Меѓу „ура“ и „уа“

Четврток, 10 декември 2010 година. Во 9 часот и 20 минути, барањето на главниот државен обвинител, Младен Бајиќ, за симнување на имунитетот на пратеникот Иво Санадер, стигнува на работната маса на претседателот на хрватскиот парламент, Лука Бебиќ. До попладнето во 17 часот, парламентот позитивно одговара на барањето на обвинителот.

Хрватскиот екс-премиер, лишен од имунитет, вечерта ја напушта земјата, но следниот ден е приведен по потерница од Интерпол на наплатна станица во близина на австрискиот град Салцбург.

Следеше долга и бурна серија со екстрадиција, судења, пресуда за 9 години затвор, жалби и на крајот казна затвор од 4,5 години и одземање на 2,3 милиони евра. Во целиот тој период – од обвинението до пресудата, Санадер ниту еднаш не изјави дека тоа е напад врз партијата што претходно ја предводел – ХДЗ.

Во целиот период – од обвинението до пресудата, Санадер ниту еднаш не изјави дека тоа е напад врз партијата што претходно ја предводел – ХДЗ

Но, обвиненијата против него не ги искористи за да ја (зло)употреби партијата како параван за заштита од негов кривичен прогон, што е редовен имиџ на политичари кои со години го негуваат впечатокот во јавноста и чувството во партијата дека „никој ништо не им може“.

Таквата матрица сѐ уште живее кај нас. Така беше и кога бившиот премиер Владо Бучковски беше соочен со судот, и сега, кога истото му претстои на уште еден бивш премиер, Никола Груевски. Најтривијален доказ за таквиот манир  е популистичкиот рефрен што ја воспева правната неказнивост: „Никој ништо не ти може Никола, Николааа…“

И навистина никој ништо не му може, под еден услов: ако во постапка на фер-судење докаже дека е невин. Главен порив на секој што се чувствува невин за делото/делата за кои е обвинет, е што поскоро да ја докаже невиноста на суд.

Од суд се плашат три категории луѓе: оние кои знаат дека тешко ќе ги побијат доказите на обвинителството, оние кои не веруваат во независноста на судиите, бидејќи лично тие насадиле судски сончогледи со сомнителен и еластичен морален интегритет, и оние кои спаѓаат истовремено во двете категории. Секој од осомничените може интроспективно да се преиспита во која категорија спаѓа.

Во посткомунистичките земји кои поминаа долг и трнлив пат на транзиција, токму принципот на неказнивност со години беше иманентен за елитите во власта кои ревносно ги пополнуваа овие три категории.

Казнивоста важеше само за оние кои на елитите им помагаа со заокружување на гласачкото ливче да си го сместат задникот во парламентот, Владата, на раководни позиции во јавни претпријатија… Со години таквите заробени општества се тетераваа на патот кон демократизација, чекајќи да се роди владеењето на правото, макар и како резултат на случајно зачната политичка волја.

Македонија го има тоа горко искуство, но и бројни случаи што сведочат за „диригирана правда“ од позиција на репресија, моќ и контрола врз судството.

Додека некои непотребно беа апсени по странски аеродроми, иако транспарентно соопштуваа со кој лет ќе се вратат дома (Шиповиќ), а други преку монтирани процеси беа спектакуларно апсени пред камери и шетани со лисици на рацете за потребите на политичка пресметка (списокот е долг и завршува до Стразбур), трети не само што никако не смееја да бидат приведени од полицијата туку не смееја да бидат приведени ни пред судот (критиката) на јавноста. Митот за чесност се градеше со буџетски пари, исто како и митот за успешност кој го прераскажуваа преку дебело платени странски лобисти.

Од аспект на така скроената „вистина и правда“, власта секогаш беше невина и чесна, а опозицијата криминална и виновна за сѐ. Претстојната реформа на правосудството мора да го извади системот од продуцирање таков црно-бел филм, а особено да се збогува со судии кои се лојални на секоја власт, но никогаш или многу ретко на професијата.

