Момент-ум

Колумна на Сашо Кокаланов

Зборот „моментум“ кој денеска и утре ќе го изнаслушаме и изначитаме по македонските електронски и печатени медиуми во извештаите од посетата на посредникот во спорот за името Метју Нимиц на Скопје, не постои во македонскиот јазик. Но, тоа не значи дека не можеме да го разложиме на два збора што постојат – момент и ум. Дури така ќе го опишеме подобро овој клучен миг во решавањето на 25-годишниот спор, зашто освен дека сега е моментот тоа да се стори, ќе дадеме и една мала препорака како тоа да се стори, имено, со ум наместо со емоции.

Ако им се препуштиме на емоциите, тешко ќе го избегнеме гневот, зашто освен некои реални стравови на грчката страна за таканаречениот „македонски ирендетизам“, во спорот има и доста глупости, па очекувано е да ги има и во решението. Овие глупости (ќе) се бенигни за двете страни и не можат да загрозат ничиј идентитет (ако останало нешто од него по десетгодишното идентитетско турлитавење на груевистите), но ќе буричкаат по достоинството на една од страните, и тоа болно, како брцнување со прстот в сол, па во отворена рана.

Не е тешко да се погоди која ќе биде таа една страна. Но, рациото, сепак, вели дека треба да се остане кул, да се работи до крај на отстранување на таквите „мрсни деталчиња“ колку што е можно повеќе и да не се дозволи во ниеден момент да ја изгубиме големата слика, па од дрвјата да не можеме да ја видиме шумата.

Моментот е овој, треба само емоциите да не ни го поматат умот. Така што, да, во право е Нимиц, сега е момент-умот за решавање на спорот.

Секој што треба кривично да одговара за претходната декада, треба да го остави тоа за подоцна, а сега да се вложи во реформирањето на сите сфери од општеството што ги заебал

Истовремено, треба да продолжат реформите во земјава. Животот не смее да запре овие два месеца, особено не животот за поранешните слуги на режимот. А за квалитетни реформи, клучно е да има квалитетни советници во тимот на премиерот. Секој што треба кривично да одговара за претходната декада, треба да го остави тоа за подоцна, а сега да се вложи во реформирањето на сите сфери од општеството што ги заебал.

Освен во правосудството, каде што кумот на Трајко, Јово Вангеловски, и адвокатот на фамилијата, Никола Додовски, ад официо седнаа во советнички фотелји, треба да се ангажираат и советници во другите нереформирани општествени сфери.

Еве го идеалниот тим на советници во Владата на Заев:

Никола Груевски, советник за демократија и добро владеење;

Ристо Никовски, советник за искористување на моментумот во спорот за името;

Миле Јанакиески, советник за контакт со Кинезите и раководење со ревизијата на утнатите автопатишта;

Гордана Јанкуловска, советник за филм, а ако се нафати и – директор на Агенцијата за филм;

Филип Петровски, советник за зачувување на македонскиот фолклор и македонската народна патриотска песна;

Диме Спасов, советник за нов сообраќаен режим на улицата „Серава“;

Мартин Протуѓер, советник за медиуми и уредник на информативната програма на МТВ;

Срѓан Керим, советник за брз трансфер на пари (со животот ќе дојде и парата);

Ѓорѓе Иванов, по завршувањето на вториот претседателски мандат, веднаш да биде ангажиран за советник на Заев за дијаспората на Хималаите;

Сашо Мијалков, за контакт со странски оф-шор компании;

Орце Камчев, да советува за здравство, банкарство, хотелиерство и за кисела вода;

Оливер Андонов, советник за управувања со ловишта и привлекување уште попознати и попрецизни ловџии од Златан Ибрахимовиќ во „Јасен“;

Ацо Станковски – Ребрант, советник за рестартирање на фабриката „Алуминка“;

Коце Трајановски, советник за пошумување и лично раководење со процесот на замена на палмите со елки;

Влатко Ѓорчев, советник за наталитет, трето дете и односи со верските заедници;

Владе Талески, советник за транспорт и врски;

Артан Груби, советник за заживување на Скопското кале;

Ивица Коневски, советник за црковни прашања (повеќе цркви има изградено од МПЦ);

Силвана Бонева, советник за патувања;

Миленко Неделковски, советник за сточарство и селски туризам;

Стевчо Јакимовски, советник за урбанизам, паркови и зеленила и раководење со проектите „Стан за секое дете“ и „Имаш зграда, дади стан“;

Елизабета Канческа-Милевска – советник за негување на српскиот и на другите малцински јазици;

Цветин Чилиманов, советник за Сорос;

– и секако Ивица Боцевски, советник за сите работи, а по потреба и за друго.

Со ваков моќен советнички тим, Македонија не треба да се грижи дури и ако пропадне планот „А“, односно ако не го искористиме моментумот. Ако Македонија не може да влезе во Европа, тогаш зошто Средна и делови од Јужна Америка да не влезат во  Македонија.

Сега е моментот, берете ум!