Ме изеде туѓиот срам

Брканицата во Градскиот парк, герила-акциите на Ивановски, квази-интервјуата и квази-анализите на Илковски можат да бидат забавни. Сепак, нивниот третман во прајмтајм емисии и нешто посериозни портали може да биде само злоупотреба на јавниот простор. А тоа воопшто не е забавно. Тоа е вистинската мерка на менталната состојба на целата држава.

Колку пати ви се случило да го преживеете она искуство што лапидарно се означува со реченицата „Ме изеде туѓиот срам“? Колку пати, на оние опскурни криптопортали, чија неписменост им е главниот препознатлив белег, сте прочитале некоја, токму по нивната мерка, грандиозна будалаштина од некој доволно неписмен дибек за да ги исполни наметнатите критериуми и доволно претенциозен дибек за да се претстави себеси како новинар, аналитичар, коментатор, колумнист… односно експерт од општа практика.

Ќе ве фати тогаш срам (признавам, и мене ми се случува); ќе се почувствувате непријатно, како да сте фатени во некоја недолична ситуација, а богами некогаш и ќе ви падне жал, подеднакво и за порталите, и за авторите, и за читателите.

Да, го има тоа. Има и беспрекорни теории на заговор, и навреди, и накриво прочитани информации и уште поискривено протолкувани (анализирани), а има, рака на срце, и реченици без прироци и подмети, без почеток и крај.

И сето тоа некако поминува во навика, во своевиден медиумски фолклор (велам, некогаш е дури и симпатично), журналистичка нарко-супстанција која морате да ја консумирате во одредена доза, инаку рескирате апстиненцијална криза, информативен делириум тременс.

Сето тоа, повторувам, е во ред (или веќе така ни се чини), се разбира, додека останува во рамките на скриените интернетски агли и екстравагантните периферии на социјалните мрежи.

Оној момент кога протагонистите на тој срам што нѐ јаде и самите ќе станат ударни вести на медиумите што себеси се сметаат за сериозни или барем меинстрим, тогаш белки е веќе јасно дека станува збор за едно темелно недоразбирање во овдешното сфаќање на медиумите и воопшто на информативниот простор. Во секој случај, нешто не е во ред.

abby road

Фото: JoeInSouthernCA / Foter / CC BY-ND

А тоа се случи токму деновиве. Во периодот кога државата се соочува со најжестоката политичка криза во својата историја, кога јужниот сосед технички банкротира (а да не заборавиме, Грција е еден од поголемите вложувачи во земјата), кога се намалуваат девизните резерви, кога земјата и официјално влегува во клубот на сериозно задолжени земји… прајмтајм вест е дека во Градскиот парк во Скопје се бркале водителот на емисијата „Јади бурек“, Јанко Илковски, и сопственикот на порталот „Мактел“, Саше Ивановски – Политико. Секако, и спрејот што се користел во нивната меѓусебна пресметка.

Се разбира дека не е никакво чудо новинарите, чија основна задача е да продуцираат вести, и самите да станат новинска вест, особено во општества каде што консумацијата на демократските стандарди е токму на она ниво на кое е во моментов во Македонија.

Имено, фреквенцијата на спомнувањето на новинарите во медиумите е правопропорционална со степенот на отвореноста на нивните политички ставови, па така станува веќе нормално да се прават списоци за отстрел на „внатрешни непријатели“, „предавници“, „соросоиди“, „комуњари“ итн., и тоа главно за новинари кои се обидуваат да задржат барем минимум од својот дигнитет и, колку е тоа можно, да се придржуваат барем до базичните новинарски стандарди.

Она што е невообичаено е токму фактот што, без оглед на пропулзивноста на двајцата спомнати актери во овдешниот јавен простор, па дури и без оглед на нивното досегашно медиумско искуство, сепак станува збор за две медиумски фигури кои многу тешко и со премногу добра волја можат да се наречат – новинари!

Јанко Илковски, чија долгогодишна емисија, со самиот свој наслов „Јади бурек“ (nomen est omen) доволно прецизно илустрира за кој тип „журнализам“ станува збор, настапува од позиција на квази пророк, непотребен морализатор, наивен конзервативец, наводен десничар и, пред сѐ, некритичен обожавател на актуелната политичка власт.

А најмалку (всушност, ич) како медиум, како информатор, како селектор и дистрибутер на информациите кои би биле од некаков минимален јавен интерес. Единствено поради што Илковски би можел да биде важен за некаква посериозна анализа на нашата медиумска (со самото тоа и демократска) сцена е двостраната љубов со власта. Имено, сите поважни функционери на владејачката политичка партија најчесто решаваат своите немушти обраќања кон јавноста да ги спроведат токму преку неговата емисија.

Саше Ивановски за многумина е исто тоа само на спротивната страна на овдешниот журналистички простор. Ослободен од најминималните морални скрупули, со говор кој е со светлосни години далеку од минималните стандарди на јавниот дискурс, со извитоперено сфаќање на новинарската храброст, наводен левичар, со теза дека шокантноста по секоја цена е побитна од ординарната информација, Ивановски, во суштина, не успева да направи разлика меѓу новинарство (со сите негови жанрови) и дневно-политичка рововска битка.

Секако, со оглед на неговата уникатна појава и таканаречените герила-акции, симпатиите на левоблоковскиот дел од јавноста се насочени кон него.

Е, сега, фактот што нивната брканица по Градскиот парк во Скопје, а уште повеќе карактерот на спрејот што во одреден момент го употребува Илковски, станува вест на денот, прилично јасно и прецизно говори за критериумот што владее во нашето новинарство.

Да, брканицата во Градскиот парк, герила-акциите на Ивановски, квази-интервјуата и квази-анализите на Илковски можат да бидат забавни. Да го злоупотребуваат јавниот простор, ама да бидат забавни. Сепак, нивниот третман во прајмтајм емисии и нешто посериозни портали може да биде само злоупотреба на јавниот простор. А тоа воопшто не е забавно. Напротив. Тоа е вистинската мерка на менталната состојба на целата држава.

И тука јадењето на туѓиот срам не е од голема помош.