Ода за Тодоров

Колумна на Сашо Кокаланов

 

Ќе ода за адвокат.
Оди.

 

За да се стане адвокат не мора да се закаже преку „Мој термин“. Не треба ни упат од матичен лекар. Никој нема да ви побара ни коефициент на интелигенција над 140. Тоа е внатрешен повик. Обично на идните адвокати, Јустиција им се јавува на сон и ги повикува да остават сѐ што работат во мигот и веднаш без одлагање да се стават во служба на правото.

– Спаваш ли мирно, Тодоров Никола? – го праша Јустиција пратеникот.

– Не спијам, божице Jустиција.

– Што те мачи, пратенику Тодоров?

– Веќе не сум министер за смрт, па се секирам дали ќе се умира и без мене во нашата татковина – си го отвори срцето Тодоров.

Откако Јустиција со силата на аргументите го убеди Тодоров дека се умирало пред него, а ќе се умира и по него (белки малку поретко), тој ослободен од сите товари реши да се фати за мечот на божицата ѝ да се приклучи во борбата за право и правда.

– Fiat iustitia et pereat mundus – му рече божицата на крајот од разговорот, по што Тодоров се разбуди целиот испотен.

– Што сонуваше? – го прашаа од дома.

– Не знам, нешто за Фијат Цаноски.

– Глупости, Фијат нека го сонуваат Миле и Грујо! – го искараа од дома.

Тодоров, сепак, знаеше дека сонот може да има врска со тоа што прво запиша постдипломски студии на ФОН, а потоа мадро си седеше во владата што го уриваше Фијат поради политички реваншизам. А можеби, сепак, Јустиција само му порача дека правдата ќе биде задоволена, макар пропаднал светот. Којзнае.

Никогаш нема да дознаеме дали Јустиција му се јави на сон или Грустиција на телефон. И еднава и другиов обично се јавуваат во два по полноќ. Впрочем, Тодоров досега и не правеше некоја голема разлика помеѓу нив, и двете ги третираше едноставно како божества.

Единствено што е сигурно – некој му се јави, а тоа секако не беше совеста. Затоа што совеста не му се јави никогаш во изминативе осум години, кога беше одговорен за „Одата на тагата“ што ја свиреше раштиманиот оркестар наречен првин македонско образование, а потоа – македонско здравство. Зошто би му се јавувала сега кога е/беше само обичен пратеник?

Тодоров првпат си ги врза очите како неговата сегашна божица Јустиција кога образовниот систем уништуваше деца, а потоа и кога почна да ги убива и здравствениот. Денес се срамиме од фактот дека бројот на починати новороденчиња ни е како да се раѓале во гранатирана болница во Алепо, а не во мирнодопска Македонија, но нејзиното височество Совеста е сѐ уште персона нон грата во соништата на ексминистерот

Совеста никогаш не го дозна неговиот број. Беа скарани. Тодоров првпат си ги врза очите како неговата сегашна божица Јустиција кога образовниот систем уништуваше деца, а потоа кога почна да ги убива и здравствениот. Денес се срамиме од фактот дека бројот на починати новороденчиња ни е како да се раѓале во гранатирана болница во Алепо, а не во мирнодопска Македонија, но нејзиното височество Совеста е сѐ уште персона нон грата во соништата на ексминистерот.

Како за човек кој на оглас побара советници со сертификат од МЕНСА за натпросечна интелигенција, зад себе остави доста глупости.

Трауматичниот случај со малата Тамара ќе биде неговата втора сенка во животот и ќе го следи секаде каде што ќе појде, па макар се скрил под калдрмата на адвокатската уличка.

А освен на добрите намери со кои го поплочуваше патот на Смртта во Македонија, нешто по што сигурно ќе го паметиме е и оној дилетантски момент кога на доктори им објаснуваше дека денес може да се научи хируршки да се оперира и преку видео игри. Целата метафора на неуспехот на Македонија е збрана во тие десет секунди уловени на камера – Тодоров со замислени џојстици оперира со рацете, а група доктори околу него полтронски кимаат со главите, го голтаат секој збор на министерот како ап од позитивната листа.

Со оглед на тоа што Тодоров ѝ се враќа на својата матична професија, во која немал ниту еден ден стаж, а знаејќи ги неговите способности за виртуелно учење, се потрудив и истражив која е најдобрата видео игра за да се стане добар адвокат. Дефинитивно најдобриот избор за Тодоров е „Ace Attorney“ или во слободен превод би било отприлика „Ас меѓу адвокатите“. Избираш еден од четворицата адвокати Phoenix Wright, Mia Fey, Apollo Justice и Athena Cykes и потоа браниш разноразни обвинети пред суд, од парница во парница – сѐ потежок и пожежок случај. Случаите се многу веродостојни и навистина лесно се учи, особено за некој кој претходно преку слични игри без проблем научил да пресадува срце или да вади слепо црево.

А можеби во некој апдејт на играта, авторот ќе се сети да вклучи и нови ликови. На пример, во последното најтешко ниво, да се бориш против три обвинителки, Фатиме Фетаи, Ленче Ристоска и Катица Јанева. Сигурен сум дека Тодоров би го поминал и ова ниво. Се разбира ако во играта нема реизбор на судии.

Го прочитав образложението на оставката, кое, како што доликува на еден виртуелно освестен функционер, го објави на својот Фејсбук-профил. Нема каење, туку лични кариеристички причини. Не помалку глупаво и апсурдно од сите глупости и апсурдни решенија што ги носеше како министер е и образложението дека немало да биде пратеник за да ѝ се посветел на партијата. Како, по ѓаволите, се посветуваш на својата партија ако не како нејзин пратеник!? Особено кога партијата е во опозиција.

Пробав да ја напишам Одава и во стихови. Не ми успеа. Напишав само два стиха: Ќе ода за адвокат, пее Тодоров. Оди – му одговара хорот од граѓани, жртви на неговите политики.

Добрата вест за Тодоров е дека во експозето Заев најави посебно одделение во Кривичниот суд за предметите од СЈО. Ќе има полни раце работа за адвокатите.

Но, не мора да го чека СЈО. Еве, може да почне токму со одбрана на своите довчерашни колеги пратеници-портири, кои ќе мора да седнат на обвинителна клупа, зашто ги отворија вратите за насилниците и го овозможија обидот за линч во Собранието. Се разбира, ако и самиот не добие покана за суд, како обвинет или како сведок, сеедно.