Македонска рок енциклопедија ерга омнес

Што зборуваме кога зборуваме за културата, а што кога зборуваме за македонската култура? И на што мислиме кога зборуваме за културата на сеќавањето, а што кога мислиме на македонската мемориска култура?

Културата е (не)создавање, лошо или добро. На пример, земјоделските култури се одамна востоличени. Не би било пристојно (?) тука да ги спомнеме медицинските култури, оние што поголемиот број од нас во некакви чашки сме ги носеле во медицинска лабораторија.

Во оваа смисла, културата на помнењето е негување на сеќавањето на создавањето и на поважните факти и артефакти од она што ги создава нашата традиција и нашата историја. Македонија нема култура на сеќавањето ниту од поновата, ниту пак, од постарата историја. Не е култура на сеќавањето ако во колективната меморија ви го врежат, на пример, Александар Велики, а ви го избришат Јохан Тарчуловски.

„Македонската рок енциклопедија 1963 – 2018“ е непроценлив документ дека некогаш, во некои „оловни“ времиња имавме рок сцена која кореспондираше со светот, а потоа се ослободивме од оковите и станавме антички Македонци

Се надевам дека спомнувањето на проектот на кој работам сега преку Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“, преобјавувањето на првиот македонски роман, „Село зад седумте јасени“ од Славко Јаневски, нема да биде сфатено како некаква самореклама, бидејќи тоа не е намерата. Намерата е да се каже дека овој, како што јас го нарекувам „заборавен прв македонски роман“ не е издаден уште од неговото прво појавување – 1952 година. И практично – го нема, односно е избришан од нашата меморија како содржина (артефакт), а му се заканува бришење и како факт.

Значи, за да не ги промовирам сопствените проекти, а кога веќе го спомнав Александар Велики, пред некој ден направив мала анкета по скопските книжарници, но и по оние шопинг-молови каде што знам дека се продаваат книги и го барав романот „Александар и смртта“ на Слободан Мицковиќ. И како одговор добивав – блед поглед.

Во разговор на оваа тема, еден од издавачите ми вели дека „Александар и смртта“ е објавен во онаа едиција на сто или колку веќе беа најдобри романи (дела?) на македонската книжевност, проект чиј носител беше претходната Влада, и како таков е распределен по сите овдешни библиотеки, така што нема никаков исплатлив резон романот повторно да се објави и да се најде на книжарските штандови.

Се разбира дека мојот соговорник е во право, особено поради фактот дека Министерството за култура, како најголем спонзор на македонското издаваштво, има политика да не финансира реобјавувања на македонски дела и практично така да ја брише колективната меморија на македонската понова културна историја. Со други зборови, добро е да го има романот на Слободан Мицковиќ во библиотеките (и не само овој, кој патем речено го имаше во библиотеките и пред спомнатиот проект на Владата), но во книжарниците мора да го има.

За она што на ова поле се случува во медиумите, како чувари на колективната меморија, веројатно не треба да се зборува. Или пак, треба премногу да се зборува. Во медиумите под поимот „културна рубрика“ (или „културна редакција“) редовно се подразбираше следење на уметноста, науката и образованието. Денес не се подразбира ништо, бидејќи овие рубрики, едноставно, не постојат!

Македонија нема култура на сеќавањето ниту од поновата, ниту пак, од постарата историја. Не е култура на сеќавањето ако во колективната меморија ви го врежат, на пример, Александар Велики, а ви го избришат Јохан Тарчуловски

Зошто сега, во овој пресуден момент на нашата политичка историја, кога сме најблиску до решавањето на повеќедеценискиот спор околу името на државата, да се зборува (пишува) на оваа тема. Токму затоа што неодамна се појави еден извонреден артефакт и нешто што не го побива горе кажаното туку стрчи во македонското сивило како еден исклучок што дава надеж дека и нам ќе ни дојде умот од задникот в глава. Имено, неодамна се промовираше „Македонската рок енциклопедија 1963 – 2018“, издание на нејзиниот автор, големиот ентузијаст Тоше Филиповски.

Станува збор за првиот од предвидените три тома на овој голем проект. Тука се опфатени 333 биографии на бендови (целиот проект би требало да има околу илјада лексикографски единици). Енциклопедијата е илустрирана со околу 400 фотографии, спомнати се преку 2.500 луѓе, а обработени се повеќе од илјада дискографски единици. Енциклопедијата, како што е ред, содржи прилог за дискографијата и индекс на имињата.

Се сеќавам дека кога своевремено пишував за првото издание на „Илустрираната екс-ју рок енциклопедија“ на Петар Јањатовиќ, напишав дека тоа е „книга што морате да ја имате, ако поради ништо друго, тогаш како сеќавање на едни ‘оловни’ времиња, кога бевме земја со една од најјаките рок сцени во Европа. А потоа се ослободивме од оковите и настанаа четири слободни држави со најсилни турбо-фолк сцени на светот“.

За рок енциклопедијата на Тоше Филиповски ќе напишам само дека е непроценлив документ што морате да го имате, ако поради ништо друго, тогаш како сеќавање дека некогаш, во некои „оловни“ времиња имавме рок сцена која кореспондираше со светот, а потоа се ослободивме од оковите и станавме антички Македонци. Ова е навистина непроценлив прилог за зачувување и негување на меморијата на урбаната култура, потсетник дека покрај сите накалемени истории, ние не сме дрво без урбани корени.

Што и да зборуваме кога зборуваме за македонската култура и за нашата култура на сеќавањето, отсега ќе мораме да го спомнеме и ова извонредно значајно дело.