Од кол на кол центар

Не го признавам овој суд. Јас го признавам само судот на мојата партија.
(Јосип Броз, 1928; Никола Груевски, 2016.)

Никола Груевски вели дека обвинението што против него го покрена Специјалното јавно обвинителство е политички притисок врз него и врз партијата што ја води и дека станува збор за алиби, затоа што конкурентската партија СДСМ нема политичка програма. Без оглед на декларативните тврдења пред странците во таканаречениот Пржински процес, Груевски и не се обидува да маркира дека СЈО го смета за политички инструмент во рацете на СДСМ што го таргетира него и членовите на неговата партија.

Без оглед на декларативните тврдења пред странците во таканаречениот Пржински процес, Груевски и не се обидува да маркира дека СЈО го смета за политички инструмент во рацете на СДСМ што го таргетира него и членовите на неговата партија.

Освен што ова  сѐ уште го остава отворен просторот за манипулирање со одлуката на Уставниот суд за опстојувањето на СЈО, тој  дава до знаење дека  одлуките на Обвинителството ги смета за ирелевантни или, поедноставно кажано, не ги признава.

Да замислиме, велам само да замислиме, ситуација во која судиите во нашиот судски систем ќе беа избрани од тефтерот на најугледните правници, а не од тефтерот на Гордана Јанкуловска, и како такви, во евентуалната судска постапка, ќе оценеа дека на кривичното дело повикување (и остварување) насилство врз легално избран извршен орган на локалната самоуправа, особена тежина му дава фактот дека тоа дело го прави премиерот и најмоќниот човек во државата. И, следствено, ќе го осудеа на сериозна затворска казна. Каква изјава во тој случај ќе дадеше Груевски (освен, се разбира, оној дел за „непостојната“ програма на СДСМ)? Јас, а се надевам и вие, го знам одговорот: „Не го признавам овој суд. Јас го признавам само судот на мојата партија“.

Додуша, последниот кој на балканските простори ја има кажано оваа изјава пред суд беше осуден на пет години строг затвор. Знаете зошто? Затоа што судот не беше партиски! Има оттогаш 88 години, што е исто така симтоматична бројка во симболичкиот систем на владеење на Груевски – тогашниот осуденик во Лепоглава беше доживотен лидер на една партија и својот живот го заврши на 88 години. А богами и партијата!

И како да се разреши оваа политичка криза? Па, белки има во тефтерчето на Јанкуловска уште некое име и – ете контра СЈО. Но, изгледа дека тоа веќе постои и се вика Јавно обвинителство на Република Македонија!

Но, тоа се општопознати податоци. Она што секогаш ме интригирало во повторливите изјави на Груевски е милиони пати повторената констатација за немањето програма на СДСМ. Првото прашање што ми се поставува, а не е многу битно, е ако народот знае дека СДСМ нема програма, на што секогаш се повикува Груевски, тогаш од каде потребата нон-стоп да му кажува на народот нешто што тој веќе го знае? Прашањето, јасно, е реторичко.

Што е тоа политичка, односно партиска програма? Дали е тоа петгодишниот план за работа на „Бетон“ или „Жикол“ или не знам на која градежна компанија? Или е тоа таксативно набројување на сето она што на секоја Влада ѝ е во опис и попис на работата?

Второто прашање ми е многу позначајно: Што е тоа политичка, односно партиска програма? Дали е тоа петгодишниот план за работа на „Бетон“ или „Жикол“ или не знам на која градежна компанија? Или е тоа таксативно набројување на сето она што на секоја Влада ѝ е во опис и попис на работата? Што се однесува до мене, декриминализацијата на државата и расчистувањето со организираниот криминал и корупцијата е дефинитивно сериозна политичка програма.

За да не помислиме дека, по природните земјотреси и оние што ги предизвика СЈО, тлото под нозете полека ќе почне да се смирува, се погрижи никој друг туку Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“, забранувајќи го петминутниот перформанс, подготвен за вечерта на затворањето.

Имало забрани на уметнички дела во сите два система што ги помни поголемиот дел од овдешното население – и во социјализмот и во транзицијата. Но, никогаш, ама токму никогаш, ништо не е забрането, затоа што службите не можеле да го исчистат ѓубрето по перформансот.

Имено, според официјалните лица на Фестивалот биле потребни најмалку 20 минути од сцената да се тргнат неколку килограми сливи, дињи, праски, мед и половина кубик дрва и да се намести озвучувањето. А толку не можело да се доцни. Бидејќи, нели, кај нас никој никогаш не доцни.

Па, по ѓаволите, што не ги ангажираа актерите да го тргнат „отпадот“. Ако можат за пет минути да изведат перформанс и да остават толку кабаст материјал, тогаш, за разлика од службите на „Браќа Манаки“, сигурно би можеле и да го изнесат. Иако, ако се суди по завидната брзина со која обезбедувањето ја исфрли водителката што си ги собу кондурите, не се сомневам во нивната брзина на исфрлање на медот.

Но, еве, и да ја испиеме приказната за несоодветниот отпад, секако дека управата на Фестивалот не можеше да сфати дека можеби и неговото тргнување од сцената е уметничка порака. Затоа што е, нели, уметнички фестивал.

А тоа што еден од актерите во перформансот на отворањето на Фестивалот гол се прошета пред претседателот Ѓорге Иванов нема никаква врска. Ете, и директорот на Фестивалот Благоја Куновски предложил на затворањето да прошета гола девојка. Поради родова еднаквост, претпоставувам. Но, не го послушале.

Перформансот, инаку, се вика „Циклус на животот“. И во тој некаков симболичен клуч, неговото исклучување од програмата исто така може да навестува завршување на некаков циклус, кој, еве, трае цела деценија. Како што симболично може да се гледа и на бомбастично објавената нова странска инвестиција – отворањето кол центар на извесна канадска компанија („Уан контакт“, ако не се лажам), каде што ќе се вработат 25 лица, кои треба да знаат неколку јазици и да имаат умеења во компјутерската технологија.

Кој го гледал „Сиромашниот милионер“ (Slumdog Millionaire, 2008, режија Дени Бојл) и еден куп други филмови со оваа тема, знае точно што значи Кол центар. Тоа е она работно место каде што на вработените им е ограничен периодот на одење во тоалет, каде што работат во комплетни смени 24/7 (што би рекле од партијата на власт) и каде што се должни да одговараат на безброј прашања, од стандардни информации до техничка поддршка за производ на некоја фирма, вклучувајќи го тука и телефонскиот маркетинг. Општо е мислењето дека станува збор за едно од најнехуманите и најслабо платените работни места. Британците, на пример, своите кол центри ги преселија во Индија, Американците на Филипини, а Канаѓаните, еве, во Македонија.

Од толку колови, ете, ние завршивме на кол центар!