Лустрација на лустраторите

Колумна на Димитар Димитров

Ова трето мое навраќање на лустрацијата е поттикнато од мачната и бесмислена материјална расправа во Собранието на РМ по повод предлогот на опозицијата да се укине комисијата за лустрација. Парламентарното мнозинство  го одби предлогот и остана на ставот комисијата да  продолжи да работи и да си ја  доврши зацртаната програма, иако законот за лустрација е укинат, а поединечните лустрации како круши паѓаат на суд дома и надвор! На самата комисија, пак, никако да ѝ текне со оставка да го прекине понижувањето во кое се нашла!

Така, по сила на невидливи внатрешни нишки со кои се исповрзани луѓе и нешта, се налага потреба од  лустрација на лустраторите, како варијација и актуализација на темата.

Соодветно на законот за лустрација, во восприемањето на лустраторите главни ликови се кодошите и жртвите – лицата кои следеле и биле следени лица. Институцијата задолжена за следење, тајната полиција, не се гиба. Што стои зад неа, систем ли, режим ли, исто, не се гиба. Тоа не го кажа ни науката наша. А без да се лустрира чинот/феноменот на следењето на граѓаните, немаме аршин за лустрирање на поединечни случаи на следење.

Таквата  „лустрација“ е спротивна на поимот (lustratio – осветлување, откривање, вистина) и може да значи продолжен живот на системот на следење. Да се користи против лица кои ѝ пречат на актуелната власт и пак да нѐ исправи пред прашањето „кој“, односно „што“ стои зад тоа. Зад тоа денес, како зад тоа тогаш. Да зборува  за нас сега, како за нас или за оние (во зависност од возраста) тогаш.

Ако до вчера уште можевме да си играме криенка околу тоа прашање, по сознанието за грамадното прислушување и обелоденувањето на дел од снимените разговори, непристојно е да се остава место за дилеми. Пред нас е непобитна лустрација, во вид на автопортрет на актуелната власт, достојна на Орвел, на Солженицин или на Хана Арент.

Низ неа јасно се наѕираат контурите на режим, кој, преку тајната полиција, како плевелот градината, ги задушува државата и општеството, институциите и луѓето и неконтролирано, ексклузивно располага со ресурсите и добрата на нашата заедница. Законот и комисијата за лустрација на тој режим  му се потребни како што на крадецот и на дивите ѕверови им е потребна ноќта.

Парламентарното мнозинство, кое до последен здив ја брани лустрацијата на кодошите од старата власт, остана глуво за лустрацијата на новата власт, направи безгласно да стивне анкетната комисија, а се вклучи во општиот фронт против СЈО, кое е, всушност, вистинската комисија за лустрација – но на актуелната власт.

Но сѐ има свој век и свое место. Приказната за „бегството“ и „предавството“ на Ченто, помината во услови на студената војна. Приказната за „пучот“ и „предавството“ на Заев, во услови кога државата официјално е определена за интеграција во НАТО и во ЕУ, не помина. Извештајот на Прибе виде капацитет за толку голем обем на следење граѓани преку прислушување во домашна тајна полиција (УБК). Од своја страна, тајната полиција побрза да го потврди Прибе, уништувајќи ги доказниот материјал за ова технолошко кодошење и системите за прислушување.

Ако во удбашката приказна на татковците странскиот фактор се користел како убедлив доказ за „предавството“, приказната нужно заврши кога странскиот фактор во нашата перцепција, од непријател, се преобрази во меѓународна заедница. Удбашката приказна во верзијата на синовите сега  воведува обратна перспектива.

Тоа го прави така што и таа се служи со странскиот фактор/сила како доказ за „предавството“, но во време и услови кога се самовосприемаме како дел на меѓународната заедница. Па за да успее приказната, странската сила, од меѓународна заедница, треба да да се врати назад во непријател, а ние во она што не си го дорековме, а што критичко-либералната мисла навремено го нарекуваше етатизам, што сега се шверцува како партизација.

Во светлината на снимките, приказната за „предавството“,  како перде пред криминалот и партизацијата, создаде вриеж од противречности. Го провоцира Пржинскиот  договор, а тој (договор) декриминализацијата и департизацијата им ја  довери на партиските лидери, уште дополнително засилени од партиите, така што Груевски со акламација е преизбран за лидер, додека Ахмети доби овластување сосема самостојно да одлучува.

Власта мораше да ги извади од притвор „предавниците“ и да донесе закон за заштита на укажувачите („свиркачите“), а за осветлениот криминал да формира собраниска анкетна комисија и Специјално јавно обвинителство. Парламентарното мнозинство, кое до последен здив ја брани лустрацијата на кодошите од старата власт, остана глуво за лустрацијата на новата власт, направи безгласно да стивне анкетната комисија, а се вклучи во општиот фронт против СЈО, кое е, всушност, вистинската комисија за лустрација – но на актуелната власт. Во таа лустрација актуелната власт се открива/сомничи/обвинува  како злосторничко здружение.

Груевски престана да биде премиер, но ги задржа во свои раце сите конци со кои се води играта на куклите во улоги на претседател на државата, Собрание, судство, обвинителство, медиуми, стопански,  научно-образовни и уметнички институции. Па, на обвинувањето за индивидуален криминал, негов и на Фамилијата, одговара со општонародна ослободителна војна против странската сила и домашните предавници, кои ни` протнале инсталација под вид на СЈО!

Така доаѓаме до ваков сумарен парадокс. Колку повеќе напади врз СЈО, колку повеќе одбрана на Груевски и на Фамилијата – толку поголема нивна вина, толку помалку  држава, правда, слобода, човештина, надеж за спас. Овој парадокс го прозреа протестантите од „Шарената револуција“ па  покажаа толку почит кон СЈО, а толку револт кон Владата, претседателот на држава, Собранието, Министерството за правда, Уставниот суд, Агенцијата за медиуми и симболичките „остварувања“ од „Скопје 2014“.

Тоа е придобивка од лустрацијата на лажните лустратори, со која укажувачите заслужија благодарност од нацијата. Таа помага јасно да се препознава кој е обвинител, судија, научник, новинар, човек – кој е слуга на Фамилијата. Во овој миг особено е важен изборот на судството, што суштствено може да влијае врз декемвриските избори на заробените гласачи. Честа на институцијата засега ја спасуваат Управниот суд, кој ги поништува  нарачаните „лустрации“ на комисијата на Аџиев, и малцинството уставни судии, кое одбива да го легитимира газењето по Уставот и законите.

Од  СЈО до овие пројави, тука се отвора простор за воспоставување на правосудниот систем пропишан со Уставот, посветен на Ре(с)публиката, а не на режимот;  закрилник на општото добро, а не на неговото растурање.