Македонска платформа (фенси)

Колумна на Сашо Кокаланов

Доста е веќе Македонци! Доста беше молк пред уцените и газењето на македонското достоинство! Време е за нов македонски манифест. Време е да го фрлиме на историската депонија оној илинденскиот, крушевскиот, како анахрон и застарен, и да изработиме нова, многу пофенси македонска платформа, која ќе одговори на заканите и предизвиците на новото време.

Нема Македонец на светов кому не му затропа срцето од возбуда кога се разбра за идејата за македонска платформа. А кој го тоа може, дами и господа? Љубисав Иванов Ѕинго го тоа може! С`с тија његови две руке!

Со истите две раце со кои го изгради комбинатот за да може Македонците да работат и да заработат по некој бон, со истите тие две раце со кои ја копаше македонската руда за Македонците да имаат репроматеријали, со истите тие две раце со кои гласаше закони во собранието цели 47 години во две држави и во сите политички системи – од комунизам и социјализам, преку плурализам, па сѐ до најновиот – феудализам, со истите две раце со кои се поздравуваше со големиот пријател на Македонија и на македонскиот народ Слободан Милошевиќ, со истите две јуначки раце еве денес го преточи во платформа вековниот копнеж на Македонците и на ВМРО-ДПМНЕ за своја држава, за да го одбраниме македонското ткиво од разјарените домашни и странски волци.

Но, за да биде контраплатформа како што ја личи, ние македонските социјалисти, предлагаме таа да биде потпишана под будното око на претседателот Ѓорге Иванов (она што е отворено дури и кога тој намигнува на странски државници). Да, точно е дека оваа платформа е одговор и пандан на т.н. албанска платформа што албанските партии ја потпишаа кај премиерот Еди Рама, но Македонија во моментов има премиер што е техничко лице, кој не е дури ниту од Кратово туку од Пробиштип, па затоа најсоодветно е овој документ да се овековечи во присуство на човекот кој и самиот е заговорник на обединување на Македонците и на сите македонски антички племиња од Дебар до Хималаите – господинот Ѓорге Иванов.

Дозволете да не должам многу и веднаш да ви го претставам текстот на платформата, кој очекуваме во најбрзо можно време да биде усвоен, за да можеме ние Македонците сплотени да си го одбраниме своето, без притоа да го крадеме туѓото.

 

Македонска платформа

 

Во името на отецот Ѕинго, синот Ѕинго мали и светиот дух Никола Груевски, имајќи го предвид Уставот на Република Македонија и законите донесени од 2006 година наваму, заедно со нашите коалициски партнери – Амди Бајрам, Слободан Угриновски и Стевчо Јакимовски, ја донесуваме оваа платформа базирана врз пет принципи: пастир е еден и се знае кој е; не кажуваме како ќе завршат „Вљубениот ерген“ и „Парампарче“; Сорос е Евреин и нацист, а соросоид – карактерна особина; Македонија цела да е, а Силекс пак првак ќе е; и Не може нам нико ништа Николаааааа…

 

  1. Целосна и безрезервна поддршка на заробените институции на Република Македонија.
  • Забрана за влез на Прибе на територијата на цела Македонија од најмалку пет години, со можност за продолжување на уште пет.
  • Протерување на американскиот амбасадор од земјава и барање до Вашингтон – Република Македонија како суверена и самостојна држава сама да го именува американскиот амбасадор во Скопје.
  • Сеопфатна дебата за замена на знамето, химната и државниот грб на Република Македонија со знамето, химната и грбот на ВМРО-ДПМНЕ, за да не може никој од страна да ни ја дели државата од партијата.
  • Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушодари да прерасне во министерство.

 

  1. Хармонизација на меѓуетничките односи
  • Да им се забрани на Албанците од Серава управување и паркирање моторни возила на целата територија на Република Македонија кога Диме Спасов е излезен во град.
  • Да се постават крстови на сите раскрсници во Бутел.
  • Изборниот молк за оџите да трае два месеца наместо два дена.
  • До секое албанско знаме што неовластено виси по бандери низ државава да се закачи по едно на ВМРО-ДПМНЕ (со пропорции 3:1 ако има доволно платно во Орка спорт, ако не може и 2:1).

 

  1. Заштита на името и македонскиот идентитет
  • Името на нашата Татковина е Независна Република Македонија (Северна) и никој нема право да го менува без да се консултира со Антонијо Милошоски по телефон.
  • Во Собранието бараме да се донесе декларација против геноцидот врз Македонците од страна на лицето Џорџ Сорос од неговото раѓање далечната 1930 година до денес.
  • Да се прогласи „Скопје 2014“ за културна оставнина на Македонија и да се заштити со закон и да се стави под заштита на УНЕСКО.
  • Да се прогласи Сител за прв канал на Македонската радиотелевизија. Воедно да се побара блокирање на Си-ен-ен, сега кога си имаме наш – ТВ Нова.
  • Турските серии да бидат програма за гледачи од сите категории.

