Налепници за неработниците

На денешен ден, 9 ноември 2005 година, Европската комисија дала позитивно мислење за кандидатурата на Македонија за членство во ЕУ и му препорачала на Европскиот совет да ѝ даде статус на земја-кандидат. Во декември истата година одлуката стана и официјална.

Оттогаш до денес поминаа цели 13 години на лет во место. Можеби оваа бројка во глобални рамки наликува на незначајна секвенца од историјата, но во календарот на сите што живееме денес и овде, тоа е страотна загуба на најскапиот ресурс за нас и државата – времето!

Цела генерација седмоодделенци израснале во период во кој е остварено едно големо ништо. Според неформални пресметки, ако секој ден редите по една тула, за 13 години може да изградите пристојна куќа. Ако човек за просечен животен век поминува 170.000 километри, за 13 години неколкупати пеш ќе стигне до Брисел.

Но, зборуваме за институционален, а не за приватен пат. И сега кога конечно сме пред можноста следната пролет да направиме исчекор од тоа статус кво, едни притискаат на гас, други креваат рачна. Не може ништо да се движи ставено под притисок на дихотомни команди. Двотретинското мнозинство во парламентот дава надеж дека процесот ќе тргне, но прашањето е зошто сите да не дадат придонес во истата насока.

Мицкоски во Хелсинки веќе доби неколку јаки „заушки“ на тема европски вредности, интеграција и демократија. Но, побрза да ги демантира надежите на европските партнери дека ќе има какво било преиспитување на партискиот однос кон процесот во парламентот и внатрепартиската демократија. Работата ја сведе на став дека „челните луѓе на ЕПП биле дезинформирани за актуелната ситуација во Македонија и дека се покажало кој е изворот на тие дезинформации“.

Пред да почнат да ставаат еколошки налепници на автомобилите, прво да им стават „налепници“ на неработниците, почнувајќи од базата, па сѐ до врвот на пирамидата. Тоа е реформа број еден

Проблем е ако соговорниците на Мицкоски веруваат дека не знае што прави, бидејќи тој знае што прави. Во излогот го нуди тоа што го нема во партиската продавница – интеграциите како приоритет. Не е битно како е, туку како треба да изгледа. Тоа се нарекува градење рејтинг врз лажна перцепција. Такво нешто не поминува бидејќи предвид се земаат само резултатите, а не лажните ветувања.

Ваквиот манир длабоко ја има зафатено партијата, но не смее да ја инфицира и државата. Во моментов, мнозинството треба да се фокусира на ресурсите што ги има, да се обиде да ги надгради ако може и да се посвети на реформите.

Дел поради објективни причини, дел поради возење во втора брзина од страна на раководители на некои ресори, реформите прилично доцнат. А ова е период во кој амбасадорите на ЕУ веќе виткаат табак и почнуваат да ги пишуваат извештаите, врз чија основа напролет ќе се темели оценката за напредокот на Македонија. Ќе имаат ли што да запишат денес?

Да, Македонија помина еден исклучително динамичен период од преговори до Договорот од Преспа, со тешки и напорни разговори, со натфрлени работни часови и на крајот – успех, но тие не одат на контото на целата влада и не за сите сфери. Не беа сите Заев, Димитров, Шекеринска или Османи… Има министри кои функцијата ја доживуваа на начин дека добро им се согласува со костумот. И така 365 дена.

Најавуваа стратегии, планови, но ништо од тие хартии не е преточено во практика. Сега, кога уставните измени преминаа во надлежност на парламентот, кога големото прашање полека се канализира во извесни процедури, нема време за нови изговори.

Непрочитана и неотворена е македонската Книга за реформи. Тоа е она што се очекува, не заради Брисел, туку заради граѓаните

Практично, тајмерот прикачен на македонските реформи вели дека е 12 и 5 за да се заокружи некој процес. Според тоа, периодот до пролет мора максимално да се искористи за барем да почнат дел од реформите, со однапред вкалкулирано време за сите опструкции што би можеле да стигнат од опозицијата на тој план и со висока доза на имунитет против таквите обиди.

Тоа не значи да запрат обидите за дијалог со опозицијата. Напротив, треба да продолжат дури и по цена да наликуваат на некаква попустливост кон опозицијата. Тоа не значи пораз, туку доблест. Од таков модел на комуникација никој не може да излезе поразен. Тоа што во моментов не е на повидок таква околност, не треба да биде претворено во второ алиби.

Бидејќи, меѓу двата големи политички блока стојат граѓаните. Тие нема да почувствуваат никаква благодат ако продолжи амбивалентната форма на комуникација, во која нема место за друг, освен за власт и опозиција, наречена „тие“ и „ние“.

Зар ништо друго нема помеѓу? Каде се граѓаните? Зар ќе се откажеме од градење нова политичка култура, која на демократијата треба да ѝ ги предочи сите елементи на конфронтативна, но конструктивна политика наспроти тридецениските политикантски тензии? 

Притоа, без илузии дека политикантството ќе го снема преку ноќ. Може до бескрај да зборуваме за општествена одговорност во овој момент, или за  трансгенерациска одговорност за државата, но ако некој сака да го бојкотира или да го блокира државниот ринг, во сите планирани потези мора да се пресмета и тој чин и да се продолжи да се работи, а не блокадата да се користи како оправдување.

Премиерот вели дека нема да има реконструкција, туку евентуално смена на министри. Не само министри, мора да следи тотално затегање на сите попуштени шрафови во институциите

Особено, не пред оние кон чии вредности се стремиме. Ако некој е за интеграција и за европски стандарди – hic Rhodus, hic salta – може да го докаже тоа. Ако не е, ќе опструира. Власта не смее да губи време во објаснување на нечии неискрени намери. Во Брисел имаат целосно јасен скен за овдешната ситуација, за потенцијалот, ресурсите, минатиот труд…

Нивен комесар овде потроши месеци и месеци по црниот понеделник (24.12), за на крај препораките за надминување на таквите ситуации донесени под европско медијаторство да бидат наречени „тоалетна хартија“ од претставник на „европското“ ВМРО-ДПМНЕ.

Колку европски амбасадори и политичари во Скопје си ги видоа своите некролози во периодот на „Пржино“? Така што, за нив нема многу изненадувања од „европејството“, кое гледа непријател во ЕУ. Тоа е прочитана приказна.

Непрочитана и неотворена е македонската Книга за реформи. Тоа е она што се очекува, не поради Брисел, туку поради граѓаните. Со оглед дека опозицијата сѐ повеќе го губи и патот и ориентирот, граѓаните се „камшикарот“ на власта кој ќе следи, прашува потсетува, предупредува, критикува и ќе бара промени.

Плановите „3-6-9“ или „18“, граѓаните ги доживуваат како вербална еквилибристика. Се мачка ли тоа на леб? Се плаќа ли со нив поевтин енергенс? Го подобруваат ли тие стандардот? Кога ќе се почувствуваат ефектите од нив? Ова се легитимни прашања. Одговорите не можат да бидат дадени ако нема резултати.

Премиерот вели дека нема да има реконструкција, туку евентуално смена на министри. Не само министри, мора да следи тотално затегање на сите попуштени шрафови во институциите.

Не треба да има дилема за министри и за други функционери што не доаѓаат на работа, или за вработени во администрацијата, кои заминале во странство, а овде им тече плата. Затоа, пред да почнат да ставаат еколошки налепници на автомобилите, прво да им стават „налепници“ на неработниците, почнувајќи од базата, па сѐ до врвот на пирамидата. Тоа е реформа број еден. Потоа полесно ќе тераме кон 18.