Маде ин Кина

Неодамна на пазарчето во населбата Аеродром во Скопје, мојот колега и пријател Филип Херин направи една, би рекол, сигнификантна фотографија, која го отсликува карактерот не на актуелниот македонски миг, туку на целиот период на оваа несреќна транзиција што некако на жабри ја преживува нашава држава. Фотографијата, која стана своевиден мал вирален хит на социјалните мрежи, прикажува еден производ од тезгите на пазарчето – всушност метален приврзок за клучеви во облик на географската карта на Македонија, врз која е аплицирано македонското знаме, а на обвивката на производот јасно пишува „Made in China“. Или што би се рекло по нашински: Македонија направена во Кина.

И токму така и таква изгледа Македонија во својата транзициска сага – како некаква евтина бофл стока, изложена и заборавена на некаква перифериска пазарска тезга далеку од светските берзи и супермаркети, непотребна и со самото тоа спротивставена на целиот нормален свет. И, се разбира, со јасна и чиста перспектива дека ќе биде фрлена на ѓубриштето на историјата, како непотребна и залудна дребулија што случајно заскитала во нечиј џеб.

Внимавајте сега – станува збор за приврзок за клучеви, направен токму во клучот на кичерајскиот патриотизам, со идеја на евтини трикови да се заработи некој денар. Се разбира, едноставно не може да се замисли европски или американски производ (без оглед дали е произведен во Кина или во домицилната земја) да изгледа така како што изгледа овој македонски приврзок (произведен во Кина). И тоа, секако, не е случајно. Овој производ е токму тоа – производ на климата што ја создава евтиниот слабомислечки „патриотизам“. Всушност, и самиот бофл стока, односно стока со грешка.

Има нешто длабоко македонско во тоа – да тврдиш цело време дека си центар на светот, а кога навистина ќе станеш центар на светот, тогаш тоа да не ти чини. Всушност, не знам, можеби светот купен од Али Експрес, е навистина рамна плоча. Онаква каква што му одговара на натпросечниот македонски патриот.

Во оваа „патриотска“ перспектива, Македонија би требало да изгледа токму така – една заокружена, самозадоволна и изолирана рамна плоча. Онака како што Кинезите го градеа автопатот Кичево – Охрид. Без излез, без приод, без клучки, на гнило земјиште и со сомнителни трансакции. Токму како што изгледа посочениот приврзок. Но, што е тоа важно. Важно се гради и важно е Македонија – вечна, па макар цела вечност да останеме заробеници на сопствената мегаломанија градејќи си споменици самите себе.

Јасно дека секој оној што нема да ја прифати оваа перспектива, што нема да му се допадне да биде приврзок на сопствениот приврзок, по автоматизам се прогласува за предавник, платеник, непријател на државата од прв ранг. Самата помисла да се најде излез од преполниот со ќор-сокаци лавиринт што самите го изградивме, и самите во него се пикнавме, се прогласува за ерес, а носителот на еретичката мисла, во согласност со богатата македонска традиција соодветно ќе биде казнет. И нема да му суди суд (тоа не е во македонската традиција), туку ќе му суди народот, што и да значи тоа.

Има нешто трогателно симпатично во таа верба дека Македонија ќе опстане без светот и дека светот ќе пропадне без Македонија. Конечно, ако не успееме да функционираме без светот, тогаш ќе си купиме една Македонија од Кина. Ако не нѐ примат во Европската Унија, тогаш ќе си купиме една Европска Унија од Кина. Преку Али Експрес. И онака имаме богато искуство во преживувањето со кинеските производи. Додуша, ќе има некои печатни и фабрички грешки, ама што е тоа битно. На пример, ако веќе логото на ЕУ е заштитено, тогаш ќе има некоја ѕвездичка повеќе или помалку, ќе пишува УЕ, ИУ или нешто слично. Ама важно ќе личи на оригиналот. А името „Македонија“, како што гледаме, не е ни заштитено.

Секој на кого нема да му се допадне да биде приврзок на сопствениот приврзок, се прогласува за предавник | Фото: Ѕвездан Георгиевски

На крајот на краиштата, ќе си купиме и еден цел свет од кинеско производство. Само ако сакаме. Тогаш барем ќе бидеме сигурни дека светот навистина експресно ќе се распадне. Овој, сегашниот свет, кој последниве десетина дена буквално се „нацрта“ во Скопје, очигледно не ни одговара. Има нешто длабоко македонско во тоа – да тврдиш цело време дека си центар на светот, а кога навистина ќе станеш центар на светот, тогаш тоа да не ти чини. Всушност, не знам, можеби светот купен од Али Експрес, е навистина рамна плоча. Онаква каква што му одговара на натпросечниот македонски патриот.

Впрочем, во држава во која јавното мислење најчесто го креираат бофл политичари со изместени ставови, ако воопшто ги имаат, бофл медиуми со бофл информации и бофл интелектуалци што како на рингишпил кружат по овдешните телевизии, прилично е јасно дека бојкотот на претстојниот референдум е легитимно политичко движење. Иако никако не е јасно зошто е легитимно. Кој е, имено, политичкиот интерес на бојкотот на референдумот? Да пропадне референдумот? Каков политички став е тоа? Зошто да не се гласа против? Или за? Зашто, како што вели, чешкиот неомарксист Карел Косик, „народот исчезнува и ќе исчезне кога ќе се претвори во маса стручњаци без дух“.

И кога сме веќе кај Карел Косик (1926 – 2003), еве, за крај на овој текст, да го цитираме од неговата книга „За дилемите на современата историја“: „Граѓанинот не е саморазбирливост. Човек не се раѓа како граѓанин, туку таков станува“.

Време е да станеме самосвесни граѓани, а не жители „маде ин Кина“.