Наравоучението на „случајот Телма“

Според систематизациите на нашите медиуми позицијата уредник е работно место, а не функција, па на тој начин доволно е во систематизацијата да не го предвидиш повеќе тоа работно место и еден искусен професионалец да стане технолошки вишок.

Иако судбината на новинарите на телевизија „Телма“ што по новата систематизација станаа технолошки вишок сѐ уште е неизвесна, или не е јавно соопштена, без оглед дали ќе бидат прераспределени на некои други работни места, ќе добијат некаков социјален пакет или, како во многу случаи, едноставно ќе останат без работа, овој, најнов во следот слични каубојски решавања на новинарските прашања по македонските медиуми, уште еднаш го актуелизира суштинскиот примитивизам ,реализиран според закон и според вообичаената практика, во решавањето на таканареченото новинарско прашање.

Вообичаено оправдан со финансиската кондиција и интересот на приватната сопственост, овој хируршки рез со секира, сепак остави значително погорчлив вкус во традиционално челичните желудници на овдешната заинтересирана јавност. Имено, „Телма“, финансиски заштитена од „Макпетрол“, чиј криптомонополски бизнис му овозможуваше обезбедување не само на финансиска независност на Телевизијата, туку и релативен комфор во уредувачката политика, некако упорно и тврдоглаво го градеше својот имиџ „не сме од тука“.

„Телма“, на пример, упорно ги негуваше „негледливите“ емисии од областа на културата, избегнувајќи ги на нивна сметка „уан мен“ шоуата и таканаречените политички дебати, со што си го заслужи статусот на егзотична појава во македонската медиумска џунгла. Токму затоа она што сега се случува во Телевизијата, иако веќе видено во останатите македонски телевизии, предизвикува такво неверување.

Иако, да бидеме искрени, оние што барем малку ги следеа потезите на новото раководство, веројатно можеа да ги предвидат настаните. Веднаш со доаѓањето на директорот и главниот и одговорен уредник Атанас Кировски беа укинати токму „културните“ емисии, и тоа за сметка на дебатните содржини. Истовремено се случи топ-трансфер на цела една екипа искусни професионалци во политичкото новинарство, што навестуваше дека Телевизијата ќе се откаже од услугите на новинарите, кои дотогаш го градеа имиџот на куќата.

Демократијата не е принципот „народот одлучува“, туку правилото: ако постои еден човек што на телевизија сака да гледа емисија за ликовна уметност, тогаш мора да постои телевизија што тоа ќе му го овозможи

Она што остана во сенката на грубото „ослободување“ од групата искусни професионалци е фактот дека со новата систематизација целосно се укинува културно-уметничката редакција (културната и филмската редакција) што, исто така, дава забележителни назнаки во која насока ќе продолжи да се движи програмската шема на Телевизијата: ред забава (утринска програма), ред телевизиски серии, ред политички дебати… што само ќе ја изедначи со општоприфатеното мислење дека уметноста е работа на елитистите, а телевизиите се медиуми за широки народни маси.
Нема тука да ламентираме над потребата од културни содржини во овдешниот медиумски простор, зашто, на крајот од краиштата, држава која се гордее со проекти од типот „Скопје 2014“, можеби и не треба да има ни култура, барем не во онаа смисла во која ја сфаќаат овдешните медиуми.

Но, она што секако заслужува ламент е дефинитивниот дефицит од медиумска демократија на овие простори. Затоа што демократијата не е принципот „народот одлучува“ , во што толку се трудат да нѐ убедат, туку правилото: ако постои еден човек што на телевизија сака да гледа емисија за ликовна уметност, тогаш мора да постои телевизија што тоа ќе му го овозможи.

Ова се само површинските ефекти на силеџискиот чин на уривањето на професионалниот интегритет и голите егзистенции на новинарите на „Телма“. Она што е под површината е длабоката системска грешка што на ваквото силеџиство му дава за право. Она што во некој паралелен универзум е златно правило, кај нас е дефект. И обратно.

Имено, со само неколку неолиберални потези се избриша новинарската борба за одвојување на уредничките функции од сопственичките права. А новинарите во светот изарчија децении и децении борејќи се токму за превласта на јавниот интерес над интересот на сопственикот (профитот). Во случајот на „Телма“ можеби најдобро се покажува оваа аномалија.

Не е само во прашање неспојливоста на директорската и уредничката функција (главниот уредник по правило би требало да биде мост помеѓу редакцијата и сопственикот, да ги брани интересите на професијата и нејзините стандарди, а не да биде продолжена рака за спроведување на сопственичките политики), туку е токму редефинирањето, да не кажеме деградацијата на уредничката функција.

Според систематизациите на нашите медиуми , а тоа, ете, се потврдува и во „Телма“, позицијата уредник е работно место, а не функција, па на тој начин доволно е во систематизацијата да не го предвидиш повеќе тоа работно место и еден искусен професионалец да стане технолошки вишок.

Поедноставно кажано, не постои училиште за уредници. Во тој некој паралелен универзум уредник не се станува со одреден образовен степен (иако образованието не е занемарливо), туку со самодокажување, сопствен интегритет и – поддршка од редакцијата. Кај нас уредникот директно се именува или дури и вработува од страна на сопственикот, што значи дека тој директно одговара на сопственикот, а не – на јавноста!

Тука доаѓаме до онаа сега веќе традиционална заблуда дека сопственичкото право ги подразбира сите останати права. Можеме да направиме ваква споредба: ако Роман Абрамович го поседува фудбалскиот клуб „Челзи“, тоа никако не значи дека знае да игра фудбал, дури не значи и дека знае кои фудбалери се добри, а најмалку значи дека знае како да ја постави фудбалската игра. Затоа и постојат спортски директори, тренери, играчи итн.

Во македонскиот медиумски случај состојбата е некако обратна. Медиумските тајкуни речиси немаат никаква допирна точка со медиумската индустрија и нејзината суштина, па јавниот интерес секогаш страда пред интересот на профитот. Таблоидизацијата и кичот стануваат парадигма на успешен медиумски простор.

А во таква ситуација, новинарите и уредниците се технолошки вишок.