Коцката е фрлена: Груевски го помина својот Рубикон

Груевски со обвинувањето за пуч само ги разбуди хибернираните легалистички клики на сопственото уништување. Премиерот, кој досега многупати вешто ја надигруваше опозицијата, овојпат, самиот се „предрибла“. Како што би рекол Велија Рамковски, „и Груевски се претера“.

Коцката е фрлена! На 31 јануари Груевски го премина неговиот Рубикон, од каде што враќање назад – нема! Колкав ли страв од „папката“ на Заев би можел да има еден премиер, кој девет години суверено го контролира и навигира целиот институционален апарат на државата, штом бил принуден лично да чукне на вратата на МВР, да свитка парче хартија и да ја пријави „тајната уцена и закана“, која со месеци е најјавно официјализирана стратегија на СДСМ и гласи: „Груевски мора барем да слушне зошто инсистираме на техничка влада која би ги спровела следните избори, со оглед на доказите за изборни фалсификати со кои располагаме!“.

Секој политичар од демократски формат, кој држи до личниот и политички морал во практикувањето на власта, би посакал да види за какви докази станува збор, за во иднина да елиминира или да сведе на минимум каква било компромитација на демократските стандарди. И Груевски посакал да ги види. Ама не за да ги отстрани од практиката туку за да спречи тие докази да ја видат светлината на денот.

Верувам, нема граѓанин кој изминативе месеци не си го поставил прашањето што содржи „бомбата“ на Заев, секако, со доза на нервоза од фактот што постојано ја најавуваше, но не ја објавуваше. За волја на вистината, воопшто не беше мал и сомнежот дека можеби таа се темели на некаков итарпејовски штоф, евтин и проѕирен како и методите на познатиот иноватор на власта, Бранко Јаневски, познат по создавањето изборна забуна кај граѓаните со креирање дублерски изборни листи. Се сеќавате, нели, дека за социјалдемократката Рада Шеќеринска имаше дублер во својата нова социјалдемократка, бабата Рада Шеќеровска, за Никола Поповски свој Никола Попо(в)ски и така – цел список со исти имиња.

Но, ѓаволот ги однесе сомневања за таков шунд, откако Заев потврди дека одложувањето на објавувањето на „бомбата“ е поврзано со исполнување одредени безбедносни гаранции за загрижените граѓани кои му ги доставиле клучните информации. Фактот што денес неколку македонски граѓани или можеби цели нивни семејства, веројатно со друг идентитет, мора да живеат далеку од Македонија, сведочи за поразителниот факт дека овде ништо институционално не може да се спроведе во интерес на државата, а без страв од казна од неа. Не само што во практика нема реална заштита за „свиркачите“ кои пријавуваат криминал туку напротив – ги чека долг и тежок прогон!

Денес, кога според Заев, операцијата на нивно селење е завршена, претпоставувам во максимална тајност, нешто налик на „истоварувањето во Нормандија“, се прашувам дали Груевски е свесен за ваквите импликации од неговото владеење? Дали верува дека властите на некоја земја на „жими мајка“ од некој си Заев би им дале постојан престој на тие лица? Дали Груевски навистина е толку наивен да мисли дека меѓународната зедница ја проголта оваа евтина приказна за „пуч“? Па претставници на таа меѓународна заедница веќе видоа еден пуч – на 24 декември 2012 година.

Си-ен-ен не ја симна од програма снимката на која претставник на извршната власт, министерот Зоран Ставревски, во стилот на отправник на возови мавта со раката давајќи му одобрение на собраниското обезбедување да ја исфрли опозицијата од законодавниот дом, во кој тој беше гостин, а избрканите пратеници – домаќини! Испрати ли Брисел медијатор? Дојде ли Филе? Се потпиша ли Договорот од 1 март? Се врати ли дијалогот? Сега, по две години, неуспешниот дијалог се преведува во „обид за пуч“?

На Брисел веќе му е јасно дека неговата попустливост пред две години кон „демократските стандарди“ на власта, не само што не ја намали авторитарноста туку ѝ даде крила за нова акција која сега кулминира во последна пресметка со опозицијата. Доцна е ним Груевски да им објаснува што е пуч.

Патем, има ли таков кредибилитет премиерот, чија партија расветлувањето на „црниот понеделник“ и препораките за спречување такви ситуации го изедначи со ролна „тоалетна хартија“? За негова несреќа, сега токму „пучот“ има статус на таква „ролна“ што трагикомично се тркала од зградата на „Илинденска“ број 2 сѐ до Брисел и Вашингтон.

