Македонија, осум години подоцна

Година 2024. Доналд Трамп, по низа уставни и законски измени, се подготвува за својот трет претседателски мандат. Во меѓувреме донесува одлука дека во САД не смеат да влезат државјани на земјите од Европската Унија плус Индонезија. Напнатоста меѓу САД и Иран расте. Британската премиерка Тереза Меј најавува дека ќе го започне процесот на одвојување на Обединетото Кралство од Светската здравствена организација. Рускиот претседател Владимир Путин објави дека бунтовниците во Сирија го нарушуваат прекинот на огнот и дека оваа состојба не може да се толерира.

Домашна сцена: На грандиозниот амфитеатар во Скупи се одвива прославата на десетгодишнината од револуционерниот проект „Скопје 2014“. Во своето обраќање претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и идеен творец на проектот Никола Груевски објавува дека партијата ќе се заложи за брзи предвремени избори со што би се решила долгогодишната владина криза во земјата. Неговата партија, пак, преку соопштение ги повикува властите на Малта да се изјаснат дали нивниот официјален став по повод кризата во Македонија е дека треба да се направи широка коалиција и инсистираат Малта да даде соодветно толкување на овој термин.

На централниот плоштад во главниот град се подготвува поставување споменик на најголемиот борец за унитарноста на македонската држава, некогашниот претседател на Републиката Ѓорге Иванов. Споменикот „Мислител на коњ“ ќе биде во форма на славниот „Мислител“ на Роден, само што ќе биде поставен на коњ.

Споменикот „Мислител на коњ“ ќе биде во форма на славниот „Мислител“ на Роден, само што ќе биде поставен на коњ

Бројните напади на оваа одлука на градските власти ги амортизира професорката Тања Каракамишева, која вели дека за првпат во македонската политичка историја едно грандиозно теориско политиколошко дело се преточило толку успешно во политичката практика. Како пример го наведува таканаречениот Прв закон на Хорхе: „Делува шашаво, ама функционира“, што Иванов го постави на почетокот на својата политичка кариера како сопствена политичка платформа, но и стратегија за своето практикување на политиката. Но, не застана тука. Познат е и неговиот закон наречен „Седум колена клетва“, кој практично и едноставно ги дефинира резултатите од политичката практика. Еве, веќе три-четири генерации се проколнати, а како што сега стојат работите, мошне изгледно е дека амбициозно поставениот план од „седум колена“ далеку ќе биде надминат.

Сепак, експертите се согласуваат дека најзначајниот творечки период во делувањето на Иванов се таканаречените аболиционистичка и постаболиционистичка фаза. Во тој период најзначајниот придонес на овој голем деец е теоријата и практиката позната како „креативно толкување на Уставот“. Врз база на оваа доктрина, постигнат е и најголемиот македонски политички успех – гинисовиот рекорд во времетраење на составувањето на една влада, па благодарејќи на ингениозното слободно толкување на Уставот, мандатот да му се додели на оној што ќе покаже потпис на 61 пратеник и дозвола на нивните старатели, кои мораат да обезбедат потврда за своето постоење од матичните служби заедно со изводи од родените на нивните дедовци, ете успеваме да го одржуваме и, што би рекол Иванов, уште повеќе да го засилуваме унитарниот карактер на овој рекорд.

Иако помалку присутни во теориската мисла, се чини дека неговите закони по природа и општество што потекнуваат токму од овој период се не помалку битни за општествениот развој. Тука особено би го истакнале законот кој вели дека колку повеќе Иванов ја засилува унитарноста на државата, толку повеќе се загадува воздухот. Или оној: масата на истиснати мисли за кантонизацијата и федерализацијата на државата е правопропорционална на бројот на починати родилки и новороденчиња. Секако, тука е и Соросовиот закон: колку повеќе го споменуваш Сорос и надворешните непријатели, толку полесно се заборава бедата во која живееш.

Експертите се согласуваат дека најзначајниот творечки период во делувањето на Иванов се таканаречените аболиционистичка и постаболиционистичка фаза

Некако во сенка на прославата на ингениозното дело на Иванов поминува повеќегодишното состанчење на партиските органи на ДУИ во Мала Речица. Од извори во партијата се дознава дека на маса се сѐ уште пет опции и дека Партијата нема доволно аргументи да се одреди за било која од овие решенија. Најавуваат дека во најскоро време, за три до четири години ќе ги усогласат ставовите. Само да приберат уште некои дополнителни аргументи.

Лидерот на партијата Али Ахмети вели дека од оваа одлука зависи судбината на земјата и дека затоа тие никаде не брзаат, бидејќи мораат да донесат сериозна и одговорна одлука. Тој вели дека досега се завршени 769 поглавија во преговорите со ВМРО-ДПМНЕ и дека преостануваат уште само 78.789.456 поглавија кои се однесуваат на платформата што ДУИ ја потпиша со народот. Додуша, остануваат уште стотина илјади претставници на народот што уште не ја потпишале оваа платформа, ама и тоа ќе се среди во наредните век и половина.

Се разбира, останува на маса и опцијата за коалицирање со СДСМ, иако со тоа би се нарушил унитарниот карактер на државата, бидејќи само принципот на коалицирање на победникот од македонскиот блок и победникот од албанскиот блок го гарантираат унитарниот карактер на државата. Другите три опции, како што дознаваме, веќе ги заборавиле и членовите на извршните органи на ДУИ, па затоа ќе треба извесно време да се обзбедат аргументи за нив и повторно да се вратат на маса. Заедно со кафето и минералната вода.

Во меѓувреме се случија уште пет-шест милениумски врнежи на снег во јануари, што ја блокираа целата држава, две-три поплави и 9.354 замрзнати палми. Најспомнувана реченица во таа 2024 година беше: „Ах, колку ни беше убаво во 2016 и 2017 година“. Пуста носталгија!