И конгресот е Груевски!

Колумна на Димитар Димитров

Една година по вонредните парламентарни избори – еве и вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ. Излегувањето вон или пред  редот во двата случаја, упатува на нешто вон-редно. Во првиот случај тоа беше политичката криза, во вториот случај, сега, тоа е оставката (во најава) на лидерот на партијата. Меѓу едното и другото заокруживме уште едни редовни локални избори.

Конгресот е вон-реден зашто ќе се одржи една и половина година пред да му дојдеше редот. Редовниот беше во екот на кризата. Самиот факт на потребата од предвремен конгрес, претпоставува дека навремениот конгрес не одговорил соодветно на условите во кои се одржал. Направил крупна грешка па се изложил на поправен испит.

При состојба на општество потресено и згрозено од сознанието за тоа колку еден човек ја злоупотребил партијата заради гол грабеж, зарежувајќи и уставни, и цивилизациски норми, пет стотини и педесет делегати едногласно го преизбрале тој човек за лидер на партијата. Така конгресот станал Груевски, Груевски станал конгресот! Ликот и делото се стопиле во едно, со квалитет на недело („кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите“).

Во време кога државата крева глава, кога институциите почнале да се еманципираат од режимот, партијата останува осамена бара на груевизмот, осудена на пресушување

Грешката на конгресот во добар дел ја корегираа парламентарните избори. Гласачите посоодветно реагираа на грамадните политички и морални престапи и ја префрлија партијата во опозиција. Локалните избори ја довршија работата. Груевски остана без адутот на кој цело време се повикуваше – народот. Така, од сите страни  сардисан, тој решил  да најави оставка.

Скратениот  мандат на лидерот, му обезбеди втор живот на конгресот, во вид на вонреден конгрес, сега во услови на фаќање  ред  след кризата. На возобновување на државата,на нејзино прифаќање со раширени раце од меѓународната заедница, на застанување на нозе на правосудниот систем, воопшто, на кинење на обрачот на режимот.

Според логиката на нештата, на ваквата   состојба на размин меѓу партијата и државата и` одговара конгрес на самокритика за изгубениот компас на партијата, за одговорноста  на лидерот и на партиските тела; конгрес на статутарни реформи  и на стратегиски преиспитувања. За  жал, неколку иницијативи во таа насока партијата ги отфрли како предавнички и не остави место за такви очекувања, што би ја направиле соиграч во демократскиот процес.

Таа не престана да биде (едно со) Груевски, негово опредметување, тој самиот. Бидејќи тој се гони како сторител на „кривични дела“, а членовите на извршниот комитет  како организатори на „злосторничко здружение“, партијата се` подредува на одбрана на ликот од (не)делото . И паѓа во правната стапица на „повторување на делото“, што кулминира во „терористичкото загрозување на уставниот поредок“ на 27 април.

И сега, кога правосудниот систем профункционира, кога проработи принципот на казнивост, партијата влезе во фронтален напад врз државата. Притоа го копира граѓанското движење против режимот што таа  го беше воспоставила. Во таа  тумбе-проекција, новата власт е „хунта“, а насилниците кои упаднаа во Собранието и искрвавија пратеници и новинари, се „родољуби“, „патриоти“, кои се казнуваат зашто си ја сакаат татковината. Самата  татковина се ситуира низ мистични асоцијации на ВМРО,како криенка на криминалот, додека престапниците се бранат со замена на тезите,како родители, пеачи, актери, режисери. Се обидуваат блокади на крстосници, улични протести, саботажи на институции, се кокетира во насока на напуштање на Собранието. Се уценува со амнестија на насилниците од 27 април.

Се разбира, ваквата проекција не поминува ни дома, ни надвор. Во време кога државата крева глава, кога институциите почнале да се еманципираат од режимот,партијата останува осамена бара на груевизмот, осудена на пресушување. Уште во детските градинки може да помине дека уметниците се гонат како актери, пеачи или режисери,а не како груевци ,како  синоними на Груевски. Кои, за да го одбранат престапникот, посегнале по државата и станале едно со него во престапот, во паметта, во етосот. За нив меѓународната заедница е непријателска странска сила,а новата власт е квислиншка и диктаторска зашто работи против државата и ги прогонува патриотите.

Конгресот ќе го избере Груевски, независно дали под тоа или под некое друго презиме

Со ваквото позиционирање на партијата спрема државата што се ослободува од нејзиното ропство,таа се самоуништува во поимот на партија. Партија сведена на заштитна функција на лидер инкриминиран како capo di banda, со раководство инкриминирано како злосторничко здружение, не е партија, туку имено злосторничко здружение или мафија. Конгресот  пред  две и половина години не ја спречи таа автодеструкција на партијата. Делегатите се стопија во идентитетот „Сите сме Груевски“ и оставија да тече процесот на нејзиното растворање.

Пропуштеното од конгресот го презеде народот – ограбеното граѓанство, на двата вида избори, и  ја изнуди оваа реприза на конгресот. Така се заврза парадокс, еден од најделегитимираните сегменти, по сила на статутот, уште еднаш да решава за лидерството на партијата.

Се разбира, не е неопходна голема проникливост за да се погоди исходот од новата сеанса на конгресот,па медиумите не мораат да трошат време околу персоналното решение. Конгресот ќе го избере Груевски, независно дали под тоа или под некое друго презиме. Партијата ќе продолжи да ја саботира државата, со спинови за  ВМРО и за татковината вон времето и просторот, заради дефокусирање од криминалот, и се`  повеќе ќе се топи како политички субјект. Под лажното царево  руво правосудните органи откриваат и ќе продолжат да откриваат и санкционираат сторители на зло, на големи престапи.

И тоа е логичната и жална перспектива на груевизмот – еден експеримент на самовластие во услови на уставна парламентарна демократија, во рамките на европската демократија, каде природно и цивилизациски припаѓаме.