Многу „ќелии“ во македонската политика на стероиди

Темпираното реагирање на одреден проблем, во политичкиот жаргон се нарекува „политика на стероиди“. Со употреба на наменски и темпирани „стероиди“ експресно и по потреба се создаваат лажни политички мускули, како израз на една, божем, хиперактивна политика на домашен и на глобален план. Зад таа лажна слика владее празнина и институционална парализа.

Уште кога премиерот Груевски во својот илинденски говор ги потенцираше предизвиците и опасностите што ги носи мигрантска криза, многумина веќе прогнозираа дека наскоро ќе биде потврдена големата конструктивна улога на македонската власт во борбата против глобалниот тероризам. И погодија. Не заради тешките анализи, колку заради лесната предвидливост на потезите на власта.

„Тие може да дојдат и во нашата улица, пред нашиот влез на зграда или куќа и да ги загрозат нашите животи и животите на нашите блиски“, предупреди Груевски на потенцијалната опасност.

Не е спорно дека можат. Освен, кога се тактизира со податокот дека некои одамна се тука, угостени и толерирани со одредена цел: да се активираат како „проблем“ тогаш кога тоа ќе и затреба на власта. Кога ќе биде густо. На пример, во време на политичка криза.

Тогаш е најбитно да се покаже колку е небитна и релативна важноста на еден прочистен избирачки список наспроти чистењето на опасни терористички елементи од безбедносното ткиво на државата. Или колку е јалова дискусијата дали специјалниот обвинител ќе биде избран навреме, во време кога државата е пред безбедносно невреме. Со еден збор, слободата и демократијата мора да чекаат кога е во прашање безбедноста.

Ништо ново. Во клучни политички моменти досега сме виделе безброј примери како одредена „баба рога“, се вади од залихите во државните витрини и се пушта во јавен промет за да предизвика дејство кое потоа ќе биде алиби за преземените владејачки политики.

Да бидам јасна: Воопшто не ја потценувам опасноста од терористички тенденции на одредени структури кои лажно се кријат зад исламот и го злоупотребуваат како маска за свои радикални и насилни активности. Но, сметам дека на овој проблем не само што не му е даден сериозен третман во Македонија, туку со неговите пројавни форми се кокетира исклучиво за политички цели.

Да беше поинаку, акцијата „Ќелија“ ќе беше спроведена најмалку пред една година, кога ИВЗ апелираше дека две нејзини џамии се под контрола на лица кои го извитоперуваат традиционалниот ислам. МВР јавно одби да се „меша во работи на ИВЗ“, небаре се работи за покана за утринска молитва, а не за институционална истрага и интервенција. Можеби, тоа беше само „казна“, со оглед дека структури од ИВЗ тврдеа дека „спорните верски лица претпладне одат на консултации кај шефот на една безбедносна институција, а попладне ‘на молитва’ во една влијателна амбасада“!

cavkov-isis

Од прес-конференцијата на министерот за внатрешни работи Митко Чавков / Фото: МИА

Индициите дека тие контраверзни лица биле толерирани, а кои посредно беа потврдени со отсуство на институционална реакција против нив, укажува на двојни спреги со одредени цели и бенефити. За жал, во Македонија подолг период функционира политичкиот метод на „темпирани активности во согласност со актуелната конјуктура“.

Метастазата е дијагностицирана, но интервенцијата е на стенд-бај и чека активирање кога ќе има потреба со неа да се пренасочи домашното внимание од друг тежок проблем.

Ова е токму тоа. Не се реагира навреме заради заштита на државата, се реагира заради потребите од ребрендирање на нарушениот имиџ на власта со активности кои ќе добијат меѓународен „сертификат“.

Во политичкиот жаргон ваквата практика се нарекува „политика на стероиди“. Со употреба на наменски и темпирани „стероиди“, експресно и по потреба се создаваат лажни политички мускули, како рефлективен израз на една, божем, хиперактивна политика на домашен и на глобален план. Зад таа лажна слика, владее празнина, институционална парализа, исполнета со проѕирни конструкти на наменски осмислени активности.

Секој таков нов конструкт треба да ја затскрие вистинската состојба во која се наоѓа земјата, маркетиншки да ја претстави како добар општествен производ, а благодарение на тоа – власта да се одржи и да се претстави како незаменлива и безалтернативна. Иновативноста и креативноста во производството на што поголем број такви конструкти и нивна промоција во строго темпиран момент, е главната формула за санирање на последиците од кризата кои ја загрозуваат власта. Таа нема да се откаже од таа формула се додека и носи резултати на партиското конто.

За жал, не се размислува за опасноста дека таквата „лабораториски контролирана ситуација“ еден ден може да пукне, да излезе од контрола и да предизвика ескалација. Слично како што се случи со мајскиот инцидент во Куманово.

Во политичките кабинети актуелните безбедносни закани денес симплифицирано се подведуваат под терминот „радикален ислам“. Не се прави дистинкција помеѓу умерените исламистички- организации и радикални фундаменталистичко-терористички движења. Не се прави разлика меѓу религиозните убедувања кои остануваат само во приватната сфера и оние кои се насочени кон општествено-политички промени преку насилно делување. Не се прави разлика меѓу „секуларни фундаменталисти“, „неоориенталисти“ и оние кои се ставаат под сомнеж само затоа што дома ја имаат светата книга – Куранот. Не се прави разлика меѓу искрени верници и оние кои се обидуваат Бог да го претворат во инструмент на својата политике.

На крајот, сликата дека исламскиот свет е претставен или од авторитарни режими или од исламски џихадисти е неточна и манипулативна.

Има „многу помеѓу“. Исто како што има „многу помеѓу“ и меѓу една навремена и професионално мотивирана полициска акција и една одложена и политички темпирана. Дел од „ќелијата“ и таму треба да се бара.