Крстот на македонското новинарство

Турлитавата направена од сапуницата „градиме/не градиме крст“, всушност, зад себе ја крие идејата на некој вид генерална проба, па во ракавот се остава кецот во форма на крст за да се употреби во некој проценет поповолен тајминг.

Знае ли некој воопшто: ќе се гради ли крст во Бутел? Или нема? Или ќе се гради парк на соживотот на тоа место? Или нема? Или нема да се гради ништо? Ја анулираше ли Владата одлуката на општината Бутел за изградба на крстот или не? Донесе ли општината Бутел воопшто таква одлука или не? Се постави ли воопшто камен-темелник за изградба на крст? Или не се постави? Или тоа беше камен-темелник за Парк на солидарноста? Или не беше ништо? И што тогаш таму правеше дедо Стефан? (Добро, ова е реторичко прашање, бидејќи не е првпат да осветува нешто што не постои или нема да постои.)

Она што е единствено јасно од големото тресење на гората од која требаше да родат лавови и орли со две глави, а не се роди ниту она мачето од твитовите на Питер Ванхауте, е дека се работи за – манипулација!

Се разбира, станува збор за општествена манипулација, а медиумите се тука само средство, некој вид алатка таа манипулација да се оствари. Впрочем, кусата и тажна историја на македонското новинарство јасно и прецизно нѐ учи да ја препознаеме манипулацијата, која најчесто доаѓа од авторитетите, кои по природата на својата работа (функција) имаат повеќе информации за некој настан, односно ја гледаат големата слика. Работата е во тоа што таа слика се прикажува фрагментирано, во зависност од потребата на денот, односно на авторитетот (моќникот). Во спротивно, не би постоеле толку неодговорени прашања.

Во книгата „Изманипулиран збор“, францускиот автор Филип Бретон наведува десетици типови манипулација што се користат во медиумите, а во случајот „крстови и орли“ се речиси сите тие искомбинирани.

Повеќето новинари го распнаа и онака слабото и рахитично македонско новинарство на сѐ уште неизградениот крст

Пред сѐ, станува збор за проектирање состојба која потем се вади од контекст и се користи според потребите. Во овој случај, симболичката вредност на крстот се преобразува од религиска во национална, а националната потоа се идентификува како државна вредност. Па затоа, одбраната на изградбата на крстот се идентификува со одбрана на државата, односно земјата. Во овдешната манипулативна практика, одбраната на државата се поистоветува со одбрана на институциите претставувани од нивните раководни структури, па така на крајот произлегува дека врвен патриотски чин е да се одбранат фотелјите на функционерите.

cuellar via Fotercom CC BY-NC

Илустрација: cuellar / Foter

Турлитавата направена од сапуницата „градиме/не градиме крст“, всушност, зад себе ја крие идејата на некој вид генерална проба, па во ракавот се остава кецот во форма на крст за да се употреби во некој проценет поповолен тајминг. Затоа и останува недоразјаснето (поточно воопшто неразјаснето) дали крстот воопшто ќе се гради или нема. Во принцип нема да се гради, ама во секое време може да почне да се гради.

Според класификацијата на споменатиот Бретон, тука главно станува збор за „аргументот на авторитетот“, при што авторитетот може да биде политичар, но и наводно истакнат колумнист или некоја јавна личност. Овој метод се базира на употреба на силно емотивно обоени зборови, за кои се очекува дека ќе бидат прифатени само затоа што доаѓаат од некој авторитет. Тука, пред сѐ, станува збор за емотивно нијансирање на исказот, негово повторување што создава извесен условен рефлекс кај одреден поединец или одредена група за предизвикување негативна емоција кај читателот/гледачот. Оваа таканаречена афективна (емотивна) манипулација, најчесто се комбинира со некој метод на таканаречената когнитивна, односно рационална манипулација. Во овој случај, доминантен е таканаречениот лост на отровот, односно употреба на симболи за кои постои негативно мислење, а со кои се сатанизира спротивната страна: терористи, демони, рушители, исконски расипани итн.

Медиумите му служат на општиот општествен интерес, а тој не секогаш се поклопува со барањата и желбите на граѓаните

Впрочем, основната карактеристика што го разликува таканареченото одговорно новинарство од она другото е токму подложноста на овој тип манипулација. И на другите видови, се разбира. Основната грешка што многу медиуми, особено оние провладините, ја повторуваат како мантра во форма на доблест, е догмата дека медиумите им служат на граѓаните, што, иако убаво звучи, е сосема погрешно. Медиумите му служат на општиот општествен интерес, а тој не секогаш се поклопува со барањата и желбите на граѓаните. На пример, медиумите можат да им служат на граѓаните и преку економската и политичката пропаганда, но тоа не значи дека пропагандата е општ општествен интерес. Напротив, нејзино разобличување е!

Со други зборови, одговорното новинарство бара одговорни медиуми и одговорни новинари, кои потоа создаваат одговорна публика која може самата да донесува свои заклучоци. Наспроти ова, манипулацијата создава неодговорна и мрзлива публика, која во суштина не е свесна за влијанието извршено врз неа, односно дека е манипулирана, па наметнатите заклучоци ги прифаќа како свои.

За среќа, иако во длабоко малцинство, постојат и одговорни медиуми што се трудат одговорно да ја отсликаат реалноста. Тоа, впрочем, можеше да се види токму и со случајот со крстот и со релативно малиот број изманипулирани граѓани во овие настани. Иако, ако сакаме да бидеме искрени, повеќето новинари го распнаа и онака слабото и рахитично македонско новинарство на сѐ уште неизградениот крст.