Но пасаран!

По она насилство и дивеење што го видовме на 27 април годинава, само тотално неодговорни и морално девастирани луѓе од категоријата „образ ѓон, ни срам ни перде“, можат да се залагаат тие варварски акти да бидат амнестирани од страна на парламентот.

Но пасаран! Дотолку повеќе што тоа не се случува првпат. Еднаш им успеа „црниот понеделник“, тој срамен 24 декември 2012 година, да го покријат со пајажина на заборав, со цел физичкото и политичко насилство да остане несанкционирано. Токму таа култура на заборав и тогашното отсуство на санкции, доведоа до ситуација „пак да им се може“, па во април годинава го повторија тоа во „проширен состав“, и за жал, со пролеана крв.

Нема да има ни вистински реформи, ни правна држава на повидок, ако не почне правното и политичко расчистување на  срамните упади во храмот на демократијата

Затоа, насилниците не само што мора да се казнат, за да не им текне и по трет пат да влегуваат во слична авантура туку санкциите не смеат да ги прескокнат ни виновниците за „црниот понеделник“. Нема да има ни вистински реформи, ни правна држава на повидок, ако не почне правното и политичко расчистување на ваквите срамни упади во храмот на демократијата.  

Да ве потсетам, поранешната пратеничка на СДСМ, Маринела Тушева, беше во третиот месец од бременоста кога вандали со пратенички функции и припадници на собраниското обезбедување ја клоцаа и туркаа во пленарната сала на Собранието. Верувам дека само благодарение на Бога, и единствено на него, бидејќи тогаш разумот беше целосно отсутен, таа денес е мајка на четиригодишно момче.

Во земја во која се води кампања за трето дете, а кога на некои мајки заради политички и физички вандализам под висок ризик им е ставен и првиот пород, прва операција мора да биде – преку правни санкции да се пресече папочната врвца за сите можни обиди ваквиот срам некогаш да се повтори. И не само заради тоа.  

Синот на Тушева денес има четири години. Одамна прооди, прозбори, веќе игра фудбал, црта, настапува на приредби во градинката, брои и ги учи првите букви. Може да се каже дека детето за тие четири години постигнало многу повеќе отколку што постигнала државата во која е родено.

Во тие четири години компромитираните власти во Македонија не само што не научија ниту една буква од лекциите по демократијата туку целосно го потиснаа принципот на казнивост, прогласувајќи ги обврските за негово спроведување за „тоалетна хартија“. За разлика од детето, кое одамна не е во пелени, Македонија си остана во пелени, полни од издигестирана неправда и од реата на правната карикатуралност во која се трупаат трагите од ракописот на политички контролирани судии и обвинители.

Набрзо ова момче ќе почне да чита и многу е веројатно дека еден ден ќе налета и на сведоштво дека уште пред да се роди и самото било во епицентарот на насилство. Но, нема да најде сведоштво дека некој одговарал за тоа. Тоа мора да се промени. И тоа дете, и сите наши деца, мора да растат во правна држава и убедени дека неодговорноста е казнива, без исклучок. 

Нема реформи во правосудството, ако на постои личен и колективен етички суд кој ќе инсистира и на должноста на сеќавањето –  за она што се правело, како се правело, дали за нечии цели и потреби или за потребите на општеството

Деновиве, некои слични постапки ми го вратија сеќавањето на уште една тажна и срамна епизода, од 2011 година. Имено, судот вчера реши да не му определи мерка притвор на осомничениот од СЈО, Сеад Кочан. И покрај опасноста од бегство, поради неговата здравствена состојба судот се задоволи со гаранција од 875.298 евра во движен и недвижен имот и мерки на претпазливост, односно одземање на патната исправа. 

Истиот суд немаше таков однос кон здравствената состојба, кога ја остави во притвор Н.К. осомничена во случајот „Пајажина“ и покрај тоа што беше во рана бременост. Жалбите на нејзината одбрана беа отфрлани, а таа во притвор го изгуби бебето. Со обилно крварење беше пренесена во клиника, а по големата загуба и нарушената здравствена состојба – ѝ беше одредена мерка домашен притвор. Веројатно немала можност да даде гаранција од 875.298 евра, сума која можеби се смета за поважна од цената на еден човечки живот. И денес се згрозувам од изјавите што ги давале судии по овој трагичен настан: „Виновник нема, никој не сакаше тоа да се случи, на сите ни е жал… Многу жени родиле деца во затвор, не треба да се манипулира со нејзината состојба. Тоа е еден несреќен склоп на околности. Судските одлуки се донесени согласно законот и нема причина за одговорност“.

Што да се каже на ова? И потоа ќе тврдат дека намало двојни аршини. На пример, како Врховниот суд експресно одлучи по Барањето за заштита на законитоста во однос на притворот на Кочан доставено од Јавното обвинителство, а ни по седум месеци сѐ уште не расправа за исто такво барање што СЈО го достави во октомври лани, за спогодбата на Звонко Костовски со Обвинителството во случајот „Пуч“? И натаму ли ќе се возиме на прикаската дека барањето не стигнало до Врховниот суд, а вината ќе ја бараме во „Македонски пошти“?

Но пасаран! Никој повеќе не може да биде она што бил пред да изврши насилство или пред да погреши со непостапување или со постапување преку различни правни стандарди, бидејќи на тој начин претставата за нас самите станува невозможна, и на ниво на општество, и на ниво на поединци.

Оние кои избираат амнезија за (не)делата за кои се одговорни, се лица кои се сеќаваат на погрешен начин, не нужно како некој што греши во однос на постапките и фактите туку само како некој чиј избор бил морално погрешен. Ние мора да ги вреднуваме луѓето по двете основи.

Нема реформи во правосудството, ако не постои личен и колективен етички суд кој ќе инсистира и на должноста на сеќавањето –  за она што се правело, како се правело, дали за нечии цели и потреби или за потребите на општеството. Тие одговори јасно ќе покажат дека под тепихот повеќе нема место за криење на ѓубрето. Мора сѐ да се расчисти.