Ловци на носталгија, гласови и на пари

Многу нешта се слушнаа во судницата во процесот за „Титаник“ околу начинот на незаконското изборно мобилизирање на иселениците. Во посочениот период, „според приложеното“ во практиката, дури и без „бомбите“, на сите им беше јасно дека целата влада и амбасадорскиот состав се впрегнати да обезбедат контингент гласачи, јасно за кого.

Во минатите години, македонската дијаспора беше интензивно третирана како ресурс за избори, но и ресурс за секакви видови политичка манипулација. Огромно мнозинство од неа, за жал, подлегна на второво. Делумно и разбирливо.

Офанзивата на претходната власт во земјите каде што доминираат македонски иселеници, преку масовна пропаганда, контролирани медиуми и игра на емотивно-носталгичниот елемент, си создаде за себе подобен електорат со сите нишани – активен и критичен глас, кој ќе се јавува во одбрана на тогашните владини политики (дури и во кризната 2015 година).

Без оглед на лукративните изборни интереси со кои ВМРО-ДПМНЕ партиски ја освојуваше наклонетоста на дијаспората, сепак верував дека тие персонални конекции биле градени врз минимум чесен и искрен однос кон нашите сонародници во странство.

Би било добро снимката од Протоѓер да го преплива океанот и да стигне до нашите иселеници

Но, слушајќи како се изразил Мартин Протоѓер во еден од разговорите со Миле Јанакиески, дијаспората има премногу причини да се чувствува навредена, омаловажена и брутално изманипулирана. Како што пренесоа медиумите, изјавата гласи: „Во секое ебено македонско друштво што го имаме, амбасадорите да назначат по двајца што ќе им вртат на луѓето да се пријават за гласање…“

Тој епитет со кои се почестени македонските друштва зборува многу повеќе и од подмолниот обид за спроведување изборен инженеринг во корист на власта. Тоа е вистинската легитимација за таа политика: понижи, употреби и фрли.

Сум посетила неколку македонски друштва во дијаспората, дел во Австралија, дел во САД. Таму има вистинско шаренило од луѓе – и според степенот на образование, и според (не)успехот на интегрирање во земјите, и според начинот на кој ги примаат вестите од татковината.

Некои ги анализираат, промислуваат, други слепо ја прифаќаат пропагандата, исклучиво врз основа на партиски преференции. Но, во едно сите се исти: работат напорно, ги помагаат финансиски нивните роднини во Македонија, штедат за авионски билети (за петчлено семејството, на пример, тоа не е мала сума) со цел што почесто да доаѓаат во татковината или во „стари крај“, како што највозрасните често се изразуваат. Сите чувствуваат огромна носталгија за Македонија, и без оглед што свиле гнездо на друго место, сакаат да се слушне и нивниот став за македонцките работи.

Македонските друштва се главните клетки во кои пулсира Македонија во странство. Најчесто тие функционираат во рамки на црковните заедници и таму организираат прослави, седенки, таму одбележуваат национални празници,  фолклорни настапи…

Таму се дружат и се запознаваат малите Македончиња од третата или четвртата генерација иселеници, таму се гледа кое дете колку го научило македонскиот јазик, колку песни знае, колку ора игра. Тоа се микросредините каде што тие го промовираат, чуваат, негуваат и го изразуваат идентитетот.

Има нешто многу и симпатично и архаично во тој пристап, нешто кое на младите што живеат во Македонија би им било чудно, бидејќи потсетува на некои поранешни времиња, кога главниот „живот“ овде се одвивал сред село, пред чешмата или во црковниот двор.

Но, кога живееш во метрополи, некои и со големина колку територијата на цела Македонија, единствено тие друштва се местата што ги собираат Македонците на едно место. И да ги наречеш нив „е.ени“, (покрај тоа што во организациско- изборна смисла веќе си ги истретирал како безлична маса што мора да трпи притисок од разни емисари), не само што е исклучително срамно, мизерно и злобно, туку ја урива целата слика што „патриотската“ партија ја градеше сакајќи да покаже дека има посебен третман кон иселениците. 

За жал, и денес продолжуваат истите обиди од структури во опозицијата, сега со цел да се „наштелува“ дијаспората за референдумското изјаснување. Би било добро снимката од Протоѓер да го преплива океанот и да стигне до нашите иселеници. До оние кои наивно верувале дека нивниот глас на контото на ВМРО-ДПМНЕ бил даден за развој на татковината.

До каде се развила во изминатите десет години, денес можат да видат и Бил Дунимаглоски, и Џорџ Ташевски, и Џими Николовски, и Џери Аспарухов (секако и Наумоф) и Џон Јовановски, и многу други што ги спомнувам како синоним за одбрана на името/идентитетот, мобилизирани сега преку македонски друштва со „идентитетската референца –  е.ени“.

Дали се чувствуваат помалку Македонци со тие имиња? Дали се согласуваат идентитетот на македонски друштва да биде така ословуван? Дали е тоа респектот што го заслужиле од ловците на нивните гласови? Дали „е.ениот“ ФИРОМ е достојно име за државата? Дали им пречи што земјите во кои живеат се членки на НАТО или на ЕУ? Зошто емигрирале токму во такви земји? Зошто не останале во Македонија, да искусат како приватната иницијатива се урива со динамит или пожар, а непослушноста со ендек или со отказ?

Националистичката матрица на ВМРО-ДПМНЕ, во изминатите години направи едно огромно зло, за кое дијаспората допрва ќе станува свесна

Да, има многу прашања, и секој ако не јавно, треба да биде чесен да си одговори барем пред себе. Националистичката матрица на ВМРО-ДПМНЕ, во изминатите години направи едно огромно зло, за кое дијаспората допрва ќе станува свесна. Се обиде да создаде и националистичка, а не патриотска дијаспора, да спроведе националистичка хомогенизација на една многу хетерогена категорија луѓе, да создаде своја задгранична партиска репрезентација, еден вид цистерна за дотур на сѐ што ѝ е потребо за да се одржи на власт, а не за да одржи стандарди на нормална и неусловена комуникација со листовите од нашата гора.

Ја претвори дијаспората во празно филмско платно, на кое ќе може да го проектира стереотипот што најмногу ѝ одговара. Затоа и денес главните стереотипи за дијаспората станаа слики за луѓе со истетовирани националистички симболи, послушни на знакот од партијата, маса што може да се диригира со каков било лажен патриотски повик и лесно да се манипулира.

Тоа е најлошиот „културолошки процес“ што ѝ е подметнат на дијаспората во релациите со матичната земја. Секоја чест на тие што навреме го прочитаа тој погубен концепт, а многу среќа и што помалку разочарувања им посакувам на тие што допрва ќе се уверат со кого саделе тикви.

Бидејќи, на узурпаторите на иселеничките чувства не им е важно каква ќе биде конститутивната инаквост на дијаспората таму каде што сега живее, туку колку можат да ќарат од неа, овде, во гласови и валута! Тоа е „е.ено“ подло. Само тој што ќе ја види оваа измама, со високата свест за неа, автоматски ќе им го врати грдиот епитет како прво име на тие што го изговориле. Редно е работите еднаш да си дојдат на своето место.