Лажниот цар Никола Мали

Има нешто симболично во периодот на апсењето на извесниот Стефан Чернетиќ, кој покрај безбројните светски титули, одбра да се претставува како принц на – Црна Гора и Македонија! Добро, тоа му е наследна титула, а во суштина, судејќи според неговата веб страница може да се види дека човекот е уште принц и на Србија, Албанија и Војводина, а и титулар на Константинопол, Романија и Грција! Според она што може да се прочита на веб страницата, човекот е во директно сродство со царот Константин, а лозата му стасува дури до Гај Јулиј Цезар. Или, како што некаде веќе беше напишано, неговата лоза е толку древна што на неа никој повеќе не се сеќава, освен, се разбира самиот Стефан Чернетиќ.

Оваа реинкарнација на славниот црногорски лажен цар Шќепан Мали (патем речено, тие се практично имењаци, бидејќи Шќепан е црногорска варијанта на името Стефан) има направено и некои навистина кралски потези. На пример, на Памела Андерсон ѝ доделил титула на Големата дама на Црна Гора што е потег против кој веројатно нема ништо против ниту еден чесен Црногорец. Дури, напротив! Потоа јадел и пиел по луксузни ресторани и ресорти што исто така е прилично нобл. До оној момент додека неплатените сметки не стасале до црногорската и македонската амбасада. А овие, се чини, и немале некое особено разбирање за кралските потреби. Како ни италијанските карабинјери.

Во Италија е уапсен извесен Стефан Чернетиќ, принц на Црна Гора и Македонија. Македонските лажни цареви уште шетаат по земјата и држат исто толку лажни политички говори

Лажниот цар Шќепан Мали влезе во црногорската историја, меѓу другото, и како сериозен реформатор на црногорската држава (ја укинува крвната одмазда, го создава првиот официјален суд – совет од 12 племенски старешини, ја формира првата постојана вооружена единица…). А во светската историја влезе единствено како – измамник! Тоа е веројатно единствената сличност со денешниот Шќепан Чернетиќ, иако овој актуелниот ни од далеку не е од таков маштап како неговиот славен претходник.

Но, која е врската на Стефан Чернетиќ со Македонија? Од каде сега излезе дека е и македонски принц? И од која факинг македонска династија? Дури и проучувањето н неговото официјално интернет-претставување не може да ви даде задоволителен одговор. Имено, дури и самиот Стефан не успеал да ги поврзе своите корени со Александар Македонски, на пример. Па дури ни со зетот на Самоил, владетелот на Зета (денешна Црна Гора), кнезот Владимир (попознат кај нас под името „Владимир и Косара“). Добро, освен ако не се земе предвид новопечениот историски факт дека царот Константин, оној што го основал Цариград и чиј, ете, директен потомок е нашиот Чернетиќ, е Македонец! Впрочем и презимето Чернетиќ, за кого неговиот носител е убеден дека потекнува од Черноевиќи, всушност е црногорска варијанта на познатото македонско презиме Черноземски!

Има, се разбира дека има, и тоа каква врска лажното претставување на овој 56-годишен Црногорец во дијаспората со денешната Македонија. А тоа можеше да го види секој оној до кого стасале барем оскудни информации за прославата на јубилејниот 27-ми роденден на ВМРО-ДПМНЕ и уште појубилејната 124-годишнина од историското ВМРО. Само што во нашиот случај се работи ем за лажен цар ем за цело едно лажно царство. Заедно сосе Черноземски. Пардон Чернетиќ.

Никола Груевски најавува чистки во партијата. Наводно имало грешки, кои биле мали, наспроти успесите што ги постигнале. Како и лажниот принц од овој текст, кој упорно ја демантира италијанската полиција дека е уапсен, и нашиот принц упорно не сфаќа дека најголемата причина зошто ВМРО-ДПМНЕ не е повеќе на власт лежи токму во него

Говорот на Никола Груевски лично не можев да го протолкувам никако поинаку, освен како говор на некаков човек кој лажно се претставува како принц, крал, цар… што ли? И, како и на Стефан Чернетиќ, има луѓе што (уште) му веруваат! Просто неверојатно со каква убедливост нашиот Никола Мали говори за партизираност на судството, за притисоци врз медиумите, за заробена држава… Веројатно дури и несвесно одавајќи му така признание на СДСМ, која, ете, успеала во две недели да го направи она за што на ВМРО-ДПМНЕ му требаа 11 години.

Никола Груевски најавува чистки во партијата. Наводно имало грешки, кои биле мали, наспроти успесите што ги постигнале. Како и лажниот принц од овој текст, кој упорно ја демантира италијанската полиција дека е уапсен, и нашиот принц упорно не сфаќа дека најголемата причина зошто ВМРО-ДПМНЕ не е повеќе на власт лежи токму во него, барајќи ја одговорноста кај оние што токму него беспоговорно го слушаа.

Буквално од секоја реченица на роденденскиот говор на Груевски избликнува – лажно претставување. Груевски вели дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го менува односот кон етничките заедници и кон странците. Што значи тоа? Ќе стане кооперативен по прашањето за името, на пример? Ќе промовира политика на братство и единство? Ќе стане некаков хипи-гуру што ќе пее песни на Џон Ленон?

И што значи тоа „виетнамско сценарио“? Американска агресија врз Македонија? И кого ќе го бранат Американците тука? И кого ќе го напаѓаат?

Просто извира од овој говор некаква комплетно лажна политика, лажна слика за евидентната реалност. Толку лажна, колку што се лажни барокните фасади, посадени низ Скопје. Колку што се лажни восочните фигури во Музејот на ВМРО. Конечно, колку што се лажни и неговите кулиси, кои послужија како сценографија за оваа кичеста роденденска прослава.

И затоа, ако некој во ресторан ви се претстави како принц-наследник на Александар Македонски и со тоа оправдување ви побара да јаде и пие на ваша сметка, не верувајте му. Не е тоа никаков потомок на Александар Велики – тоа е Хо Ши Мин, лично.

А сметката од ресторанот секако ќе стаса.