Ленче, пругата и ние

Некој ви го изгребал возилото, друг ви го зафатил местото за паркинг, мајсторот лошо ви го бојадисал паркетот, фризерката ви ја згрешила нијансата на бојата, имало предолга редица пред каса во продавница, матичниот лекар ви заминал на конгрес, келнерот сте го чекале повеќе од 10 минути, не сте го добиле платениот поглед на море…

Ова се само дел од причините поради кои нашиве граѓани може да пламнат во бес. Се дебатира за тоа, се раскажуваат „танталовите маки“, сите на социјалните мрежи мора да разберат за „големите“ проблеми.

Не, не сме малодушни. Ние сме разгалени и аздисани, луѓе кои не виделе вистинска мака во животот, научени сѐ да чекаат на тацна, да ја прозиваат државата и кога дома им протекува покривот, а со години не удриле шајка.

На овие аспекти од нашето поведение ме наведе завчерашната средба со Ленче Здравкин, на која ѝ ја посветувам оваа колумна. Нема некој што не слушнал за неа. Хуманитарка не е термин со кој таа може да се опише. Зашто е многу, многу повеќе од тоа. Наградата „Мајка Тереза“ што треба да ѝ биде врачена на 26 август, ја сметам само за симболично признание за сѐ што има направено оваа грандиозно хумана, раскошно скромна и благородна жена.

За разлика од мене, од тебе, од нас, Ленче, низ чиј дом поминале стотици тешки животни приказни, сосема јасно ги гледа сите небитни работи над кои трошиме драгоцено време, енергија и меѓусебни навреди.

Нејзините приказни за бегалците се вистинско враќање во реалноста: кога човек е далеку од војни, страдања, бегалски кризи, кога тоа го гледа само на екран, кога донира, но нема контакт со судбините на тие луѓе, губи чувство и мерка за тоа што е навистина трагично и тешко. За разлика од мене, од тебе, од нас, Ленче, низ чиј дом поминале стотици тешки животни приказни, сосема јасно ги гледа сите небитни работи над кои трошиме драгоцено време, енергија и меѓусебни навреди.

Додека разговараме, ја зема чашата вода во раце и ми вели: „Сфатив дека една мала чаша вода вреди живот. Луѓе умираат за неа. Треба максимално да го цениме она што го имаме. Да не се караме по социјалните мрежи, да не шириме омраза“.

Точно. Кога ја полниме чашата со вода, никогаш не сме свесни дека е благодат да ја имаш. Дека некои ја немаат. Истото како и лебот. Свеста за тоа расте дури кога ќе ги изгубиш и мирот, и покривот на главата, и градот во кој си живеел, и блиските, и ќе тргнеш во неизвесност далеку од дома, во надеж дека некој ќе ти подаде парче леб и чаша вода, како што Ленче го правеше во изминатите пет години. И сѐ уште го прави.

Ми раскажува како пронашла и споила семејство разделено во Турција и Холандија. Им купила авионски билети. Сега се сите заедно во Холандија. Ми покажува нивна фотографија. Ја слушам и го пресликувам тоа во нашата реалност.

Како семејство од граѓани сите сме овде, заедно, а сме разделени по сите основи. Како да не постои „билет“ што ќе нѐ спои. Се жали Ленче дека „социјалните мрежи вријат од навреди, кавги и од говор на омраза“. Ѝ велам: „Не сум присутна таму од ‘хигиенски причини’, но многумина ми се жалат дека е така“.

Во моментов имам впечаток дека функционираме како внатрешно раселени во виртуелен свет, кој оттаму се прелева и ни ја контаминира реалноста. Омразата не останува на социјалните мрежи: се шири во секој слободен простор. Предреферендумскиот период бележи кулминација од најтешки зборови и навреди. Се прашувам – не можеме ли ништо подобро од тоа? Не можеме ли да разговараме културно, со аргументи, без плуканици? Толку ли не можеме да разбереме дека мирот и благосостојбата не паѓаат од небо? Дека треба да се бранат и унапредуваат секој ден?

Можеби ништо во моментов не е, и не ни изгледа совршено, но сите заедно треба да се стремиме кон тоа. Сегашните вербални алатки не ни се соодветни за таа цел. Со раздор и поделби никој не станал подобар човек и ниедно општество не станало поуспешно и покохезивно.

Ги разлистувам фотографиите на Ленче. Има голема симболика во нејзината куќа покрај пругата. Таа го одбрала патот по кој ќе оди. Прашањето е во која насока сите ние ќе тргнеме по пругата – напред или назад? Ќе дозволиме ли шансите за напредок да ни се лизнат низ рацете како непромислено истурена чаша вода, или ќе ја чуваме како капка на дланка, свесни дека секој ден не се добива таква можност?   

Познатата сентенца за „крв, солзи и пот“ има едно значење кога се бориш нешто да создадеш и унапредиш. Но, крвта, солзите и потта имаат сосема друго значење откако непромислено ќе ја изгубиш можноста. Прашањето е дали ќе бидеме ретроградни и пасивни кон сопствената иднина или активни и мудри во нејзиното кроење?

Кампањата за референдумот за интеграциската иднина на земјава нема да смени ништо значајно во одлуките на луѓето. Тие што се решени да го поддржат, ќе го сторат тоа и без влијанието на јавната пропаганда. И обратно.

Чарлс Симиќ во еден расказ опишува на какви посвети наидувал разлистувајќи стари книги во една њујоршка антикварница и споредува колку од нив се потврдиле во сегашноста. Една од нив, посветена на нечија ќерка, гласи: „Хуманоста и мудроста нека бидат твои животни цели. Во секоја пригода ќе знаеш како да постапиш, а среќата ќе биде награда за твојот труд“.

Ленче и без таква посвета го избрала патот на хуманоста и мудроста. Преврзала илјадници рани, нахранила деца, возрасни… Зрачи со невидена енергија, искуството ја облагородило со мудрост каква што некои ни за цел животен век нема да стекнат, без оглед на какви позиции ќе бидат. Се воодушевувам од нејзината неуморност да помага, да создава, да руши предрасуди и стереотипи, да го изнесе на виделина најблагородното што човек го има во себе.

Големите аксиоми за хуманост, солидарност, разбирање не треба да останат само на индивидуално ниво, најмалку на декларативно и лишени од содржина. Треба да живеат со полн здив. Ленче го покажа тоа. Ако се обидат и Петре, и Весна, и Трајче и Билјана и илјадници други, нивниот број ќе го надмине бројот на тие што сѐ уште се сомневаат дека моќта на сплотеноста, солидарноста и разбирањето е магичната формула за успех.

И на крајот еден предлог за размислување. Кампањата за референдумот за интеграциската иднина на земјава нема да смени ништо значајно во одлуките на луѓето. Тие што се решени да го поддржат, ќе го сторат тоа и без влијанието на јавната пропаганда. И обратно.

Можеби е најдобро средствата предвидени за таа кампања да се насочат или пренаменат кон цели кои најдобро ќе покажат кон какво општество се стремиме. Нека биде тоа еден вид персонификација за скапоцената  „чаша вода“ што ќе ја препознаеме, цениме и подадеме некому. Таквиот референдум ќе биде навистина успешен.