Македонскиот Понтипул

Неодамна, на еден од оние кабелски програми, имав можност да го гледам канадскиот филм „Понтипул“ (2008, Pontypool, режија Брус Мекдоналд), работен според романот Pontypool Changes Everything („Понтипул менува сѐ“) на канадскиот писател Тони Барџес. И просто бев вџашен како таков филм не е снимен кај нас или барем како не е напишан таков роман.

Темата е дефинитивно овдешна и актуелна. Имено, станува збор за непознат вирус кој ненадејно масовно ги заразува жителите на малото канадско место Понтипул. Симптомите се: повторување исти зборови, бесмислено зборување и, на крајот, своевидна канибалска зомбификација, при што заразените ги напаѓаат и буквално ги јадат останатите жители.

Овој мотив, се разбира, со ништо не го одвојува канадскиот филм од безбројните успешни и помалку успешни хорор дистопии на иста или слична тема, освен фактот дека заразата се шири преку – јазикот, односно преку говорот. Едноставно, некои зборови во јазикот се заразени со непознатиот вирус и нивното изговарање ја предизвикува епидемијата. Болните, всушност, одат по говорот, по разумното зборување, и ги убиваат говорителите…

Кои се симптомите на вирусот „Понтипул“: Првин до бескрај се повторуваат исти зборови: „разнебитување“, „двојазичност“, „соросоиди“, „предавници“, „патриоти“, „унитарност“…, потоа се поминува на бесмислено зборување за истурање алуминиум од небото, за ХААРП-ови, најразлични светски заговори, за пра-Македонецот како првиот човек на планетата… и на крајот се напаѓаат оние што зборуваат колку-толку со некаква смисла

А, еве, и уште еден, според мене, битен момент. Дејството се одвива во локалната станица, која практично преку својата програма го шири лудилото, од една страна, а од друга токму луѓето од радио-станицата остануваат единствените разумни и како такви тие се единствените што можат да ја елиминираат болеста, а истовремено се и плен на зомбифицираната толпа.

Мора да се признае дека метафората е премногу силна. И мора да се признае дека и овдешното лудило практично е предизвикано од зборови и говори. И дека луѓето тука, полека, но сигурно, ги добиваат погоре опишаните симптоми. Првин до бескрај се повторуваат исти зборови: „разнебитување“, „двојазичност“, „соросоиди“, „предавници“, „патриоти“, „унитарност“…, потоа се поминува на бесмислено зборување за истурање алуминиум од небото, за ХААРП-ови, најразлични светски заговори, за пра-Македонецот како првиот човек на планетата… и на крајот се напаѓаат оние што зборуваат колку-толку со некаква смисла.

Македонските примери во оваа смисла се бројни и безброј пати потенцирани, па не гледам некоја смисла одново да се повторуваат. Постоеше некаква надеж дека сменетиот политички амбиент, процесот наречен „срушивме режим со пенкало“ и долгогодишното инсистирање на медиумски реформи ќе ги остават овие примери на говор на омраза, навреди, клевети, етикетирања и закани зад нас.

Од медиумските реформи не видовме ништо; режимот, и покрај нашите пенкала, се чини дека сѐ уште има сериозно упориште во не баш толку ниските ешалони на власта, а сѐ побројните скандали во владејачките редови, високиот праг на очекувања едноставно го затрупуваат во подрум

Велам постоеше и – толку. Односно сѐ помалку постои, ако воопшто постои. Од медиумските реформи не видовме ништо; режимот, и покрај нашите пенкала, се чини дека сѐ уште има сериозно упориште во не баш толку ниските ешалони на власта, а сѐ побројните скандали во владејачките редови, високиот праг на очекувања едноставно го затрупуваат во подрум.

Дека сме далеку од вакцината за санирање на медиумскиот вирус покажуваат последните примери: последните напади и закани врз претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Насер Селмани, од страна на браќата Асани и цензурирањето на емисијата „Код“ на колешката Снежана Лупевска Созен.

Кој е заедничкиот именител на овие два случаја? Дури ми е страв да го дефинирам. Ако кажам „непочитување на демократските стандарди“, „слобода на говор“, „настап од позиција на моќ“, „клиентелизам“, „безобразлук“, „дрскост“… постои основана опасност дека само ќе наредам зборови кои бескрајно многу пати се повторени и така доведени до свое целосно обесмислување.

Овие зборови на овие простори веќе одамна се само форма ослободена од каква било содржина; шупливи, празни куќички од кои полжавите одамна отползеле. А флоскулите и бесмислениот говор никогаш не довеле до каква било смисла.

Но, еве, ако се обидам да им дадам некаква содржина, смисла, некакво значење, тогаш, следејќи ја теоријата на вирусот, опишан во филмот од почетокот на текстот, ризикувам да бидам нападнат, ако никако поинаку, тогаш барем како Насер Селмани. Со други зборови, повторно обидот да се осмислат процесите и да се рационализираат настаните што ни се случуваат ќе стане бесмислен. Само ќе ги привлече веќе заразените од вирусот кон пленот и нема да постигне ништо.

Кое е решението? Нема да ви кажам како заврши филмот. Не поради тоа што евентуално некогаш ќе го гледате, туку поради фактот што тоа е сепак само филм, една фикција која најчесто и нема допирни точки со реалноста. Иако, ете, и тука можеа да се најдат поучни наравоученија. Само ќе кажам дека една од клучните работи беше волјата – имањето волја да се разбере бесмислениот говор како бесмислен, а значенскиот како значенски, да се сфати дека работите постојат и тие се именуваат.

Името на Понтипул, гратче во канадско Онтарио, со мешано француско и англиско население, може да се преведе од некој француско-англиски јазик како мост и базен. Или мост преку базен. Значи, господо, основното прашање што може да се прочита и од овој филм, е дали имаме волја, политичка волја, да го премостиме овој вирус што во моментов буквално нѐ убива? Дали имаме политичка волја да бидеме рационални?