Мојот пратеник

Не знам дали сѐ уште се популарни, но пред две децении во Лондон, најпродавани сувенири беа малите шишенца наполнети со „лондонска магла“. Се разбира, тие беа сосема празни, но внатрешноста на стаклото беше заматена, за да изгледа дека внатре навистина ја има наведената содржина – маглата. На мојата полица такво шишенце со магла само од себе распука (не издржа конкуренција) додека пратеничката Даниела Рангелова на ТВ објаснуваше зошто си дала оставка од функцијата претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ. Таа упати серија критики за несогласувањето со политиката на актуелното раководство кое партијата ја води кон изолација, не ги сокри ни нејзините лични емоции во однос на гревот направен кон колегите „отпишани“ на 19 октомври уште во парламентот, а изрази и самокритика и неверување за некои нејзини изјави од пред една година. Има една добра српска поговорка за вакви примери: „Шта ме кошта да се кајем?“ Ништо. За на крајот, да каже дека нема да гласа за уставните измени! Па, ако партијата оди кон изолација токму заради опструирањето на интеграциската перспектива на Македонија, а и Рангелова самата тврди дека ќе гласа против можноста што води кон тие интеграции, тогаш во што е разликата меѓу неа и Мицкоски? Ако ги исклучиме шишките, очигледно нема никаква разлика. И таа ја поддржува истата таа партиска политика, која вели „нема поддршка за Договорот од Преспа, односно нема поддршка за уставните измени“.

Со ваков став, воопшто и не требало да си дава оставка. Со ваков став, ниту ќе додаде вредност на внатрепартиската демократија, ниту ќе влијае врз еманципирање на заблуденото членство. Практично, таа само продаде привид/магла за некакво издвоено мислење, со однапред купен билет за свое репозиционирање во некое следно мешање на картите во партијата.

Значи, тоа што некогаш биле меници, сега се изјави. Со што ги заверуваат? Со капка крв? И Николоски не пропушти во име на демократијата повторно да потсети дека „секој пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, кој во парламентот ќе постапи спротивно на ставот на ЦК и даде поддршка на уставни промени – ќе биде исклучен од партијата!

Таа демагогија не е ендемска. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, кој до вчера тврдеше дека неговата партија ќе направи подобар Договор со Грција, сега изјавува дека „подобар Договор со Грција веќе не е можен“. Што ги тера луѓето секој ден да ја шокираат јавноста со нови пресврти? Понекогаш имам впечаток дека си фатиле работа со „Момо“, онаа опасна игра со страшен лик, кој на играчите им дели разни предизвици, а доколку одбијат, им следуваат казна и заканувачки пораки. Последново ви изгледа како од некаде познато? И таман ќе помисли човек – зар е можно да е тоа некаков „партиски Момо“, кога ете го Мицкоски на ТВ Алсат самиот ќе каже дека „пратениците потпишувале изјави дека нема да гласаат за уставни измени!“. И тоа за него не е проблем. Не било притисок. Тој вели дека демократијата важи само додека органите и телатa да донесат одлука. Потоа не е дозволено никакво солирање. Но, ако се има предвид дека најголемиот број членови во Централниот комитет го сочинуваат претседатели на Општински комитети кои се избрани токму од страна на Мицкоски, тогаш – ајде да погодиме – под чие мислење се покоруваат тие во фазата на таа декларативна „демократија“.

Значи, тоа што некогаш биле меници, сега се изјави. Со што ги заверуваат? Со капка крв? И Николоски не пропушти во име на демократијата повторно да потсети дека „секој пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, кој во парламентот ќе постапи спротивно на ставот на ЦК и даде поддршка на уставни промени – ќе биде исклучен од партијата!

Ако некој искрено сака да загребе во последните резерви на сопствената совест, тешко ќе најде мотивација да брани таква партиска демократија. И кога повикуваат – доста се занимавате со опозицијата – само откриваат дека не разбираат колку е важно опозицијата да се стабилизира за да биде релевантен коректор на власта.

Ќе поверувавте ли, ако некој во 2015 година ви кажеше дека Мијалков ќе стане најжесток критичар на раководството на својата партија или дека Ѕинго ќе се покаже како поголем демократ од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и нема да исклучи од членство пратеничка што гласала контра ставот на партијата?

Бидејќи сликата за земјата ја градат сите. Што да се каже за земја во која заради политиката на опозицијата, 80 пратеници 24/7 треба да ги штити полицијата, еден градоначалник да има патролно обезбедување и уште не знам колку други форми на заштита да бидат на располагање за секој што од подрумите на квазипатриотизмот ќе биде прогласен за предавник? Да мижиме ли пред ваквата реалност? Да чекаме додека „Момо“ не нареди нешто друго, уште полошо од претходното?

Работата ја донесоа до врвен апсурд. Ќе поверувавте ли, ако некој во 2015 година ви кажеше дека Мијалков ќе стане најжесток критичар на раководството на својата партија или дека Ѕинго ќе се покаже како поголем демократ од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и нема да исклучи од членство пратеничка што гласала контра ставот на партијата? Или дека храбриот Груевски сега ќе пишува исклучиво молби? Да потсетам, Груевски на 26 февруари 2017 година му нудеше на Заев поддршка за малцинска влада ако се откаже од „тиранската платформа“, со оваа порака: „Ако му е голема желба да нѐ апси, еве јас се пријавувам прв доброволно, нека ме апси, само нека ја остави државата“. Демек, апсењето зависело од желбата на опонентот, а не од индициите за криминал, од кои дел за Груевски веќе се судски потврдени.

Истиот тој Груевски, денес кога е осуден со правосилна пресуда, прв бара начин како да го избегне издржувањето на двегодишната казна затвор. Бара одлагање на казната, наводно поради обврски во Собранието, но и поради тоа што пишувал книга. Ова со книгата не е баш уверлив аргумент, но ова со пратеничките обврски – да! И битно е да се види дали и колку Груевски и досега ѝ бил приврзан на пратеничката функција и како ја извршувал во парламентот. Најтемелна слика за тоа нуди собраниската публикација „Мојот пратеник“. На пример, во 19-от број на публикацијата, кој го опфаќа периодот од 1 јануари до 30 јуни 2018 година, го пишува следново: за шест месеци во Собранието бил присутен само 3 (три) пати! Има 31 оправдано и 21 неоправдано отсуство. Значи, 52 пати бил отсутен, а само трипати присутен во рок од шест месеци. Или во просек – во парламентот присуствувал еднаш на два месеца. На пленарна седница имал само 1 (едно) излагање, а на седници на работни тела, совети и други тела 0 (нула) излагања. А во тој период, парламентот донел вкупно 178 закони: 83 од економска област, 52 од политички систем и 43 од јавни дејности.

Толку за фактите. По ваков раскошен труд во парламентот, Судот сигурно ќе има тешка дилема. И би требало.