Клават дрога во темјанот

Колумна на Сашо Кокаланов

Митрополитот повардарски Агатангел повторно е ѕвезда на светите социјални мрежи. Овој политички комесар во мантија по парламентарните избори во декември активно проповедаше на протестните собири на сектата „За заедничка Македонија“, кои завршија неславно со сатанистичкиот обред – убивање пратеници во Собранието на крвавиот 27 април, а на повик од бога учествуваше и на протестите за демолирање на општината Центар во кои сите чувме како севишниот нарачуваше „прекршочни шамари“ за поранешниот градоначалник.

Како политички комесар во управниот одбор на акционерското друштво со ограничена одговорност МПЦ, тој наместо вера во Исус и во татко му Господ, повикуваше на вера во светиот дух Ѓорге Иванов и фрлаше дрва, камења и анатеми на амбасадорите што му вршеле притисок на претседателот да го даде мандатот даден од бога на кривоверното мнозинство.

Но, срцата на обожавателите, овој владика не ги освои само со своите политички ангажирани говори и учествата во спонтани протести по повик. Не, тој со еднаква жар се грижеше и за економските и за статистичките операции на државата, па на протестите на гореспоменатата секта бараше да се направел попис за да сме се преброеле.

Сега во црквите останува само уште воздухот бесплатен. Неправедно, зашто тоа не е обичен воздух, туку е облагороден со темјан. Има луѓе кои само за тоа и одат во црква. Да се напушат темјан, алчно вовлекувајќи „димчиња“ од кадилото на попот. Гратис.

Но, каков добар економ на државата би бил Агатангел кога би дозволил во неговата сопствена микрофирма, Повардарска епархија ДООЕЛ Велес, да работи со намалени профити. Познато е дека за венчавка давачката кон црквата е од пет илјади денари нагоре, за крштавање е 3.500 денари, а воведена е и такса за црковен развод што чини три илјади денари, ама со тие скромни приходи црквата не може да ги замени ни летните гуми со зимски на џиповите, а камоли да оствари добивка со која растот на БДП во МПЦ ќе го следи растот на најбрзорастечката економија во Европа.

Затоа, Агатангел беше принуден да воведе нов арач. Од пред неколку месеци по црквите во Повардарската епархија фотографите се обврзани да платат за сликање и снимање, симболични 500 денари за фотографиите пред црквата и 1.500 денари за сликање и снимање во црквата. Како пилот-проект се спроведува само во Велес, со можност оваа благородна давачка да се овоплоти со паричниците на фотографите и на другите краишта од библиска Македонија.

Фотографите и снимателите и претходно биле обврзани да остават доброволен прилог од една до две стоденарки, кој колку сака, веднаш откако ќе ја обават својата мисија во црквата, но сега таа давачка е озаконета и е заокружена на 500, односно 1.500 денари, за да не мора да се мачат да ги раситнуваат петстотките и илјадарките по локалните цвеќарници и бакалници.

Се разбира, и за оваа услуга, како и за сите други, државата ѝ обезбеди на црквата повластена даночна стапка од нула отсто ДДВ.

Сега во црквите останува само уште воздухот бесплатен. Неправедно, зашто тоа не е обичен воздух, туку е облагороден со темјан. Има луѓе кои само за тоа и одат во црква. Да се напушат темјан, алчно вовлекувајќи „димчиња“ од кадилото на попот. Гратис. И потоа без да остават ниту денар излегуваат од православниот храм и се оддалечуваат во непознат правец.

Како што е познато, темјанот има силно антиинфламаторно и аналгетско дејство, ја подобрува циркулацијата, го зајакнува имунолошкиот систем, се проценува дури дека може успешно да се бори со некои канцерогени клетки. Темјанот е докажан ефикасен лек кај артритис и голем број болести на локомоторниот апарат. Помага при отоци и грчеви во мускулите, го намалува бројот на астматичните напади, лекува воспалителни болести на цревата како гастричен колитис и помага при камења во бубрезите. Бидејќи темјанот има опојно дејство, се смета дека е добар антидепресант, помага при стрес и страв. Има смирувачки ефект, помага при несоница, а не е исклучено да има прочистителни својства и при зголемено запрашување со алуминиум.

Што ако на Агатангел некој агент на ЦИА ноќе, сепак, му клава билен темјан во црковниот? Дали освен што нѐ запрашуваат со алуминиум, САД нѐ зачадуваат и со билен темјан? До кога ќе молчиме за ова?

А МПЦ ви го дава гратис! Веројатно, ако даде бог, и оваа историска неправда наскоро ќе биде исправена и дувањето темјан по цркви ќе се легализира со соодветна давачка.

Да, црковниот воздух треба да се наплаќа, но една вест од соседството нѐ предупредува да бидеме внимателни. Во одредувањето на цената. Имено, билниот темјан во последно време многу често го користат српските наркомани како дрога.

Како што пишува српскиот портал „Ало“, лицата кои ја користат оваа билка за уживање и релаксација им образложувале на лекарите дека темјанот им давал пријатен мирис во просторијата и ефекти слични на марихуаната. Една ќесичка од оваа билка чинела 1.000 српски динари или помалку од 600 македонски. Белградските „клинци“, пишува весников, меѓу себе ги фалеле супстанцијата и ефектот што таа го дава при пушењето. Свештените лица сугерираат да не се мешаат овој и темјанот што тие го користат во црквата за обредите за да не се создава заблуда кај луѓето.

Но, што ако на Агатангел некој агент на ЦИА ноќе, сепак, му клава билен темјан во црковниот? Дали, освен што нѐ запрашуваат со алуминиум, САД нѐ зачадуваат и со билен темјан? До кога ќе молчиме за ова?