Македонските избори можат да ги охрабрат автократите во регионот

Колумна на Флоријан Бибер

Изборите во Македонија се клучен тест за балканските моќници и за ЕУ. Скандалот со прислушувањето ја откри сликата за „заробената држава“, да ја употребам терминологијата на Европската Комисија во нејзиниот последен извештај.

Раководството на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот коалициски партнер ДУИ ја презедоа контролата врз државата, ја поткопаа слободата на медиумите, независноста на судството и основните демократски процеси. Со исклучок на најтврдокорните партиски активисти, овие откритија се неспорни.

Експертската група на ЕУ под раководство на Рајнхард Прибе во својот извештај наведе дека „основните стандарди на демократското владеење мора да се исполнат“ или да бидам појасен, Македонија под оваа владејачка партија не е функционална демократија.

Изборите не се само дел од процесот за излез од кризата, тие се и своевиден референдум.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ сигнализираше во изборната кампања дека победата ќе значи и крај на сите истраги за сомнежите. Партијата водеше воинствена кампања, полна со напади врз опозицијата, конспиративни теории и отворено негирање на сомнежите за нејзините злоупотреби. Оттука, победата на изборите ќе ја консолидира апсолутната партиска контрола.

Работата на Специјалното обвинителство основано за да го истражи скандалот со прислушувањето ќе биде доведена во опасност а ВМРО-ДПМНЕ ќе му се претстави на надворешниот свет, особено на ЕУ како единствен партнер.

Ако ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите во Македонија, анти-демократските сили во Југоисточна Европа ќе добијат охрабрување

Неодамнешната посета на австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц на Македонија и неговото учество на митингот на владејачката партија беше во исто време и враќање на долгот за затворањето на балканската бегалска рута од страна на Македонија и планирање за она што доаѓа по изборите. Курц отворено го фалеше колегата министер за надворешни работи Попоски и се чини дека некои европски политичари се надеваат дека тој ќе биде наследник на поконтроверзниот Никола Груевски.

Можно е Груевски да биде притиснат да го следи моделот на Ѓукановиќ и да владее од позадина. Тешко дека тоа ќе ја смени вистинската моќ. Да не заборавиме дека злоупотребите во Македонија беа вршени од сенка, преку паралелните структури на моќ, неформално.

Победа за опозицијата секако ќе биде само почеток на враќањето на демократското владеење. Истрагата ќе биде чувствителна и би можела да остане настрана во пост-изборното градење на коалицијата, особено со албанските партии. Во тој поглед, надворешниот притисок и мониторингот на граѓанското општество ќе бидат клучни. Дополнително, искушението да се искористат неформалните структури на моќта ќе биде големо без оглед кој ќе ја преземе власта.

Изборите сè уште позначајни надвор од Македонија. Намерната ерозија на демократијата и на владеењето на правото не ја прави Македонија исклучок, туку дел од поширок модел на владеење. Оттука, доколку владејачката партија се одржи, тоа ќе им испрати застрашувачка порака на останатите моќници да продолжат непречено.

Доколку владата падне, тоа би можело да помогне да се наруши авторитарната шема.

Прашањето кое го отвора овој избор исто така е актуелно и во ЕУ. Дали ЕУ бара партнери кои ќе соработуваат за нејзините и геополитичките потреби на земјите-членки, односно, блокада на бегалците и отпор кон Русија, но со запоставување на демократијата, или пак ЕУ ќе бара партнери кои се потенцијално еднакви во Унијата. Доколку автократите добијат потврда, реалистите во ЕУ ќе бидат охрабрени на регионот да гледаат како место каде лојалните партнерства се поважни од реформите.

Тоа не само што ќе ги отуѓи вистинските реформатори во Западниот Балкан, туку и ќе го поткопа саморазбирањето на ЕУ како Унија базирана на норми. Оваа поголема тензија нема да биде решена в недела, но македонските избори можат да помогнат да се трасира патот.

Флориан Бибер е професор по Историја на Југоисточна Европа и политика на Универзитетот во Грац и координатор на Групата Балканот во Европа (BiEPAG). Неговите твитови можете да ги следите на fbieber, а неговиот блог е florianbieber.org.