Луѓето – печурки

Денес во македонската медиумска сфера доминира оваа не универзална, ами универзумска заебанција која беше исмевање и концепт за уривање на ирационалноста во медиумскиот, а со самото тоа и во општествениот простор. Со таа разлика што кај нас не се работи ниту за иронија, ниту за перформанс туку за наводна борба за опстанокот на нацијата и државата.

На 9 јули се навршуваат две децении од прераната смрт на Сергеј Курјокин (16 јуни 1954 – 8 јули 1996), еден од најважните руски авангардни артисти во втората половина од минатиот век, пијанист, перформер, композитор, актер… Но, зачестеното спомнување на неговото име во светските медиуми не се должи на неговиот музички придонес (иако тој e практично немерлив), ниту на одбележувањето на годишнината на неговата смрт туку во контекст на потсетувањето на 25-годишнината од неговото гостување во емисијата „Петтото тркало“ на (тогаш) Советската државна телевизија (17 мај 1991).

Станува збор за еден од највлијателните медиумски „хоакси“ на сите времиња, каде што Курјокин во интервју, дадено на новинарот Сергеј Шолохов , исто така една мошне интересна медиумска фигура во рускиот транзиционен период, докажува дека – Ленин бил печурка! Тешко е во кратки црти да се раскаже емисијата, но барем да се обидеме…

Курјокин, претставен меѓу другото и како научник со особен интерес за Октомвриската револуција, го раскажува својот пат во Мексико и сличностите на фреските по мексиканските храмови со сцените од Октомвриската револуција. Поврзаноста ја гледа преку халуцигеноста и психоделијата што ја предизвикуваат некои типови мексикански кактуси и печурки што растат во Русија. Се повикува на својата посета на Масачусетскиот институт за технологија (MIT), каде што истражувачите откриваат дека печурките не се ниту растенија, ниту суштества (пола едно, пола друго, што би се рекло) и дека, всушност, имаат својство на радио-бранови.

Како и да е, се цитира Карлос Кастанеда, се читаат делови од наводното писмо на Клара Џеткин до Роза Луксембург, каде што првата ѝ пишува на втората дека го пречекала Ленин (Волоѓа) и му подготвила печурки, кои тој ги јадел со голем апетит, потоа преписката меѓу Плеханов и Ленин каде што исто така се зборува за јадење печурки. Курјокин покажува неколку типични фотографии на Ленин во работната соба, каде што покрај мастилницата редовно има некој предмет со цилиндричен облик, што е наводно култ на печурката.

Се пуштаат документарни снимки на Ленин од времето на Револуцијата и на сите нив се наоѓа едно дете, за кое Курјокин тврди дека се вика Паша (или Саша, како што е во англискиот превод) кое е вистински стручњак за пронаоѓање печурки во околината. Се покажува шематски приказ на оклопното возило од кое Ленин држел говори, кое наводно ја има истата шема како спорите на печурките, а Ленин е на неговиот врв. Се толкува прекарот „Ленин“, кој одназад се чита „Нинел“, што е име на некакво познато француско јадење со печурки.

Поентата е следна: Ленин и водачите на Револуцијата јаделе енормно многу печурки. Печурките, ако ги јадете во огромни количини, имаат својство да заземат делови од вашата личност и на крајот да ве претворат и вас во печурка. И во радио-бран. Заклучок: Ленин бил печурка и радио-бран. И така е откриена најголемата тајна на Октомвриската револуција!

Џорџ Сорос и семејството Ротштилд, еве, веќе една деценија страдаат од несоница, поради тоа што во Македонија владее моќен јунак наспроти нив – Никола Груевски

За оние што разбираат руски, целата емисија ја има на Јутјуб, ако се пребара со кириличното име Ленин-гриб, додека 15-минутното интервју на Шолохов и Курјаков може да се најде со англиски превод, во два дела, ако се пребарува со референцијата Lenin was a mushroom (1. дел, 2. дел).
Според сведочењето на Сергеј Шолохов, емисијата ја гледале 11.250.000 гледачи и поголемиот број поверувале во овие надреални и апсурдни тврдења. Работата дошла дотаму што и регионалниот ЦК на КПСС морал да даде соопштение во кое се вели дека Ленин не бил печурка, затоа што печурката е растение, а Ленин е цицач. Цицачот не може да биде растение!

Како се случило овој „хоакс“ толку сериозно да се пробие во јавноста? Емисијата е направена во простор преполн со книги и документи, елаборацијата е беспрекорна, а во некој постмодерен стил се користат и вистински имиња, документи, фотографии и филмски снимки. Но, најважно од сѐ е дека е емитувана – на државната телевизија. Да не заборавиме, сѐ уште станува збор за Советскиот Сојуз, каде што, и покрај Перестројката и Гласноста (укинување на цензурата), општото чувство е дека сето она што ќе се прикаже на државната телевизија е – официјално. И не подлегнува на никакво сомневање.

Зошто е потребно и ние да се потсетиме на овој необичен перформанс на Сергеј Курјокин? Мојот мотив е едноставен – затоа што духот на Курјокин наголемо шета низ нашите медиуми. Додуша не со истите цели и намери, како во далечната 1991 година, ама со истите ефекти. Денес во македонската медиумска сфера доминира оваа не универзална, ами универзумска заебанција која беше исмевање и концепт за уривање на ирационалноста во медиумскиот , а со самото тоа и во општествениот простор. Со таа разлика што кај нас не се работи ниту за иронија, ниту за перформанс туку за наводна борба за опстанокот на нацијата и државата. Новинарската фела како да излезе од креативното депо на двајцата Сергеи (Шолохов и Курјокин) и стана токму тоа – креација, да не кажеме креатура.

Водечкиот дневен весник „Дневник“ објавува серија текстови за светски заговори против Македонија, во кои се вплеткани најтврдокорните белосветски шпиони. Џорџ Сорос и семејството Ротштилд, еве, веќе една деценија страдаат од несоница, поради тоа што во Македонија владее моќен јунак наспроти нив – Никола Груевски. Дописникот на МИА повикува на воено разрешување на кризата. Новинарите составуваат списоци на луѓе за отстрел. Се објавуваат приходи на приватни лица… Само што разликата е во тоа што кај нас не се работи ниту за иронија, ниту за перформанс, ниту за проверка на интелигенцијата на медиумските консументи туку за наводна (медиумска?) борба за опстанокот на нацијата и државата (?).

Со други зборови, нашиот ЦК не им објаснува на граѓаните која е разликата помеѓу печурките и цицачите. Напротив. Само ја докажува теоријата на Курјокин дека луѓето можат истовремено да се претворат и во печурки и во радио-бранови.

Се разбира дека против ваквата ирационалност не постојат рационални лекарства. Веројатно и нам ни е потребна една кура како онаа на Курјокин, апсурдните случувања за да се доведат до целосен апсурд. Само уште да имавме државна телевизија која тоа би го издржала. Всушност, и имаме, само што општите назнаки на апсурдите што се објавуваат се со спротивен предзнак.

Шест месеци по објавувањето на емисијата на Шолохов и Курјокин, Советскиот Сојуз се распадна. Онака, сам од себе.