Новинарство со лажна декларација

Поразително е чувството на измаменост од некои новинарски производи. Во декларацијата ви се ветени 100% факти, а добивате 30% шпекулации, 30% спин, 30% пропаганда, 5% вештачки бои за „неутралност“, 4% вештачка арома за „објективност“ и само 1% факти: имено, точен е само датумот на кој се случил настанот.

Ако купениот производ не соодветствува со она што го пишува на неговата декларацијата или сте добиле целосно фалш-производ, веднаш го враќате кај продавачот. Можете да се обратите и до надлежната инспекција, до организацијата за заштита на потрошувачи и ќе го решите проблемот. Но, не постои никаква можност „да вратите“ бофл новинарски производ за кој плаќате директно од свој џеб или индиректно преку државниот буџет, кој го полните како даночни обврзници.

Поразително е тоа чувството на измаменост. Во декларацијата за производот ви се ветени 100 % факти, а добивате 30 % шпекулации, 30 % спин, 30 % пропаганда, 5% вештачки бои за „неутралност“, 4% вештачка арома за „објективност“ и само 1 % факти: имено, точен е само датумот на кој се случил настанот.

Каде да се жалите, кога оној што му дал лиценца за работа на спорниот произведувач на „факти“, со години не си ја врши работата за која е надлежен и платен. Мижи пред состојбите и никогаш не утврдил грешка, ниту издал опомена или предупредување заради непридржување до стандардите или нивно целосно кршење и игнорирање. Наместо институционален одговор, постојано добивате еден срамен, папагалски повторуван совет: кому не му се допаѓа, нека го земе далечинскиот управувач и нека ја смени програмата!

Тоа е крајно беобразно! Со оглед дека преку владини реклами ваши пари се истураат во многу вакви бастиони на пропагандата, заслужувате и отчет, и одговорност. Ако на пазар му продадат расипан производ на еден купувач, загрозено е здравјето и правото на еден човек.

Но медиумскиот производ не е наменет за еден купувач. Кога расипан новинарски производ ќе се пушти во промет, со него се труе огромен дел од јавноста. Во тоа е разликата. А, ако некој тоа го прави цела деценија, носи одговорност за тешко контаминирање на јавноста СО УМИСЛА.

Оној што бил надлежен да го спречи тоа, а не го спречил, е соучесник во тоа општествено злосторство извршено врз уставното право на граѓаните да бидат објективно информирани.

Имајќи ги предвид тешките последиците од такво фалш-новинарство, несфатлива е неодговорноста со која партиите пристапуваат кон многу важните медиумски реформи. Тоа не е обврска која треба „што поскоро да се заврши“, колку само да се задоволи формата, повторно на штета на суштината.

За луѓе со демократска свест, професионалните медиуми би требало да бидат врвен идеал за кој не треба да се штеди ни на време, ни на идеи, ни на дебати, ни на логистички ресурси. За жал, нашава ситуација покажува дека таквите демократи малку ги има. На оние, пак, што лажно се продаваат под таа етикета, за квалитетот на новинарството им е гајле колку за ланскиот снег, бидејќи тие профитираат и ја одржуваат моќта токму врз полугите на неговиот неквалитет.

Зарем очекувате дека таквите ќе сакаат да си ја исечат гранката на која седат?

Четврт век, во разни фази, со помал или со повисок интензитет, тие негуваат и мотивираат послушнички менталитет во новинарската заедница, што е многу сериозен тренинг кој ни донесе врвни, речиси „олимписки“ резултати на дното на светските листи за медиумски слободи.

Благодарение на „професионалците“ во нашите редови кои се истакнаа со целосно отсуство на интегритет и професионална етика, поимите новинарска или уредничка автономија денес се целосно непознати и избркани од нашиот појмовен речкик.

Што им значи ним новинарскиот кодекс, во споредба со „кодексот“ што им го определиле газдата или партијата? И сега, како да се најде „прифатлив закон“ за сите, ако на една страна ги имате оние „новинари“ кои професијата ја третираат како анимир-дама на политиката и тезга за наплата на својата сервилност кон партијата, која и да е таа, а на другата страна – малцинство кое очајнички се бори да ја зачува оригинерната функција на професијата? Изгледа како невоможна мисија.

