Медиумски крави

„Добри“ новинари се оние што произведуваат двојно, па и тројно повеќе материјал од „лошите“ и, да повториме, за да не заборавиме, за толку и ги зголемуваат приходите на нивните сопственици.

Би требало да се сеќавате на оној неодамнешен телевизиски прилог кога претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, го објаснува очекуваниот процут на македонското сточарство што ќе се предизвика со субвенционирање набавка на високомлечни крави, овци, кози… Новонабавените говеда ќе го зголемеле приносот на млеко за два, па и три пати повеќе отколку што сега дава посочената стока, а со самото тоа и приходите значително ќе се зголемат.

Ете, еден пријател, кому, да бидам искрен, му должам извесен дел од моите размислувања, не само на оваа тема, неодамна ме потсети на овој прилог. Имено, всушност станува збор за своевидна алегорија, вистинска парадигма по која се движи идеолошката матрица на партијата на власт. И на нејзиниот лидер, секако.

Ако го примениме принципот на „добрите“ и „лошите“ крави врз човековиот род овде, во Македонија, ќе ја добиеме идеолошката равенка на владејачкиот поредок, на светогледот што толку упорно го негува и одгледува ВМРО-ДПМНЕ: „добри“ се оние што можеме ефикасно да ги цедиме, додека „лоши“ се оние кои, од различни причини, се опираат на интензивното молзење. Намерата е популацијата да си го „подобри својот генетски потенцијал“ и да го зголеми „периодот на лактација“, со што, нели, и приходите ќе пораснат. А трошоците ќе се субвенционираат!

Вака поставен, идеолошкиот модел веројатно најдобро се гледа во медиумите. „Добри“ новинари се оние што произведуваат двојно, па и тројно повеќе материјал од „лошите“ и, да повториме, за да не заборавиме, за толку и ги зголемуваат приходите на нивните сопственици. Тука намерно го употребуваме зборот „сопственици“ во однос на новинарите, а не на медиумите.

Зошто квантитетот, најчесто лишен од некоја особена смисла, е толку важен? Затоа што подразбира брзина на објавување на содржините, кои, токму поради таа брзина не се фундирани врз новинарско обмислување туку најчесто се продуцираат по „копи/пејст“ принципот, непроверени, полуписмени и неверодостојни. Брзината, што би рекол Алесандро Барико, произведува осредност, додека професионалноста по дефиниција е бавна.

Медиумот повеќе не бара соговорник во читателот, нема намера ниту да го информира, ниту да го едуцира туку само да му – кажува

Тоа е причината што во медиумите повеќе не работат професионалци туку „произведувачи на медиумски содржини“. Оние чиј период на лактација е двојно подолг и кои „даваат“ два до три пати повеќе „млеко“, односно наслови, од оние кои, ете, од некои причини одбиваат да бидат безмилосно молзени.
На тој начин медиумот од средство за комуникација се претвора во средство на исказ. За да комуницира медиумот со вас, вие треба да имате извесна подготовка, да ги знаете основните предуслови на она што се случувало и што се случува. На пример, за да ја прочитате информацијата дека возовите доцнат тој ден, тогаш треба да знаете дека постојат возови, железнички пруги и железнички станици и, секако, да имате некаква претстава дека постојат причини поради кои возовите можат и да доцнат.

Македонскиот просечен медиум нема да ве информира дека возовите доцнат туку ќе даде готов и неприкосновен исказ дека возовите доцнат, затоа што СДСМ нема изборна програма или затоа што Иванов не ја повлекува аболицијата. Со други зборови, избран е најкусиот пат за таблоидизација на медиумите, односно за затапување на општеството.

Затоа и водечкиот дневен весник на најголемата издавачка компанија кај нас ,„Дневник“ на „МПМ“, ќе се претвори во некоја варијанта на „Трето око“, на публикација која донесува стории од оноземското, приказни за тајни заговори и научна фантастика за тоа кој ги измислил мачките во мемињата на Питер Ванхауте (инаку ноќна мора на повеќето овдешни медиуми). Важно е да се продуцираараат медиумските содржини, нели?

Зошто е тоа важно? Затоа што е производ на комплетно неприродниот брак меѓу медиумите и власта. Или, ако сакате, меѓу сопствениците на медиумите и владејачките елити. Како што рековме, власта ќе ги субвенционира трошоците, газдите ќе си набават високомлечни крави, пардон новинари, а ќарот ќе го делат на задоволителни делови.

Медиумот, значи, повеќе не бара соговорник во читателот, нема намера ниту да го информира, ниту да го едуцира туку само да му – кажува.

Парадоксот е во тоа дека традиционалните медиуми, значи печатените и телевизиите, ги презедоа прерогативите на интернетските медиуми – кратко, јасно и глупаво, а од друга страна само на интернетот, таа бескрајна глобална мрежа, може да се најде по нешто што е напишано промислено, аналитично и – долго. Но, не во доволни количества.

Затоа и медиумскиот простор наликува на едно огромно јајце на око, при што жолчката е ужасно мала, а белката е грандиозна. Во белката влегуваат намножените и добро однегувани полномасни медиумски крави, а во жолчката се оние уште малку мислечки новинари кои не ја заборавиле сопствената мисија. Погодувате – белката незапирливо се шири, токму како некоја црна дупка, која има намера да ја апсорбира секоја боја во себе.

И кој е резултатот? Најлапидарно, и без да сака, тоа го искажа онаа госпоѓа во телевизискиот прилог за акцијата на „спонтаните домаќинки“ за чистење на споменикот на Филип Втори во Битола. Таа рече: „Срамота е и греота ова што се прави, затоа што сите знаеме кој беше Филип за македонскиот народ. Најсрамно е сами да си ги уништуваме нашите потомци, луѓето што се бореле за самостојна Македонија“.

Точно е. Сите знаеме затоа што така ни кажале нашите медиумски крави.