е разочаран. Кај ДУИ, најголем дел од понудата е директно контролирана од централата, па електоратот со право ги смета за преодни решенија. Затоа и кампањите се слични, здодевни, и ни ги трошат последните резерви на нерви.

Единственото нешто што заслужува внимание во овој период се кривичните пријави против кандидати во ек на кампањата и згодните отпусти од затвор, кои сегашната власт ги практикува според најдобрите рецепти на претходната.

Со еден збор, музичарите се сменија, аман сега сменете ја и партитурата, оваа досегашнава не можеме да ја слушаме веќе.