Колумбо: „Титаник“ не ја откри Америка

Колумна на Џ Пулицемер

Интервјуто е измислен, сатиричен текст]

260x195 (3)

Познатиот морепловец дошол во лов на едно од оние 600 работни места на ден, му се допаѓа Скопје 2014, иако има забелешки, во интервјуто открива детали од познатите патешествија и ја расчистува дилемата дали Земјата е рамна.

Ова се чудни времиња. Продолжува трансформацијата на Скопје во барок и во бронза, Охрид за влакно куртули од парапетчето околу езеро, грандиозно ќе се обновува римскиот театар на локалитетот Скупи, афери со имиња како „Пуч“ и „Титаник“ ја тресат јавноста, додека главна дилема е дали Земјата е рамна и колку има вистина во тврдењето дека не постои Јужниот пол, како што учевме на училиште.

Затоа ни најмалку не се зачудивме кога разбравме дека во главниот град дошол навистина необичен гостин, познат историски лик од пред повеќе векови, современик на шпанската инквизиција. Го сретнавме големиот морепловец Кристофер Колумбо на една од галиите во Вардар, седеше на палубата и како вистински Италијанец уживаше во еспресото загледан во жалната врба под која пишува „Надеж“.

„Дневно отворате по 600 работни места, работите се придвижуваат, па белки ќе се најде нешто и за мене на статичниов брод“, рече Колумбо.

Првата фирма во Белизе

columboЗа да се вклопи во новата средина, веднаш штом дошол уплатил спортска, се кладел со Латас, паркирал на тротоар кај кафулето „Броз“ и ѝ пуштил кривична на Катица по гугутка, оти не можел да најде гулаб. Мерак му е што дошол во држава-трендсетер во светски рамки, оти „Плејбој“ се откажа од голотија откако нашиот Прометеј доби гаќи, арно ама еден споменик сериозно му недостасува во проектот „Скопје 2014“.

„На целиот свет му ги отворив очите за Америка, греота е да нема прескапа статуа со мојот бронзен лик на мостот ‘Око’.“

Македонија го привлекла и поради тоа што сфатил дека државава има многу заеднички точки со големата Америка.

„Во ‘бомбитe’ чув како каубојци зборуваат за Индијанци, исто ко на Дивиот запад.“

Муабетот ни тргна лесно, зборувавме за неговите славни времиња, морските широчини, бродовите и за патешествијата од минатото, а начнавме и неколку актуелни теми.

Го прашавме зошто го напушти копното и со месеци пловеше во непознат правец. Дали тоа беше алчноста по злато и по богатства или можеби поривот беше чисто авантуристички?

„Искрено да ви кажам, ми раскина девојката и разочаран се качив на првиот брод што пловеше подалеку од дома.“

Вистински предизвик било да се поминат денови на отворено море, кога на неколку наврати екипажот сакал да се врати, меѓутоа славниот морепловец бил решен да го најде патот зa Индија, да му избега на љубовното разочарување.

И можеме само да замислиме како се чувствувал кога по долго време ги здогледал птиците што го најавиле копното, иако не знаел дека станува збор за сосема нов континент. Нè интересираше што направил Колумбо кога за првпат стапнал на Бахамите, Куба, а подоцна и на Карибите?

„Прво што направив е отворив фирма во Белизе! Што е сигурно, сигурно е!“

Прогресивен данок на тресење зелени

12935642042388894221Ако Пржинскиот договор е топ тема, на второ место е една географска енигма околу која граѓаните ги кршат копјата главно на Фејсбук. Со оглед дека Колумбо пловел на запад за да стигне до најдалечниот исток, тој е вистинскиот човек што може да ја расчисти најжешката дилема меѓу Македонците: Дали Земјата е рамна?

„Е, во оваа глупост ви нема рамни. Слушам ќе сте воведувале данок на масна храна, ама вам ви треба прогресивен данок на трици, колку е попозната личноста толку повисок данок да плаќа за секоја зелена што ќе ја тресне. Ви тргнало да рамните сè, па изгледа дека и за глупоста сте вовеле рамен данок, секој може да каже сѐ и око да не му трепне.“

И бидејќи Колумбо е лик што прошетал, видел сѐ и сешто во животот, дискутиравме и за случајот „Титаник“, сакавме да знаеме што мисли за сомнежот дека во Македонија се краделе изборите.

„Па, добро (се смее), „Титаник“ не ја откри Америка. Искрено, не ја открив ни јас, ама ќеф ми е што луѓето така мислат. Ако ги прашате, сите ќе речат дека јас сум ја сечел црвената лента за Америка, иако тогаш го немаше ‘Сител’.“

Во последните неколку месеци актуелни се и странските инвестиции, експремиерот Никола Груевски почна да ги вади од ракав. Толку многу ги има, што на паузата меѓу два состанока во Пржино иташе да отвори фабрика, а веројатна истиот ден, меѓу вестите на „Канал 5“ и на „Алфа“, сигурно договарал барем уште двајца странци да ги истурат парите во Македонија и да ја уништат невработеноста. Затоа бевме љубопитни како според Колумбо котира Груевски во областа на странските инвестиции.

„Во областа на странските инвестиции, Груевски е шампион, инвестираше еден куп пари во бронза од странство и затоа во Фиренца еден ден ќе му подигнеме споменик.“ прокоментира Италијанецот Колумбо.