Дали знае Груевски колку од неговите најавени инвеститори писмата за намери си ги вратија во фиока? Ним им е сосема јасно за каков „пуч“ станува збор кога „пучистот во обид“ е на слобода, тајни снимки од кабинетот на Груевски шетаат по Јутјуб, шефот на државата наместо да го свика Советот за безбедност, по сила на „систематизација“ токму сега го укинува заменичкото место во Агенцијата за разузнавање, а притоа наоѓа и време да оди на погреб во Софија?

Зарем во ситуација во која е спречено уривање на уставниот поредок, не можеле да делегираат друго лице да присуствува на последното испраќање, на, без сомнение, големиот пријател на Македонија, Жељу Желев? Треба ли да потсетам дека и министерот за одбрана спокојно замина на молитвен појадок во Вашингтон?

Сите овие детали, во пакет со „минатиот труд“ на Владата набројан во сите извештаи на ЕК, Стејт департментот и на бројни релевантни меѓународни институци, во очите на меѓународната заедница сосема јасно го портретираат не „пучистот“ туку пријавувачот на наводното дело. Денес, кога би можел да го врати времето, мислам дека Груевски со две раце би прифатил разговор за сите пет барања на опозицијата.

Попрво би скршил нога, отколку да го реализираше она пропагандистичко јавно обраќање, кое по ниту една точка не се совпаѓа со соопштението на МВР. Кој ќе успее да разбере дали осомничените добивале материјали од странство или ги праќале во странство, треба да добие награда – туристичка прошетка низ капацитетите на службата за следење на комуникациите.

Груевски со овој потег ги разбуди хибернираните легалистички клики на сопственото уништување. Претпоставувам, со сесрдна помош на неговите советници, кои одамна изгубија ориентација за границата што ја дели реалноста од пропагандната фикција. Премиерот, кој досега многупати вешто ја надмудруваше и надигруваше опозицијата, овојпат, самиот се „предрибла“. Или како што би рекол Рамковски „и Груевски се претера“.

„Кога луѓето посочуваат дека се разочарани или фрустрирани од нешто што не функционира, тогаш значи дека постои проблем во демократските процедури, а не дека се непријателски расположени кон Македонија“, изјави претставникот на американскиот Стејт департмент, Томас Мелија. Еден премиер, по девет години власт, би требало да знае да чита што значи „во превод“ оваа изјава: „Нема пуч од опозицијата, туку пуч од власта врз институциите“.

Сега на потег е Заев. Не заради неговиот политички кредибилитетот кој целосно го врза со објавувањето на „бомбата“, бидејќи неговата лидерска функција во моментов е споредна работа туку заради вистината што им ја вети на граѓаните на Македонија. Јавноста има право да знае, а Заев има обврска да соопшти. Во спротивно станува соучесник, затајувач на евентуални докази за криминал.

Ако опозицијата реши за тој чин да го искористи имунитетот што ѝ го даваат мандатите во Собранието, треба да биде свесна дека товарот за обелоденување на сознанијата ќе падне на пратениците кои јавноста практично и не ги знае. Ако реши тоа да го направи надвор од Собранието, тогаш лично раководството мора до крај да биде подготвено за сите ризици, вклучително и за апсење, уште пред да каже макар и една реченица.

Уште сега е јасно дека се подготвува терен доказите да завршат како во случајот „Македонска банка“. Уште сега јавноста се „едуцира“ дека по долго снимање на нечиј глас, кога ќе се собере фонд од 2.000 до 3.000 зборови од одредено лице, со нив може да се прави секаква комбинација и монтажа. Но, ништо од вака рано подготвуваната „превентива“ за премиерот, не смее да биде причина опозицијата да се повлече. Дури и по цена да ја уапсат сета опозиција и сите новинари што ќе се дрзнат да објават дел од материјалите.

Додека сцената се подготвува за долг и исцрпувачки процес, не се неважни шпекулациите дека и во Јавното обвинителство размислуваат за оставки. Намерата е голем сигнал за реакција на притисокот. Прашање е дали Обвинителството ќе се одважи да работи по словото на законот или ќе прифати и натаму да биде омаловажувано и изненадувано со тоа што секој ден куп „докази за маскираниот Заев“ ќе му се тркалаат по насловните страници на провладините медиуми.

Соопштението што излезе од Обвинителството веќе се третира како четиво достојно за зачленување во Друштвото на писателите на Македонија. Обвинителот мора да биде свесен дека сега и тој стои на брегот на Рубикон. Ќе ја фрли ли коцката? Ќе премине ли конечно на страната на законот?