Министри на одмор

Партијата на министерот за здравство Таравари, Алијансата на Албанците, проценила дека Таравари треба да биде нивни кандидат за градоначалник на Гостивар. Веројатно процениле дека Таравари може да биде покорисен како татко на градот, отколку како измеќар на здравството. Или процениле дека немаат соодветни квалитетни кадри за сите позиции за кои имаат амбиции да ги освојат во плуралистичкиот систем. Или ништо не ценеле, туку кому иде…

А Таравари ќе зел две недели одмор за време на кампањата, па ако не успее на локалните избори, ете ти го него повторно во министерската фотелја. Бидејќи неговата партија нема подеднакво квалитетни кадри кои би можеле да го заменат – било како градоначалник, било како министер. А со оглед на фактот дека Гостивар е поприоритетен од здравствениот систем, тогаш е јасно зошто Министерството за здравство служи како еден вид резерва, односно отстапница за продолжување на кариерата.

Имавме ние и вицепремиерка задолжена за евроинтеграциите, која стана градоначалничка на Тетово. И затоа Тетово стана европски град. Со најголем број диви депонии по глава на жител

Навистина иновантна идеја и интересен начин на размислување. Во таа смисла, една од партиите би можела да процени дека Валандово e поприоритетно од Македонија, па да го кандидира, на пример, претседателот Ѓорге Иванов за градоначалник на Валандово. Ќе си земе човекот две недели одмор и ќе си ја турка кампањата. Предноста на ова решение е во фактот дека ако Иванов ја турка кампањата онака како што ја води државата, никој нема ни да забележи дека е на годишен одмор. Всушност, нема ни да забележи дека води предизборна кампања. Така што никој нема да мора да го менува додека е отсутен, што само му ја олеснува одлуката на сегашниот претседател на Собранието, Талат Џафери, да си земе годишен одмор за да се кандидира за градоначалник на Дебар, на пример.

Слушам дека и некои од пратениците ќе бидат градоначалнички кандидати. И треба повеќе пратеници да се кандидираат. Не за друго, туку редно е и тие да си земат двонеделни годишни одмори. Нема смисла Парламентот да работи додека другите си играат парламентарна демократија. Конечно, пратениците имаат искуство. Кога ќе им заврши двонеделниот одмор секако дека ќе им треба уште неколку месеци самите да се конституираат, а тоа ќе бара големи патни трошоци, многу кафе пиење и уште повеќе зборување. Идеално за локална самоуправа.

Штета што СДСМ веќе истакна свој кандидат за градоначалник на Струмица. Да се сетеа можеа да ја искористат оваа формула и да ја кандидираат својата добитна опција за овој град – премиерот Зоран Заев! И нему му треба малку одмор. Ако веќе немаат подобар кандидат за премиер или не можат да решат што е поприоритетно: Струмица или Македонија, можеше човекот да биде и премиер и градоначалник. И да си зема по два годишни одморa: премиерски и градоначалнички. Оваа комбинација дава и други можности – на пример, кога ќе го бараат во Владата, ете го него како ги решава неодложните работи во градот. И обратно: кога ќе му биде потребен на градот, ете го него како потпишува добрососедски договори со Србија.

Таравари вели дека во Министерството ќе доаѓал само за итни случаи. Тоа ќе му дојде нешто како министер за брза помош. „Ало министре, мора да потпишете набавка на газа за болницата во Битола“. И, оп, еве го Таравари како долетува во Министерството. Веднаш штом ќе му заврши посетата на пензионерките во Гостивар. Од оваа перспектива делува појасно што значеше апликацијата „Ало, Таравари“. Тоа било само решение министерот телефонски да министeрува, да доаѓа во Министерството кога ќе процени дека е итен случајот, а во меѓувреме да си биде гостиварски градоначалник.

Штета што СДСМ веќе истакна свој кандидат за градоначалник на Струмица. Да се сетеа можеа да ја искористат оваа формула и да ја кандидираат својата добитна опција за овој град – премиерот Зоран Заев! И нему му треба малку одмор

Додуша, иако оваа идеја министри на годишни одмори да се борат за градоначалничко место ја оценуваме како иновантна, таа сепак и не е толку нова. Имавме ние и вицепремиерка задолжена за евроинтеграциите, која стана градоначалничка на Тетово. Се разбира, Тетово секогаш има приоритет наспроти Европа. Како велат: првин исчисти го својот двор, а потоа гледај по другите, па Теута Арифи, сосема исправно, прво реши да го исчисти Тетово, а потоа да ја внесува земјата во Европска Унија.

Резултатите се евидентни. Толку го исчисти што немаше место на една дива депонија да се складиra ѓубрето, туку мораше на секој чекор да се отвораат нови. Тетово, ако сакаме да бидеме искрени, е лидер во регионот по бројот на диви депонии. Кога повеќе немаше место ни за диви депонии, ѓубрето почна да се чисти со – пожари.

Единствен проблем на Теута Арифи е што не смисли некоја апликација од типот „Ало, градоначалничке“, па граѓаните мораа да одат пред зградата на Општината да ѝ ги пренесат своите проблеми. А и да фрлат ѓубре, бидејќи сите диви депонии веќе беа зафатени.

Што се однесува до мене, немам никаков проблем со тоа што Таравари по само сто дена министeрување решил да си ја проба среќата во градоначалникување. А уште помал ми е проблемот што ќе биде „три во едно“: ем во предизборна кампања, ем министер, ем на годишен одмор (иако Антикорупциската комисија, ако постои, а не е само мит, токму тука би требало да даде некакво свое мислење). Напротив. Му посакува секое добро, особено добро здравје нему и на семејството и, секако, долг годишен одмор