Кучињата чувари и кучешките синови

„Кучињата – чувари на демократијата“ сосема легитимно се претвораат во „кучиња – чувари на режимот“. Особено ако режимот се прогласува за неспорно демократски. А има и премногу кучешки синови што имаат волја тоа да го потврдат.

Иако препознаен, еден детаљ од инцидентот со пробивањето на блокадата на Шарената револуција од страна на „лажното“ возило за брза помош, остана помалку забележан, а заслужува многу посериозно внимание. Тоа е појавата на новинарската екипа на неделникот и портал „Република“ истовремено со пристигнувањето на автомобилот на брзата помош.

Претпоставка е дека „тенкото“ обрнување внимание на појавата на „провладините“ новинари се должи на фактот дека на јавноста ѝ е одамна видлив начинот на манипулативното и денунцијантско информирање во овдешниот медиумски простор, па затоа и наведениот случај наводно не би требало да заслужи некој особен третман.

Впрочем, не се забораваат сликите со до заби вооружени полицајци кои, пред камерите и фотоапаратите на бројните „чувари на демократијата“ апсат некои повидни опозиционери и неистомисленици на власта (Љубе Бошковски) или, во исто таква сценографија, сцените на наводната борба против корупцијата, со полициски упад во кампусот на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ . Tакви акции, се разбира, нема против носителите на политичката или корпоративната корупција.

Јасни се причините на државните и политичките репресивни и нерепресивни органи вака да ги (зло)употребуваат медиумите (демонстрирање сила, глумење антикоруптивна борба, фалсификување правна држава) и, со самото тоа, донекаде се и разбирливи; но причините зошто медиумите послушно ги следат „наредбите“, остануваат сосема неразбирливи.

Имено, има некое трогателно достоинство во тоа медиумите да ја одработат работата на полицијата, па со самото тоа да ја присилат да си ја врши својата должност, иако можеби и не покажувала некој преголем ентузијазам да се зафати со својата работа. Меѓутоа, одвратно е кога новинарите дејствуваат заедно со полицијата. Како што е одвратно кога дејствуваат заеднички со режимот на задоволување на потребата оние што ги блокираа раскрсниците да се дезавуираат како платеници, предавници и бесчувствителни и нехумани суштества кои не дозволуваат да помине ниту брзата помош. Токму затоа што не е само неетичко, непрофесионално туку токму денунцијантско.

На крајот од краиштата, и во речниците за странски зборови, под одредницата „денунцијација“, меѓу другите објаснувања ќе најдете дека станува збор за „објавен текст или јавно изговорен збор во форма на привидно објективен осврт, стручна критика итн., со цел некој пред власта, пред влијателните групи или во јавноста да се прикаже како непријател, личност која е штетна за јавниот интерес итн.; клевета, лажно обвинување“.

Со други зборови, причините за ваквото однесување на медиумите длабоко задираат во моралната (возможно и финасиската) патологија. „Кучињата – чувари на демократијата“ на овој начин сосема легитимно се претвораат во „кучиња – чувари на режимот“. Особено ако режимот се прогласува за неспорно демократски. А има и премногу кучешки синови што имаат волја тоа да го потврдат.

„Правото јавноста да знае“ станува флоскула, со која се пробиваат приватните бариери, се жигосуваат поединци, а на крајот се претвора во отворен повик за линч

Ако сакаме да бидеме злобни, ќе кажеме дека разликата меѓу отворената деспотија (диктатура) и прикриената со наводно демократски систем може да се воочи и по односот кон медиумите – дали се тие затвореници или соучесници. Нивото на послушност се подразбира, но во прашање е дали се оди на кастрација или на креација?
Во секој случај, на сила е редефинирањето на она што вообичаено се нарекува „слобода на печатот“. Имено, темелните основи на слободата на јавниот збор секогаш се билдале врз основа на критиката и дистанцата кон власта. Итроштината е во тоа што поради извесната дозволена (дури и наметната!) доза на критикување, токму во името на таа иста „слобода“, поголемиот дел од медиумите, особено оние „официјалните“, поентузијастички му слугуваат на режимот отколку кога било порано.

На тој начин, медиумите стануваат дополнително средство на репресија. „Правото јавноста да знае“ станува флоскула со која се пробиваат приватните бариери, се жигосуваат поединци, а на крајот се претвора во отворен повик за линч.

Наводно, една од причините за блокирање на меѓупартиските преговори се токму медиумските реформи, каде што главните политички опоненти не можат никако да ги приближат ставовите. Се разбира, ние не можеме да знаеме која е можната точка на нивно приближување, затоа што преговорите и по ова прашање се водат (ако воопшто се водат) целосно нетранспарентно.

Она што бегло и површно може да се слушне се обвинувањата на владејачката партија дека опозицијата се залага за цензура (што самото по себе е нонсенс), додека опозицијата тврди дека бара ослободување на медиумите од стегите на власта. Ние нема да заклучуваме чии ставови се исправни, затоа што информациите не ни се достапни, а дефицитот на информациите најгласно говори токму за степенот на демократијата во земјата.

Впрочем, средишното прашање на сите теории за демократијата, всушност е начинот на кој на граѓаните ќе им се пружат информации, знаење и простор за расправа, кои им се нужни за да можат ефикасно да управуваат со своите животи. Според американскиот теоретичар Роберт Мекчесни (Robert W. McChesney), одговорот е во образовниот систем и во медиумите.

Според него, тешко е замисливо демократско општество, ако медиумите и образованието се организирани на начин да ја поткопуваат демократијата, односно да бидат исклучиви во своето манифестирање. Затоа тој смета дека јавните расправи и одлуките за образованието и медиумските политики се клучни за карактерот на демократијата во секое општество.

Ако оваа хипотеза ја земеме како точна, тогаш не е тешко, песимистички да се заклучи дека македонската демократија се наоѓа во некоја претпотопска фаза на својот развој.

Затоа и изгледа сосема нормално парадржавните органи и медиумите да влезат во денунцијантски заговор за оцрнување на протестирачите од Шарената револуција. И на тој начин да ја чуваат демократија исто онака како што мачката го чува глушецот, козата – зелката, зајакот – морковот…