Не заборавајте ги рекламите!

Простачкото понижување на поинаквите во јавниот говор без тешкотии се вклопи во нормите на политичката коректност. Но, ако сакате тој ист систем од темел да го преуредите, тоа без двоумење ќе биде окарактеризирано како „предавство“, а застапниците на спротивното мислење ќе се опремат со шлемови и гумени палки за да се впуштат со вас во конструктивен либерално-демократски дијалог.

Заборавете ги грижите, не – рекламите! Така некако гласи најавата за рекламните блокови на еден телевизиски канал, чија програма, благодарение на кабелските оператори, можат да ја видат и овдешните гледачи. Иако можеби ви се чини апсурдно, меѓутоа тоа е суштински прецизно и, како такво, болно до коска. Зашто, суштината на рекламите е токму тоа, помалите грижи да ви ги решат со – поголеми.

Тие, имено, ви покажуваат колку сте неуспешни и колку погрешно го разбирате успехот. Степенот на освоената среќа, а со тоа и на постигнатиот успех, според рекламите, е правопропорционален со бројот и цената на брендовите. Вие сте успешен човек ако возите таков и таков автомобил, носите таква и таква облека, имате блескаво исполирани заби, телесна тежина според „книга“, хациенда со базен, беспрекорно уреден дом…

Со други зборови, тие, во сѐ уште недооткриениот нов неолиберален свет во транзициските земји, имаат задача да ви покажат колку сте, всушност – неуспешни. Поточно, рекламите прилично прецизно, во однос на вашите реални грижи (извршители, долгови, егзистенција на семејството, несоодветно работно место…), ви го покажуваат вашето место во општеството, а тоа е – во општествената кал.

Авторитарниот јазик на рекламите не е ништо друго туку жестока дискриминација по класна основа. Невклопеноста во амбиентот на богатите , значи, успешните, макар на ниво на „позитивни интенции“, односно сомнителни обиди за достигнување на овој свет, подразбира прогон од светот во кој се признаваат зададените човечки вредности. А тоа значи дека живот достоен на човекот е само оној што е „оверен“ со повеќе нули на домашните и странските сметки.

Да се остане сиромашен, значи да не се онечовечи, да не се предаде сопствената човечка срж, која се состои од негувана алчност и инстинкт за стекнување. Капитализмот, вели Виктор Иванчиќ, како општествен систем на експлоатација и беспоштедна конкуренција, е единствениот природен поредок во кој „човекот“ плива како риба во вода, освен ако не е она неуспешно „ништо“ што бесповратно тоне во тињата на дното.

Ако рекламите ги читаме во овој клуч, тогаш одлуката на Владата да прекине да ги емитува своите рекламни кампањи, би можеле да ја преведена во пораката: „Заборави ги рекламите, не заборавај ги – грижите!“.

Владините реклами, имено, и онака се движат во обратна насока од авторитарниот свет на комерцијалната пропаганда. Значи, тие се движат кон популистичкиот авторитаризам. Според нив, не е битно дека ви пропаднал бизнисот, поточно не е битно зошто ви пропаднал бизнисот, битно е дека Владата ви помогнала да го отворите бизнисот и битно е дека сте изродиле многу деца, кои ќе ве издржуваат во староста и така ќе бидете – среќни.

reklama

Кадар од владината кампања: Здрава храна – млечни производи / Фото: YouTube принтскрин

Во нејзините кампањи не е битно дека сте насилен и ноторен алкохоличар, поточно не е битно зошто сте насилен и ноторен алкохоличар туку е битно дека имате дете „кое ќе биде машко и ќе ги има твоите очи“. Таа ви вели дека не е битно дека сте абортирале, поточно не е битно зошто сте абортирале, битно е дека вие сте најбескруполозен убиец, општествен отпадок, чие место не е во светот на вистинските вредности што таа го гради.

Тоа значи дека светот на корпоративниот капитал, таму каде што системот на вредности се поставува по мерка на најмоќните брендови, кај нас е преведен во свет на идеолошки капитал. Државата (читај: Владата) е најмоќната корпорација: таа најмногу вработува, таа најмногу плаќа, таа води најмногу бизниси…

Или, поинаку кажано, таа не мора да плаќа К-15, таа може да извршува долгови и од социјални случаи, таа воведува давачки и за најранливите категории. Затоа нејзините реклами убедливо ни говорат дека нашата човечка цена зависи од нашата усогласеност со вредностите на системот, односно на власта. Само оние што ги слушаат нашите мантри се луѓе достојни за почит.

Ми се чини соодветно во овој текст да се повикам на Маркс, кој, варирајќи ја Хегеловата шема на „господар и слуга“, смета дега господаровата претстава на светот на класно неосвестениот слуга му важела како „свет“. Тој светоглед, значи, не е во сопственост на слугата туку на господарот.

Во таа смисла, германскиот филозоф Гунтер Андерс го опишува ефектот на користењето на шаблони во медиумското манипулирање: „Кога на масовниот човек светот му се испорачува како облик на тоталитет на шаблони , на местото на светот стапува тоталитет на претстави, кој е негов, само затоа што така му се жигосува. ‘Мојата претстава нека ви биде свет’, говори волјата на оној што ги произведува матриците. Така зборуваше Хитлер“.

И навистина, непослушниот, инакумислечкиот, со еден збор – инаквиот човек во македонската идеолошка матрица не е ништо друго туку Евреин во нацистичка Германија. Човечко суштество на кое му се одречени човековите својства и статусот на личност.

Простачкото понижување на неистомислениците и неистите во јавниот говор без тешкотии се вклопи во нормите на политичката коректност што ја припишува системот. Од друга страна, ако сакате тој ист систем од темел да го преуредите, тоа без двоумење ќе биде окарактеризирано како „предавство“, „екстремизам“, „непатриотство“,.. а застапниците на спротивното мислење ќе се опремат со шлемови и гумени палки за да се впуштат со вас во конструктивен либерално-демократски дијалог.

Тоа го знаат овдешните корпоративни медиуми кои без трунка одговорност некритички ги објавуваат дискриминаторските пораки. Зошто? Затоа што се тие медиуми устроени токму само за емитување на овие пораки, а останатите содржини се своевиден украс, само за да не ни се слоши од премногу идеологија.

И, да. Владата стави мораториум на објавување на нејзините рекламни кампањи. За овдешните корпоративни медиуми тоа веќе не е ни битно. Тие, едноставно, така се програмирани. А македонската телевизија? Се чини дека нејзе уште не ѝ ја соопштиле оваа одлука!