Претпоставките кој судија е „фикс“ во однос на наклонетоста кон власта, кој на наклонетоста кон опозицијата, сето тоа гледано низ призмата на обвиненијата од СЈО, е манир кој индицира опасност од натамошно пребројување на „ваши“ и „наши“, а не на очекување независно судско постапување.

Да, точно е дека судството со децении е контаминирано од политичко влијание, но сигурно нема да се прочисти ако сега реши и да се самоконтаминира преку проценка за „поподобно“ постапување, наместо за независно оценување на доказите кои му се доставени на работната маса.

Ако тоа се случи, најголеми жртви на недостижната правда ќе бидат граѓаните, кои судат единствено на избори (казнуваат и наградуваат), а казнетите и наградените „казната“ ја издржуваат, пред сѐ, во парламенот, ценкајќи се потоа околу нужните  перформанси на правната држава (или нејзина имитација), повеќе низ муабет во собраниското бифе, кое и натаму е поевтино од која било затворска кантина.

Сега повторно сме на нулта точка. Како и во многу прилики претходно. Или дрвото (на правдата) ќе биде право насадено, или реформите во правосудството мандатно ќе ни се повторуваат како фарса.

Во моментов разни сигнали упатуваат дека не сме далеку од опасноста да залутаме. Разликата меѓу „уа“ и „ура“ во вреднувањето на професионалците во правосудството е многу тенка, речиси невидлива.

Судии и обвинители кои само до вчера спроведувале партиски налози и заработувале гласно „уа“ од критичката јасвност, со мали потези на непослушност кон довчерашниот налогодавец преку ноќ очекуваат „ура“.

И зарем треба да се тешиме што правдата во некои случаи станала достижна токму заради превртливоста на вакви инстант „херои“, наместо да се загрижиме што правдата доцнела или била недостижна во фазата кога тие претставници на третата власт константно имале огромна пропусна моќ за налозите од извршната и законодавната власт!?

На стратегиско ниво, во предвечерјето на планираните реформи, потпирањето на вакви „конзистентни“ судии и обвинители е како газење по трула штица или потпирање на скршен бастун.

Или дрвото (на правдата) ќе биде право насадено, или реформите во правосудството мандатно ќе ни се повторуваат како фарса

Судии што се „реформираат“ ориентирајќи се по принципот „од каде дува ветерот“, треба да бидат оддувани од судството, по сила на јасни професионални и морални критериуми. 

Во спротивно, тие ќе остануваат, само газдите ќе им се менуваат, а кривичните дела и казните за нив ќе останат во заднината на фактот дека овде и слободата и неказнивоста можат да се купат со пари или со политичка моќ. 

ВМРО-ДПМНЕ, партија чие раководство е засегнато од истрагите на СЈО, сега најјасно треба да покаже дали и колку е приврзана на заложбите за независно судство. Но, тоа нема да го постигне ако биде ставена во улога на заштитен параван на лидерот од судска постапка, ниту со поддршка на неговите ламентации дека „партијата е нападната“.

Тоа може, само условно и симболично да биде точно, доколку илјадниците членови на партијата се согласни дека ВМРО-ДПМНЕ го претставуваат само десетина луѓе и тоа токму оние против кои СЈО поднесе обвиненија. На сите нив вчера Груевски в лице им рече: „Партијата тоа сум јас“, односно „Партијата тоа сме ние, десетмина“. „Сите други сте наважна боранија.“  

Во тој контекст, најавеното „завршување на конструктивноста на партијата“ од страна на Груевски, по серијата погрешни претпржински и постпржински потези што тој ги направи, без сомнение ќе биде неговата најкапитална грешка, која побрзо од кој било суд ќе ја процесуира и заокружи неговата политичко-лидерска судбина.

Имено, најлошиот начин некој да ја докаже вистината, невиноста или чесноста, е битката за нив да ја минимизира на легален правен терен и да ја префрли на политичко-деструктивен.  

А Груевски, кој постојано се повикува на вистината, би требало да знае дека вистината е синоним за правда, а правдата не се добива преку вербално-партиски ритуал. Или дека тоа повеќе нема да може да функционира така. И не само за него.