 

  1. Политички систем и единство на македонскиот народ
  • Да се спречат сите поделби по партиска основа, зашто сите сме биле и ќе бидеме ВМРО.
  • Да се избришат од Јутјуб сите снимки на кои пратеникот и екс комита Јохан Тарчуловски скандира „Ѕинго педер, напред Вардар“.
  • Да се исфрлат сите пратеници на СДСМ од Собрание секогаш кога се носи буџетот, а сѐ со цел да се избегнат непотребни политички кризи.
  • Да се зголеми стапката на имиграција од земјава на сите кои не сакаат да се сплотат под знамето на ВМРО.
  • Да се воведат регуларни полициски единици – тројки, за елиминација на тие што нема да се иселат.

 

  1. Заедничка борба против природни и елементарни непогоди
  • Да се прогласи Зоран Заев за елементарна непогода.
  • Охридско Езеро да се прогласи за вештачка акумулација на ЕЛЕМ, со можност по потреба да го празнат и полнат, а сѐ со цел македонскиот народ да не остане без струја.
  • Порибување на Стајковци и скопската обиколница.
  • Исто така, ние долупотпишаните лидери, а во корелација со директорите на УХМР и ИЗИС, сметаме дека квотата за правична временска застапеност на поплави и за земјотреси е повеќе од исполнета, дури и натфрлена, па предлагаме да се забранат непогодности со следново времетраење:
    • 100 години забрана за поплава и силен пороен дожд;
    • 200 години забрана за земјотрес повисок од 6 степени според Европската макросеизмичка скала;
    • 10 години забрана за пад на температурата пониско од 20 Целзиуса под нулата.

 

  1. Намалување на смртноста на Македонците, со тенденција кон бесмртност
  • Наместо млади, да се отселуваат стари, со што смртноста во земјава значително ќе се намали.
  • Се воведува задолжително трето дете, со право Влатко Ѓорчев да оди и на петто.
  • Бараме да му се купат нови компјутерски симулатори на Никола Тодоров за да научи и посложени операции, греота е македонскиот народ да ни умира по болниците, затоа што опозицијата го кочи образаванието на Нино.
  • Свесни за загадувањето како тивок убиец на Македонецот, ќе предложиме итна мерка – наместо еден, Коце да се задолжи да оди два дена на работа со автобус. (За да не се качи во погрешен автобус, предлагаме возачот да го вози службениот автомобил веднаш зад автобусот, за секој случај.)

 

  1. Економија и стопански развој
  • Секое место на македонската света земја од каде што блика вода, да се освети, за да извира осветена вода, а потоа да му се даде под концесија на Ѕинго. Не е важно дали водата е добра или ладна, битно е да се пие и да ја стопанисува искусен стопанственик. Така ќе се спречи водата да се растура низ природата нецелисходно, како и странски и домашни предавнички усти да ни ја голтаат бесплатно, а ќе се обезбедат и доволно спонзори за емисиите на Драган Вучиќ.
  • Бараме да се воведе задолжителен сендвич за сите протестанти и контрапротестанти, со што ќе се поттикне искористувањето на уставно загарантираното граѓанско право на протест и ќе се намали гладта во земјава.
  • Донаторите на ВМРО-ДПМНЕ да се ослободат од ДДВ за да можат да инвестираат дома преку странски инвестиции од Белизе, Бермуда и Тринидад и Тобаго.
  • Покрај базенот за синхроно пливање, во рамките на декадата на Ромите која непотребно истече пред две години, да се изгради и ски-скокалница во Шуто Оризари, со што ќе се привлечат нови илјадници туристи во Скопје.
  • Задолжително возење на сите пензионери со автобус секој вторник и петок, со жичарница секоја среда и со воз секој петок, за да се зголеми протокот на патници во земјава.
  • Да се задолжат НБРМ, сите банки и граѓаните – девизните резерви и приватните штедни влогови да се чуваат исклучиво во шише.

 

  1. Брза интеграција во НАТО и Европската унија
  • Зошто да се брза?
  • Брза кучка слепи кучиња раѓа.
  • Отворање конзулати во Новосибирск, Омск, Нижни Новгород, Перм, Казан и Самара.
  • Заедничка нуклеарна проба со Северна Кореја.
  • Косово је срце Србије.
  • Опа бато, фак ју НАТО.
  • Да се праша народот на референдум дали сака во ЕУ и во НАТО.
  • Да се праша Ристо Никовски во емисија дали сака во ЕУ и во НАТО.
  • Мирка Велиновска да има право на вето на влез во ЕУ и во НАТО.