Новинарството патриотско, известувањето идиотско

Ставањето на пиедестал на една идеја, едно мислење, едно однесување и нивно поистоветување со патриотизам, држава и единствена исправност е опасна теза, чии последици се сѐ уште видливи во регионот. На крајот од краиштата, во не толку далечното минато, носителите на „патриотските идеи“ завршија во Хаг како воени злосторници.

По правило, за политичарите, особено за овдешните, слободата на медиумите претставува право новинарите да го кажат она што – тие сакаат да го слушнат! Оттука произлегува и нивното убедување дека лојалноста кон нацијата (државата) има знак на еднаквост со лојалноста кон политичкиот (поточно: партискиот) лидер. Затоа и сите што ги истакнуваат грешките на владејачката политичка елита по автоматизам се сместуваат во категоријата „предавници“ и „непатриоти“.

Откривањето на грешките и злоупотребите на политиката, особено на власта, најчесто се смета за постапка што ѝ создава проблеми на земјата и ја слабее нејзината позиција, па затоа оние што тоа го прават се „државни непријатели“ и „странски платеници“, за разлика од оние кои решиле некритички да ги поддржат сите одлуки и секое однесување на лидерот, кои се, нели, „добрите момци“ и „чесни патриоти“.

Секогаш кога политичарите ќе споменат некакви реформи во медиумите (без учество на новинарите, се разбира), законски проекти за државно рекламирање во средствата за јавно информирање или ќе се брани нешто што не може да се одбрани (на пример, актуелната еврообврзница), по условен рефлекс се потсетувам на оваа „топловодна“ констатација за „патриотското новинарство“, која, на крајот од краиштата, им е позната на сите елементарно описменети граѓани на оваа држава, кои имале можност барем еднаш последниве години да држат весник в рака или да погледаат вести на телевизија.

И, секогаш, ама баш секогаш, повторно ќе се изненадам од нивото до кое може да стаса ваквото практикување на „патриотска“ комуникација со јавноста. Овојпат зачуденоста не произлегува од поданичкиот однос кон лидерот на владејачката партија Никола Груевски и кон неговите политики, па дури ни кон некој од политичкиот врв на некоја од партиите на власт туку „патриотското“ се симнува на „локал-патриотизам“ во најбуквалната смисла на овој збор.

Се работи за случајот со забраната за капење во Дојранското Езеро. Неколку телевизии со национална концесија, а богами и весници (главно од редот на оние што ги сметаме за провладини) излегоа со безмалку триумфалистички прилози за тоа како туристите и домашните не ја почитуваат забраната за капење што ја издаде Институтот за јавно здравје поради бактериолошка загаденост на водата.

Извесен гостин дури и пиеше од езерската вода, преполна со капачи. А, богами, во загадената вода е одржана и крштевка, а свештеникот ја искористи можноста да апелира да не се послуша забраната на Институтот за јавно здравје!

За волја на вистината, овој тип „граѓанска непослушност“ или попрецизно „колективно лудило“, самиот по себе е вест, но медиумското благонаклоно гледање на масовното кршење на забраната на Институтот, во некои случаи преобразено во отворена поддршка за капачите, најблаго речено може да се оквалификува како – идиотизам.

И, секогаш, ама баш секогаш, повторно ќе се изненадам од нивото до кое може да стаса ваквото практикување на „патриотска“ комуникација со јавноста

Со оглед на фактот дека не сум склон луѓето да ги набљудувам како идиоти, особено не колегите по јавен збор (иако, за мој вкус, практиката и пречесто ме демантира во моите погледи), требаше да ги изгледам прилозите до крај за да сфатам дека градоначалникот на Дојран, Борче Стамов, како и припаѓачката му партија, отворено се сомневаат во резултатите од анализите на надлежната стручна комисија и посредно ги поддржуваат капачите да се капат во затруената вода.
Еве, да кажеме дека градоначалникот смета оти државните институции работат против туристичкиот просперитет на неговата општина, макар што е поверојатно дека смета оти на овој начин ќе излезат на видело несоодветните инвестиции и воопшто несоодветната политика кон природното богатство и кон туризмот како една од основните стопански гранки на Дојран, зошто ова негово мислење би го делеле и новинарите?

Дури и фактот дека општинската управа има повеќе доверба во институциите во Грција, од каде што е побарано второ мислење за затруеноста на водата, отколку во домашните, не се смета за непатриотски чин туку како уште еден доказ дека постои намера за урнисување на туристичкиот углед на Дојран! Па, затоа што градоначалникот донесол одлука да се испратат мостри од водата во Грција, што значи дека тоа е најдобро за Општината, односно „патриотски“. Затоа овие медиуми не ни наведуваат од која грчка институција се бара второто мислење – белки се подразбира дека таа е респектибилна. Бидејќи градоначалникот така решил!

Се разбира, јавниот интерес за јавното здравје се става во втор план, зад интересот на Општината и општинската управа, бидејќи основниот постулат на „патриотското“ новинарство е „државата пред сѐ“ (ако треба ќе јадеме и корења), во случајов Општината. Во таа смисла, „патриотското“ новинарство е ксенофобично. Важни се само припадниците на одредена група и нивните интереси, без оглед дали станува збор за нација, држава, општина, партија… Кон другите, инаквите, поинаку мислечките не се гледа со недоверба туку со исклучивост.

Ставањето на пиедестал на една идеја, едно мислење, едно однесување и нивно поистоветување со патриотизам, држава и единствена исправност е опасна теза, чии последици се сѐ уште видливи во регионот. На крајот од краиштата, во не толку далечното минато, носителите на „патриотските идеи“ завршија во Хаг како воени злосторници.

Но, да не претеруваме, во случајот со Дојранското Езеро нема таква опасност: ако случајно, не дај Боже, се појави некоја епидемија на дијареја, за тоа нема да биде виновна водата во езерото („Последните 20 години никогаш не била почиста“) туку расипаниот мајонез од хамбургерите!