Малиот фудбал наспроти големата слика

Eдна недела по големиот успех на ракометниот клуб „Вардар“ и неговото демонстрирање на професионален однос кон зададените задачи доживеавме уште една спортско-општествена лекција. Овојпат од фудбалската репрезентација на Македонија.

За почеток неколку фусноти, колку да не се разбереме погрешно. Прво, да се загуби од една таква фудбалска велесила како што е Шпанија не е никаков срам ниту нешто што може да разочара репрезентации како Македонија. Особено ако тој пораз е минимален. Второ, репрезентативен спорт и клупски спорт се два различни поими, па така е тешко да се прават какви било споредби помеѓу клупски и репрезентативни успеси.

Конечно, има многу силни репрезентации во сите колективни спортови, чии клубови не постигнуваат особени меѓународни резултати, а и обратно. Иако една од премисите за успешен репрезентативен спорт е токму развојот на локалните лиги и на локалните клубови.

Значи, основата на клупскиот спорт е професионализмот – секојдневната работа врз успехот на клубот. За разлика од него, за репрезентативните настапи се врзуваат некои други емоции. Репрезеентацијата, имено, е циркус што се појавува повремено и циклично и кој не може континуирано да влијае врз општиот квалитет на спортот. Ако основата на клупската игра е професионализмот, на репрезентативната е – политиката!

Градењето фудбалски стадиони и тениски игралишта не гради спортски шампиони. Како што ни градењето барок не нѐ прави ниту Французи, ниту Италијанци, па ни Шпанци. Најголема вредност секогаш биле и ќе бидат – луѓето!

Со други зборови, политиката ја користи професионалноста, но не нужно. Поважни се манипулативните техники од типот на патриотизмот, беспоговорната лојаност, пожртвуваноста итн. И, секако, стратегијата како да се победи противникот.

Токму во овој стратешко-тактички поглед, македонската фудбалска репрезентација покажа неколку елементи што можат да послужат за една поширока анализа. Или, како што би рекле колегите од спортските редакции, одигра две различни полувремиња. (За волја на вистината, одигра десет различни минути, ама, еве, за потребите на текстот ќе се сложиме со нашите колеги.)

Македонија во тоа прво полувреме играше на – нула, односно на нерешено. Во крајна линија, македонската фудбалска репрезентација веќе и на своите навивачи им всади менталитет нерешените резултати да ги прогласуваат за победи. Меѓутоа, кога играш на нула, што би рекол еден мој колега, речиси редовно добиваш – нула, односно ништо. Поентата на фудбалот е барем два пати, или ајде да кажеме – еднаш повеќе од противникот, да успееш да погодиш на исто место. А ако играш на нерешено, односно ако воопшто не се ни обидеш да упатиш удар на тоа фамозно место наречено „гол“, јасно е и дека нема воопшто ни да го погодиш, а камоли два пати или еднаш повеќе од противникот. А токму спротивното го направија Шпанците. Два пати погодија на исто место и дадоа гол повеќе од противникот. Таман толку колку што им требаше! И тоа без да се заморат многу и без да ги изарчат сопствените ресурси.

Дури не беше спроведена ниту вообичаената тактика да се шутира топката на слепо, па ако случајно стаса до Пандев или Несторовски и тие направат нешто, тогаш – добро. А ако не стаса, тогаш пак – добро. Практично немаше ниту еден центар-шут, ниту едно врзано додавање, ниту една осмислена акција.

Што се промени во второто полувреме? Ништо! Освен што македонските репрезентативци одеднаш се сетија дека постои и друга половина на теренот каде што, ете, се наоѓа нивната цел што треба да ја погодат. Па и голот на Ристовски, инаку навистина прекрасен, повеќе беше плод на случаен контра-напад и на летаргијата на противничките играчи, отколку резултат на некаква осмислена тактика. Едноставно, ако се играше натпреварот на четвртина од теренот, веројатно и ќе имавме некои шанси. Имено, и овој натпревар покажа дека знаеме да направиме потези на мал простор, но дека ја губиме големата слика.

Укинувањето на екстерното тестирање нема ниту да го подобри, ниту да го влоши образованието, уривањето на оградата не гарантира промена на начин на вледеење како што и укинувањето на радиодифузната такса нема да придонесе кон независен јавен сервис

Можат, значи, на некое пошироко ниво, да се извлечат неколку поуки од овој натпревар. Првата, секако, е дека градењето фудбалски стадиони и тениски игралишта не гради спортски шампиони. Како што ни градењето барок не нѐ прави ниту Французи, ниту Италијанци, па ни Шпанци. Со други зборови, најголемата вредност секогаш биле и ќе бидат – луѓето!

Втората поука произлегува од сега веќе одомаќениот итерпејовски карактер на дриблинг на мал простор. Малите потези се за мали луѓе и, ако сакате, за мали нации. Иако малите потези се убави за око и пријатни за душа, сепак најважна е визијата. На пример, укинувањето на екстерното тестирање е благопријатно за голема група луѓе (ученици, наставници, други просветни работници, родители…), но е мал потег на мал простор. Неговото укинување нема ниту да го подобри, ниту да го влоши образованието.

Отстранувањето на оградата околу зградата на Владата може да има силно симболично значење, но не значи дека по автоматизам ќе се смени и начинот на владеењето чиј симбол е токму таа ограда. Уште понејасно е како префрлањето на финансирањето на Македонската радиотелевизија, односно укинувањето на радиодифузната такса ќе придонесе кон обезбедувањето на независноста на јавниот сервис.

Да, велиме, дека со овие потези Владата на Зоран Заев овозможува малку полесно дишење на овдешниот резидент, но не ја обезбедува вистинската цел – промена на модусот на размислување! Конечно, една од најважните поуки на фудбалскиот натпревар Македонија – Шпанија е дека второто полувреме мораше да биде прво.

Или што би рекол еден босанско-херцеговски тренер: Поведете вие прво со три спрема нула, а потоа играјте ја својата игра!