Во целата ситуација, дури и „помал“ проблем е тоа што некои ја продадоа/издадоа професијата. Поголем проблем е што целосно ја уназадија и онеписменија. Денес се жалат дека не им одговарал „хибридниот закон“ на Ванхауте. Ако има нешто најхибридно во моментов, тоа се најмногу нивните новинарски производи.

Ги молам професорите по новинарство/комуникации, од кој било факултет, да направат анализа на информативите емисии и да кажат дали во нив егзистира каков било чист новинарски жанр? Нема такво нешто. Сето тоа е масакрирано. Веста како жанр постои само кога се третираат информации од светот. Кога информираат за состојбите дома, особено за политиката, не постои ни класична вест, ни извештај, ни анализа. Има само чуден хибрид од полуинформации комбинирани со куп коментари, што не може поинаку да се нарече освен пропаганда. А тоа не е новинарски жанр.

Она што овие колеги не го разбираат, е дека никој на никого не му го ускратува правото на личен или редакциски став. Но, прво на граѓаните (читатели/гледачи/слушатели) мора да им дадат чисти, непристрасни и објективни информации во професионални жанровски форми. Потоа никој не им брани да објават и издвоен авторски или редакциски коментар за темата, наместо во сите продукти истовремено да мешаат и баби и жаби.

Толку ли тешко да се реализира ова? Знам дека се соочени со „газди“, кои им ги одредуваат „стратегиските цели“ заради кои новинарството е злоупотребено, и дека овие „новинари“ мора тоа послушно да го одработат низ сопствениот професионален суицид. Но, тоа не ги оправдува во молкот пред згазените стандарди.

Тоа е исто како газда на приватна клиника, кој не е медицински образуван, да му кажува на лекарот како да оперира и какви инструменти и методи да користи. Тој може да му каже колкав обем на работа очекува од лекарот, но не може да раководи со скалпелот во лекарската рака, бидејќи тоа може да има тешки последици по здравјето на пациентите. Истото е и во медиумскиот случај.

Последиците од туѓите налози реализирани преку медиумите, драматично се одразуваат врз здравјето на целото општество. Го убиваат со разулавена пропаганда, го дезинформираат, го дезориентираат, му создаваат конфузија и шумови.

Затоа е важно новинарите цврсто да се прилагодат на стандардите, наместо својата егзистенција да ја прилагодуваат на „законите“ на комбинирани уцени и притисоци, а притоа мазохистички да останат приврзани кон таа немоќ, правдајќи ја сопствената сервилност со познати клишеа: „принуден сум да избирам меѓу етика и егзистенција… нужност од парче леб… школување на децата… издатоци за болни родители…“

А зарем другите ги немаат истите потреби и проблеми?

Затоа, неизбежно е да се случи некаква катарза. Мора отворено да се зборува за медиумските злосторства врз јавноста и врз сопствената професија. Во спротивно, како што вели еден хрватски колега, новата историја на новинарството ќе биде само историја на едни големи гробишта, каде критички ориентираните духови ќе се закопуваат во свечен молк или со радосни аплаузи на „колегите“.

Затоа, секој мора искрено да се преиспита. Дискусијата не е дали законот ќе биде во „потврда“ или во „помека“ амбалажа, и чие политичко влијание ќе ги надживее медиумските реформи. Дискусијата е дали сите во новинарската заедница ќе се одважат да покажат тврд отпор против сите видови мекотели кои се залепија за оваа професија и ја цицаат нејзината енергија за свои цели – да изградат политички и бизнис империи врз грбот на новинарите.

Ако тоа не го разберат, џабе им е и ако со златни букви на челото им пишува дека се новинари, кога никогаш нема да бидат тоа. За нивната улога и значење ќе сведочи практиката лишена од вистината. Верувам дека Станислав Јежи Лец токму на таквите „борци“ мислел кога го напишал овој афоризам: „Мислев дека високо го држам знамето, а всушност цело време сум држел стап на кој мангупите само ги менувале крпите“.