Неподносливата леснотија да се биде Хорхе

Колумна на Сашо Кокаланов

Не сум толкав мазохист да ги преслушам сите новогодишни обраќања на претседателот Ѓорге Иванов (доволно самоказнувачки е што го проследив последново), за да проверам дали некогаш, макар еднаш, УБК била спомната како извор на сите зла во општествово, како што ни порача шефот на држата во последниот маестрален говор.

Или, да бидам попрецизен, дали Иванов открил или барем се посомневал дека УБК е ултимативниот мастер на кризите и поделбите во земјава кога со оваа институција господареше братучедот Сашо Мијалков?

Или до заклучокот дојде сега, по повеќегодишни, што би рекле неговиве, длабински анализи? Ако на претседателот, доктор на науки и почитуван професор на најмоќниот универзитет, му требаа толку години промислување за да дојде до заклучок што обичните неуки смртници го сфатија уште првиот ден по објавувањето на аферата со масовното прислушување, и сега тоа да ни го обзнани на ваков месијански начин, како пик на неговиот говор, човек просто не може, а да не не изговори гласно: ме дупиш!?

Исто така, во најновото сеење магла на популарниот Хорхе, тој обзнани и некои други досега непознати факти. На пример, дека воздухот во градовите бил загаден. Каде беа мерните станици на Хорхе кога индексот на ПМ честички со денови беше преку 1.000 микрограми на еден кубен метар, уривајќи меѓународни редорди? Во кабинетот на Стевчо Јакимовски веднаш до прочистувачот на воздух од Австрија или во шумата над претседателската вила на Водно?

Друг е некако човеков откако ги фрли розовите очила што задожително мораше да ги носи додека неговиот шеф Груевски ја хаварисуваше државата. Прогледа. Виде конечно и партизација и реваншизам. Се сомневаше тој и претходно дека ги има, особено кога гледаше апсења „со главата на земја и со лицето свртен кон вецињата“, или кога летаа згради во воздух со динамит, но сега, кога му се во притвор пајташите од контрареволуцијата, конечно е сигурен во своите сомнежи.

Друг е некако човеков откако ги фрли розовите очила што задолжително мораше да ги носи додека неговиот шеф Груевски ја хаварисуваше државата. Прогледа. Виде конечно и партизација и реваншизам

Хорхе ги виде и рудниците. Кога тие се уриваа со референдуми исто така ги поддржуваше своите сограѓани од своето Валандово (нивниот референдум беше и негов), но тогаш молчеше, зашто беше презафатен со активности околу бербата на калинки, барање погоден плац за државата на Хунзите во атарот на село Паљурци, со дочитување на последните томови од капиталните дела на Ниче (Македон) и биографските записи на Ребрант (Ацо). Одамна не е со лична карта во Валандово, инаку ќе се појавеше барем на гласањето на референдумот против рудниците во Казандол.

Сепак, најблескав момент од просветлувањето на овој антологиски лик од македонската политика е што забележал и дека постои креирање лажна медиумска реалност. Го нема Латас на екраните и тоа е навистина еден доста суреален момент. Каде се куртон-вестите што постоеја некогаш? Каде исчезна вистината? Спаднавме ли само на Курир и ТВ Алфа од објективните медиуми или и нив набрзо ќе ни ги окупираат?

Ех, да можеше Ѓорге да ги види сиве овие аномалии порано, уште таму некаде во првите години од мандатот, каде ли ќе му беше крајот денес. Само небото ќе беше граница на неговиот кредибилитет да зборува што било, па дури и за прашања во негова надлежност.

Или што би рекол Хорхе во својот славен цитат на Ками: подобро да ги прокоцкаш мандатите, отколку да не направиш ништо со нив.

Добро де, младост, мандати, исто ти се фаќа. И така нас младоста ни помина во мандатите на Хорхе, со кои тој не направи ништо. Ама баш ништо. Апсолутна нула. Или што би рекол Иванов, цитирајќи го Кундера – Борбата на човекот против власта е борба на помнењето против заборавот.

Освен кога на власт се тие што и тебе те донеле на власт, би додал нашиов мудрецот од Паљурци, движејќи се кон крајот на вториот, последен мандат и станувајќи секој ден сѐ помудар и помудар како што се доближува скинувањето од функцијата.

Да, добро забележувате, следењето на говорите на Иванов не е сосема бесмислено, може и да биде уживање, ако наместо да се занимавате со дешифрирање на неговите задоцнети ингениозни еуреки – целосно се посветите на изборот на цитати што ги искористил. На прва топка, можеби ќе помислите дека претседателот или тој што му ги пишува говорите користи техника на случаен избор, односно ја пушта книгата „бисери на мудроста“ од одредена висина и каде ќе се отвори – од таму се извлекува цитатот.

Но, ако подолго време посветите на оваа проблематика, ќе видите дека не е баш така. Вчера почестени со цитирање во историскиот говор на Хорхе беа Албер Ками и Милан Кундера. Обајцата на „к“. „К“ е тринаесеттата буква од азбуката. Обраќањето траеше 46 минути. 46-13=33. Триесет и три години живеел Исус Христос. Случајно? Не би рекол.

Едно време го жалев Хорхета. Го гледав на она неславно интервју по аболициите и се прашував какви ли сѐ притисоци трпи. Но, не, не бил тој за жалење. Ние сме за жалење со него и со таквите полтронизирани, лажни мудреци како него

Говорот на Хорхе не само што беше месијански, тој не само што ни ги отвори очите како вистински татко на нацијата, а би рекол и син божји, туку нѐ натера да се замислиме и да се прашаме – зошто овој човек претходните осум години на состојбите во земјава гледаше со хендикеп на Самоилов војник кој не бил стотиот.

Одговорот го најдов токму во делата на посочените Ками и Кундера. Хорхе бил „Странец“ во сопствената држава. Тој не сакал да ја види „Чумата“ сѐ до „Падот“ на Груевски, сѐ до неговата „Среќна смрт“, политичка секако, за конечно да сфати дека „Првиот човек“ го нема и дека конечно дојде времето да глуми „Бунтовник“.

Едно време го жалев Хорхета. Го гледав на она неславно интервју по аболициите и се прашував какви ли сѐ притисоци трпи. Но, не, не бил тој за жалење. Ние сме за жалење со него и со таквите полтронизирани, лажни мудреци како него.

Како што се доближува неговиот „Проштален валцер“, како што привршуваат неговите „Смешни љубови“ со чудни хималајски племиња и игри со „Идентитетот“, како што се правеше дека „Животот е негде другде“, како што со своето „Незнаење“ си обезбедуваше „Бесмртност“ во сатиричарските кругови, а со „Бавноста“ на реакциите ја исмеваше сопствената позиција на „Сопственик на клучевите“ на државата, сфаќам, всушност, дека не само што не било тешко, ами толку неподносливо лесно било да се биде Хорхе сиве овие години.

Хорхе, таа наша долгогодишна „Книга за смеата и заборавот“, всушност, беше само една голема, несолена „Шега“.