Од сечено, лепено и монтирано останаа само на сечено

Колумна на Сашо Кокаланов

Можеби е чаршиски муабет, ама наводно целава приказна почнала токму во скопската Стара чаршија. Се шетале скопските носители Никола Попоски и Никола Тодоров по чаршијата и си разговарале со скопјани за проблемите што ги тиштат, кога едниот Никола се сетил нешто, па му го рекол тоа на другиот Никола.

Муабетот бил типичен кампањски, ништо значајно, дека на оној главниот Никола му текнале уште неколку спотови да се снимат, та му рекол едниов Никола на вториов, не би било лошо, освен што убаво ќе ги нашминкаат и напудрат како што е ред, малку и да се потстрижат за рекламите.

Вториов Никола одговорил оти тој сам си се шиша, има гледано на симулатор и на видео-игри како се прави тоа, па видел-не видел овој првиот Никола морал без друштво да се погрижи за својата фризура. Минувајќи крај дуќан на чиј излог имало цртеж со чешел и со ножици, влегол внатре и рекол:

– Реално, јас сум убав и вака, ама би се потшишал малку.

– Фино – му одговорил газдата – ама, реално, ова не е фризерски салон.

– А што е? – се зачудил Никола, мислејќи дека си има работа со гласач на опозицијата.

– Ова е работилница за сунет.

– Е па, што си ставил чешел и ножици? – уплашено срипал од столот министерот.

– А што требаше да ставам за да биде реално? – се смешкал газдата гледајќи го Никола како панично го напушта дуќанот.

Заев, имено, преку тајни масонски знаци во програмата има запишано задолжително обрежување на машкиот полов орган

Реално, ваквите приказни бргу се шират. Никола му раскажал на другиот Никола, овој на главниот Никола, тој се распрашал по министрите, а оваа за култура почнала да озборува по целиот сектор и муабетот стасал до академскиот сликар Марјан Камиловски.

Како и секој ГДОМ-ец, благодарение на вродената склоност за намирисување светски и домашни заговори, Камиловски веднаш пристапил кон разобличување и за кратко време стасал до инсајдерски информации. Заев, имено, преку тајни масонски знаци во програмата има запишано задолжително обрежување на машкиот полов орган.

„Скриената агенда е да се смалат“, пишува Камиловски. За да не се разбереме погрешно, не да се смали тоа што си помисливте во вашите расипани умови, туку „да се смалат културните и религиозните разлики во државава“. Но, тоа не е сѐ. Исто така, целиов проект имал и крајна цел.

Не е федерализација и двојазичност, како што можеби си претпоставивте, туку нешто уште пострашно за македонското национално ткиво и за нашата мила Македонија: „Крајната цел е да се отвори пат кон мешани бракови, кои сега се ретки кај нас“, вели сликарот, притоа завршувајќи го постот на Фејсбук со последниот крик на немешаниот македонски човек: „Пренесете го ова!“

Еве, јас се одзвав на повикот и го пренесувам ова. Згрозен сум од можноста Македонија да биде преплавена од мешани бракови. Тоа може да биде погубно за опстанокот на Македонија! Еве, земете го за пример, мешаниот брак ВМРО-ДПМНЕ-ДУИ. Зарем не се согласувате со Камиловски дека овој брак е опасен за Македонија? Како човек да не ја пренесе ваквата загриженост?

Се разбира, Камиловски не беше свесен за опасноста од мешани бракови кога некои пратеници од политичкиов „мешан“ брак на патувањата делеа соба по странските хотели во „мешан состав“, инаку уште тогаш ќе предупредеше. Можеби се уште не знае човекот дека имало вакви случаи. Ве молам, пренесете.

По најновите сознанија за скриените пораки во програмата на СДСМ, секој загрижен Македонец-патриот денес со право си го поставува прашањето: Дали жолтите комбиња на странските служби, за кои не знаеме каде исчезнаа и дали се целосно елиминирани или сѐ уште кружат наоколу со нивната тактичка опрема, ако победи СДСМ ќе бидат заменети со санитетски возила за присилно сунетисување и со комбиња за симултан двојазичен превод?

