На моторџијата нема кој да му баци рака

Колумна на Сашо Кокаланов

Во оние лоши времиња на социјализмот, кога се спиеше со отклучена врата, а во топлите летни ноќи и со отворен прозорец, немавме многу работи, ама имавме нешто многу скапоцено – тишината ноќе. Тогаш не бевме ниту свесни за овој неверојатен благодат што ни го пружаше државата во изумирање, па го трошевме без ниту трошка благодарност.

Но, таков е човекот – секогаш помалку го цени она што го има. Во тие далечни времиња, државата не само што не изумре туку и си обавуваше некои свои функции, како на пример онаа најглупавата – одржување на редот и мирот на граѓаните. Денес, кога конечно се ослободивме од стегите на социјализмот, и државата се ослободи од стегите да мора да ни ги обезбедува редот и мирот. Додуша, доколку сакате да фрлите боја на партиско седиште, државата е тука и ќе го обезбеди редот со трислојни кордони, но барем мирот и спокојот не мора да ви ги обезбеди.

Така, наместо државата, изумре – тишината. Сосема ненадејно, речиси во сон, умре оваа најиманентна страна на ноќта. А ние го изгубивме сонот.

Денес, кога конечно се ослободивме од стегите на социјализмот, и државата се ослободи од стегите да мора да ни ги обезбедува редот и мирот

Ако живеете во Скопје, покрај булевар, немате снајперска пушка или имате, а не сте кадарни да погодите објект во движење со брзина поголема од двесте километри на час, вие сте осудени ноќта да ја поминете будни. Тоа е нов океан со можности – може да прочитате некоја книга, да изгледате некој филм, додуша во тоа време од денот пожелно е да имате 18+ години, или не мора да правите ништо целисходно, можете едноставно само да си ја удирате главата в ѕид и да чекате да заѕвони будилникот за да почнете да се спремате за на работа.

А ако бучавата од бесните моторџии сосема ве расони, имате уште една ексклузивна можност од програмата на новата власт – можете да се симнете пред зграда и со маалскиот полицаец да си „часкате“ во кој од околните супермаркети млекото е поевтино за еден денар. Не ви се допаѓа? А ви текнува кога во социјализмот чекавте ред за млеко? Така оди тоа, не можете да имате сѐ – и млеко и тишина. Денес има млеко колку сакате, дури поради пазарната економија, во некои маркети е поевтино за еден денар.

Ако водите живот на високи октани, односно имате стан во близина на булевар, има две работи што воопшто не мора да се мачите да ги правите: да трошите пари на тампони за уши и да пријавите во полиција. Тампоните сѐ уште немаат постигнато таков квалитет да ви завршат работа; се развиваат нешто побавно од моторите кои веќе се во состојба да го пробијат звучниот ѕид. А исто може да се каже и за полицијата – и таа се развива доста побавно од индустријата за производство на мотори.

Еднаш, жив среќен, здогледав полициско возило на булеварот кај што живеам. Набрзина фрлив некои бермуди и маица на себе и отрчав со брзина едно стопати помала од мотор кога поминува на црвено, со други зборови, отрчав со огромна брзина до булеварот и на моја огромна среќа полициското возило сѐ уште беше таму. Имав и уште една среќа – во моментите кога му тропав на прозорецот од јетито на дежурниот полицаец само што пролетаа два-три мотора.

– Добро вечер, се извинувам што ве прекинувам на вечера – му реков откако сочекав да го соџвака вкусното залче бурек со месо – но, мислам дека тукушто помина мотор со брзина поголема од дозволената.
– Да? – праша полицаецот и гризна од бурекот.
– Да, да, господине, на само еден метар, можеби метар и половина од вашево јети. Не го видовте?
Полицаецот размисли неколку мига, па ми одговори едвај разбирливо, со полна уста:
– А бе, ги слушам од прегеска, ама не можам да ги видам. Многу брзо возат.

Не можев да порекнам, полицаецот беше во право, пребрзо возат. И да излезе од кола човекот и да застане со палката со знак СТОП, сосема е логично дека поради големата брзина, моторџијата нема да го забележи и нема да застане.

Во меѓувреме, овој на моторот помина уште неколку пати покрај нас, вртејќи на семафорите на двата краја од булеварот полукружно и правејќи бучава како авион сухои да ви прелетал над главата. И бидејќи тој не престануваше да го струга воздухот, сѐ посилно и сѐ побрзо, како со моторна пила да го сече металното срце на тишината, се окуражив да тропнам по втор пат на прозорецот од јетито. Прозорецот се отвори и од него излета стуткана хартија од бурек. Со вешт маневар избегнав да ме погоди в глава, а потоа се наведнав до прозорецот и му реков на униформираниов:

– Дозволете, можеби возачов на моторов има проблем. Можеби му е потребна вашата помош.
– Каков проблем?

Ако, живеете во Скопје, покрај булевар, немате снајперска пушка или имате, а не сте кадарни да погодите објект во движење со брзина поголема од двесте километри на час, вие сте осудени ноќта да ја поминете будни

Бев принуден да му го раскажам вицот за Мујо и неговиот нов мотор. Седат мноштво луѓе во кафеана во сараевската Баш чаршија, кога одеднаш покрај нив згрмува моторчиште, а на него се вози Мујо и вика: Кој има ваков мотор! Луѓето се гледаат меѓу себе, кога ете ти го пак Мујо: Кој има ваков мотор, а!? Најстариот во кафеаната, оној со лулето в уста, вели: Види го, мајмун, дошол да се прави важен! Кога ете ти го Мујо повторно: Кој има ваков мотор! Му пукнал филмот на еден од кафеаната, стала и викнал: Јас имам, бе, па што ако? А Мујо на тоа речиси рипнал од седиштето од среќа: Па, кажи болан како се гаси чудово!!!

Полицаецот ме гледа, си ги бара со јазикот последните зрна мевце од бурекот со месо во устата, па ме прашува:

– Што сакаш да кажеш?
– Па, ништо, можеби дечково сака да застане, ама не знае како, можеби затоа врти цела ноќ.
Полицаецот размисли неколку секунди, можеби беа и минути, па спокојно ми рече:
Можеби, ама Баш чаршија не е мој реон, јас вечерва сум во Аеродром.

Се откажав и си се прибрав дома. Го извадив мобилниот и почнав да вртам по именикот. Добрата работа кога си новинар е што имаш разни броеви во именикот. Стасав до бројот на Оливер Спасовски. Помислив дали три часот по полноќ е предоцна за да му се врти на министер. Можеби човекот ја нема привилегијата да живее покрај булавер, со други зборови, можеби спие. Од друга страна, можеби и ние што живееме покрај булевар заслужуваме да поспиеме некој саат.

Во последен момент се премислив. Ми текна на еден друг случај, кога еден друг човек му се јави на министерот да пријави бандит. Министерот веднаш се сретна со бандитот и – му баци рака. Што знам, да не го изм’кнам човекот од пижами да доаѓа дури до Аеродром, за да му баци рака на моторџијата. А тоа е голем мастраф и за моторџијата. Неговите раце не се голи како попските, ќе го малтретираме човекот да вади ракавици. И тоа баш кога успеа да крене преку двесте на саат. Нема смисла.

Си пуштив МТВ и цела ноќ си гледав бесплатни владини реклами. Има и некоја „Младост лудост“ за безбедност во сообраќајот. Одеднаш се сепнав – а што ако некој му ја загрози безбедноста на моторџијава и му претрча на пешачки на таа брзина?
Потоа не можев да заспијам од секирации. За среќа, не мораше да чекам долго на будилникот. Конечно дојде утрото.