Кризогена коалиција, или коалиција за излез од кризата?

Колумна на Димитар Димитров

Тоа е сега наша варијанта на прашањето „Да се биде, или не?“  И тоа е најважната поука и порака од овие предвремени избори. Па таа перспектива го носи клучот за формирање ново парламентарно мнозинство и нова влада.

Пред се` – поклон пред  бројките.  Поклон пред гласачите/граѓаните/народот. Бројките многу кажуваат за народот,  за патот кон кризата и за патот од кризата. Ајде да ја откриеме народната мудрост и волја положени во бројките.

На изборите,  предизвикани од кризата  и договорени како едно од најлегитимните средства за нејзино решение, партиите од владејачката коалиција добија помалку гласови од опозиционите партии. Фактот што тоа не доби соодветен израз во мандати, што допушти дури симболично мнозинство во мандати на досегашната владејачка  коалиција, се должи на изборниот модел со шесте изборни единици, поради што останаа без мандати неколку мали опозициони партии. (Поука во врска со тоа: една изборна единица на целата територија, но и намалени лидерски амбиции!)

Шемата што генерираше млади диктаторчиња (заснована врз меѓуетнички делби и внатремакедонски  делби по мотиви/фронтови  од минатото), попуштила, и покрај континуирана партиска и медиумска пропаганда

На сите претходни критички адресирања, домашни или меѓународни („бомбите“ на Заев, Извештајот на Прибе, Извештајот на Европската комисија, Собраниската анкетна комисија, Специјалното јавно обвинителство), Груевски им ги противставуваше народот и изборите. Народот на изборите пресудува и тој знае како да пресуди, т.е. ќе обезбеди 63 пратеници,  ќе му даде  сила да ги анулира сите тие деструктивни адресирања   и да ги клоцне  нивните спроводници Ванхојтевци, Катици.

Овој пат народот не му ја исполни неговата демократска (!) мечта да не губи време во собраниски расправи и да не биде уценуван од Албанците. Шемата што генерираше млади диктаторчиња (заснована врз меѓуетнички делби и внатремакедонски  делби по мотиви/фронтови  од минатото), попуштила, и покрај континуирана партиска и медиумска пропаганда.

Таа фингирана шема, со време, добила силен  противник  во реалното социјално раслојување, што почнало со криминалната приватизација и се утврдило во продолжителен грабеж. Непосредниот говор на тоа раслојување, помогнат со експлицитните информации од масовното прислушување, го потиснал говорот на пропагандата.

Овој феномен,во услови на партија-држава, е знак за квалитативно граѓанско поместување/еволуција, т.е. за одлевање на народот од таа партија-држава и најава на една нова политичка реалност. Спрема оваа реалност, реалноста на Груевски и на Ахмети е пречекорено и прекршено скалило.

Зад божемната грижа за својот етнос наспроти другиот како страшило, гласачите осознале ниска манипулација од демагози, чија некомпетенција  и неодговорност за res publica ги фрлиле во сиромаштија  еднакво и Македонците, и Албанците, и припадниците на сите други етноси, доведувајќи ја земјата во „ќорсокак“ (Филе).

Па скандирањето на Артан Груби со „УЧК!“  и дефокусирањето на Груевски од криминалот кон федерализацијата, постигнале помал ефект од  социјалните услови и од разговорите-договорите (на снимките) меѓу Ахмети и Груевски за недела против своите сонародници, заради лично незаконско богатење. Така Албанци гласале за македонска партија! Според  Ахмети тоа е загуба за албанскиот народ, според Груевски тоа е предавство на Македонија!

Задоцнетите племенски старешини не разбрале дека нивното крајно постигање – „заробената држава“ (последниот Извештај на ЕК)- предизвикала копнеж по слобода и правда, изразен во девизата „Нема правда – нема мир!“ и во повици за одговорност. Од Студентскиот пленум до „Шарената револуција“ се извршила преобразба на поданикот во граѓанин – оној кој лично избира. Тој граѓанин не е анти-Албанец, анти-Македонец, предавник, соросоид. Тој е народот. И негова е државата. И тој е решение на кризата.

Од Студентскиот пленум до „Шарената револуција“ се извршила преобразба на поданикот во граѓанин – оној кој лично избира. Тој граѓанин не е анти-Албанец, анти-Македонец, предавник, соросоид. Тој е народот. И негова е државата. И тој е решение на кризата

Како таков, граѓанинот-народ во принцип е негација на партијата-држава,т.е. на режимот. Тоа ја прави апсурдна помислата за уште едно продолжување на кризогената коалиција. Народот им свртел грб на Груевски и на Ахмети и го привел кон крајот векот на инсталацијата на Милошевиќевскиот режим во Македонија. Прогласот на Груевски, што се заканува со воскреснување на таа инсталација, ќе остане нејзин епитаф.

После  ваквиот избор и пресуда на народот, да се смета на профит од меѓуетничко наддавање, би значело да се сподели криминалот на Груевци, кои Правото (СЈО) ги гони како „злосторничко здружение“, скриено имено зад етничката карта. Би значело да се наседне на подлата замена на тезите со федерализацијата и двојазичноста,  откако гласачите јасно ја прозреа, а Груевски продолжува да ја турка и во врска со коалицирањето. Би значело да се аболицираат  престапници кои при владеење на правото би биле веќе лишени не само од функциите, туку и од слобода; и да и`  се продолжи мандатот на  нивната злоупотреба на политиката и на власта. А Албанците од Арачиново, Брест, Танушевци, кои немаат проблем со јазикот, туку со живеачката, да продолжат  да преживуваат тука или да се иселат надвор, наспроти проблемот со јазикот таму. Што е, за жал, судбина на целата наша сиромаштија.

Гласовите за опозиционите албански партии и албанските гласови за СДСМ, ги поврзува позицијата против режимот. ДУИ како дел од режимот е поразена. Албанскиот народ во моментот е за опозицијата. Пораката што од тоа произлегува за албанските партии е – да бидат со својот народ. Да направат коалиција со СДСМ, врз платформата на Пржинскиот договор, и да не го товарат Заев со услови што не биле дел од кризата, зашто така би ја  наведувале водата кон воденицата на Груевски.

Резултатите од овие избори не` упатуваат на работа на општото добро. Токму во тоа режимот потфрлил и тој пропуст го камуфлирал копајќи јазови по етнички, верски, идеолошки, идентитетски основи или врз нивни комбинации. Крадејќи имоти и животи, задолжувајќи родени и неродени. Македонци, Албанци, верници, атеисти, „комуњари“, „балисти“,  „соросоиди“,  славјански Македонци, антички Македонци… Зад таа камуфлажа изборите открија онеправдано сиромашно граѓанство, желно за живот, за правда, за човечка заедница.

Посветеноста на тоа граѓанство обезбедува достојна легитимација на политиката денес и тука.