Тоа е во моментов главната дилема на македонската предизборна кампања и мислам дека, бидејќи прашањево доаѓа од партијата што си ја сака Република Македонија, ние што не ја сакаме толку многу како нив за да ограбиме 5 милијарди евра од неа, заслужуваме одговор. Од 31 јануари 2015 година кога Никола Груевски го објави случајот „Пуч“, на чии судски рочишта патем воопшто не се појавува иако е оштетена страна, до денес, единствените жолти комбиња за кои слушна нешто јавноста се повремените ограбени комбиња на „Македонски пошти“.

Загрижен за одговори на овие прашања, внимателно го изгледав и дуелот на Стево Пендаровски и Никола Попоски, вчера на „Алсат“. Попоски, освен што успеал да се потстрижи, веројатно не во чаршија туку на некое побезбедно место, повторува некои фрази со кои најверојатно сака да ја потврди тезата на Бранко Тричковски дека обрежувањето е страшно само кога се прави на горната глава, со тоа што тогаш се нарекува лоботомија не сунет.

Сепак, ако сте доволно внимателни, постои некоја конзистентност од првата прес-конференција на Груевски и најновите сознанија на првоборците од ГДОМ. Тогаш се зборуваше за сечени, лепени и монтирани, сега повторно се зборува за истото, но е економизирано, сведено само на еден збор – сечени.

Груевски вети дека ќе ја враќа изгубената невиност на македонскиот печат. По десет години силување, весниците, барем оние што преживеаја, ќе добијат пари

Значи, какво ѓубре е овој Заев. Ја читав неговата програма секако, и од лево кон десно и од десно кон лево и секој втор ред, не бе, не можеш да откриеш како го скрил сунетот. Океј, дуќанот ќе го замаскираш некако. Можеби ќе личи на берберница, ама ќе помине. Но, како да се затскрие сунетот во изборна програма?

Се измачив, но успеав да го „провалам“. Заев смислил оригинален начин. Нема да ви се верува што направил – веднаш ќе ја зголемел минималната плата од 9.000 на 12.000. Разликата е 3.000. Сунетот чини 50 евра. Ви текнува сега?

Ако победи ВМРО-ДПМНЕ за среќа ќе се спасиме од присилно обрежување, а со тоа и од мешани бракови. Но, затоа, пак, ќе добиеме хименопластика.

Груевски вети дека ќе ја враќа изгубената невиност на македонскиот печат. По десет години силување, весниците, барем оние што преживеаја, ќе добијат пари.

„Имајќи предвид дека интернетот пенетрира, порталите сè повеќе добиваат на тежина и значење, весниците сè потешко преживуваат… Владата од 2018 година ќе воведе субвенционирање на весниците по еден правичен критериум кој дополнително ќе биде објавен.“

Прво што му паѓа на човек на памет читајќи ја изјавата е следново – па добро, побогу, ако критериумот ќе биде правичен зошто да не биде објавен веднаш!? Премолчувањето само значи дека обрежаните умови на партијата ќе треба да смислат начин како „Слободен печат“ и „Фокус“ да не добијат поддршка колку сите други весници заедно, зашто, реално, такви им се тиражите.

Второ, ова со субвенцијава е како во гасна комора да го зголемиш оброкот за едно парче леб. Не умираат весниците во Македонија поради лошиот оброк, туку поради отровниот гас што систематски го пуштавте, друже Грујо!

Интернетот „пенетрира“ секаде во светот, но тиражите кај нас ги урниса пенетрирањето на партиската пропаганда на ВМРО-ДПМНЕ. Интернетот не ја направи Македонија неслободна земја. Груевски ја направи.

Така што, на 11 декември, треба да пресечеме. Не онаа работа, туку да пресечеме што ќе обрежеме – власта од Македонија или Македонија од сите нас?