Одбраната на Берлин

Денес е последниот термин кога Собранието треба да ги распише локалните избори, што би требало да се одржат во средината на мај. Во моментот кога се пишува овој текст речиси е извесно дека локалните избори ќе се одржат – ама не се знае кога. Продолжението на конститутивната седница на Собранието не е закажано (иако, како што покажува македонската практика, тоа може да биде свикано и во последен момент), а претседателот Ѓорге Иванов веројатно ни самиот не знае како да се извлече (всушност, како да ја извлече земјата) од кашата што самиот ја зготви.

Впрочем, не е ништо страшно воопшто да не се одржат локалните избори. Само ќе се заштедат буџетски пари, кои потоа можат да се инвестираат во развојни проекти. Во Белизе. Еве, и да се одржат изборите, кој гарантира дека ќе се почитуваат резултатите. Ако се згази волјата на мнозинството гласачи на парламентарните избори, која е логиката таа волја да се почитува на локалните…

Во оние места каде што, на пример, СДСМ ќе има можност да формира власт со, не дај боже, некаква постизборна коалиција, нивната програма веднаш ќе се прогласи за противуставна, затоа што со неа не излегле на избори. А не излегле, затоа што направиле постизборна коалиција! И потоа изборите ќе се повторуваат сѐ додека не се добие уставна власт, односно додека попаметниот не попушти и не му ја отстапи власта на ВМРО-ДПМНЕ.

Иванов, како директен божји пратеник во библиската земја, не е само меродавен да се качува на столче и од него да скока врз Уставот туку сигурно може да поставува и носители на власта, кои, на овој начин, дефинитивно ќе станат легитимни

Има, се разбира, и други решенија. Ете, владиката Агатангел прогласи дека директно Бог го избрал Ѓорге Иванов за претседател во втор мандат, а ако даде Бог, богами ќе биде и трет, и четврти, ма и 68-ми мандат (ова колку да се пофали дека има повеќе мандати од Заев). Значи, Иванов, како директен божји пратеник во библиската земја, не е само меродавен да се качува на столче и од него да скока врз Уставот (како некогашен член на Управниот одбор на Институтот Отворено општество има доволно тренинг во практикување на овие религиски обреди) туку сигурно може да поставува и носители на власта, кои, на овој начин, дефинитивно ќе станат легитимни.

Всушност, станува збор за мошне сериозна иновација во уставното право и во политикологијата. Иако според ова правило ќе излезе дека сите овие 11 години ВМРО-ДПМНЕ владеело целосно нелегално, односно противуставно. Сетете се само колку пати Никола Груевски посочил што сѐ неговата партија остварила, а не го ветила во својата предизборна програма. Па, по ѓаволите, гласачите не гласале за нешто што го нема во изборната програма. Што значи дека партијата на Груевски на тој начин го кршела Уставот.

Додуша многу од тие реализирани, а не ветени работи, навистина одат на работ не само на Уставот туку и на здравиот разум. Да речеме, она фундаментално и прескапо цуцулење, наречено „Скопје 2014“ никогаш не беше ставено во ниту една изборна програма. Според тоа, за него никој не гласал. Ги немаше во програмата ни Законот за употреба на јазиците од 2008, па ни амнестијата на хашките злосторства. Значи, и за нив никој не гласал! Уф, пардон. За нив гласаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, што автоматски значи дека тоа се одлуки кои одат во прилог на унитарноста на Македонија.

Големите луѓе носат големи одлуки, глупавите луѓе глупави, а очајните очајнички. Последниве денови, откога во името на таканаречената „Заедничка Македонија“ се започна со насилствата, целата атмосфера неодоливо потсетува на Битката за Берлин, односно последниот отпор на фашистите пред налетот на Црвената армија. Поради големите загуби Хитлер издава наредби да се регрутираат голобради момчиња за одбрана на Третиот Рајх, кој во болниот нацистички ум требаше да владее илјада години.

 Во одбрана на овдешната верзија на „илјадагодишниот рајх“ најпрвин Груевски ги повика своите симпатизери („народот“) да не седат дома по влечки туку да излезат на улица и да ја бранат Македонија, а потоа изјави дека не може да ја контролира толпата. Се чини дека и навистина не може да ја контролира, бидејќи маршевите изгледа не дадоа очекувани резултати, па мораа да се појават и оние „тројки“ голобради момчиња, кои во некоја исто така овдешна варијанта на камиказе, ги напаѓаат обележените „предавници“, плукајќи ги и провоцирајќи ги.

Фактот дека претседателот Иванов нема уставни можности да прогласи воена состојба, барем не во овие околности, како што и досега можевме да се увериме, не значи ништо

Шлаканицата што на едно од нив му ја влепи професорот Љубомир Фрчковски, всушност го покажува фијаското на оваа тактика на смешно заплашување. Иако, морам да признам дека оваа стратегија е прилично забавна, особено поради фактот дека „тројкашите“ се снимаат и ги „закачуваат“ видеата на Јутјуб каналот. Бидејќи сме познати по кусата меморија, на овој начин овој срамен дел од македонската понова историја има шанси подолго да остане забележен во колективното помнење.

Откако и оваа тактика се покажа како неуспешна, сосема предвидливо се започна со застрашување со воена состојба. Се разбира, фактот дека претседателот Иванов нема уставни можности да прогласи воена состојба, барем не во овие околности, како што и досега можевме да се увериме, не значи ништо. Но, сепак, за да се постигне некаков легитимитет во целосното урнисување на земјата, пропагандистичката машинерија започна да труби за некои три илјади војници наредени на една од македонските граници. Се гледа дека и овој потег е некако избрзано направен, затоа што „непријателските“ војници ту беа на грчката граница, ту на албанската, ту на косовската. Па едно време беа војници, потоа терористи, потоа пак војници, па пак терористи…

Но, ајде, ќе се консолидира некако пропагандата, само што во меѓувреме повторно ќе треба да се постави круцијалното прашање на македонската легалистичка криза: Каде се, бре, парите?

Инаку, да се потсетиме, и покрај глупавите и очајнички мерки, Берлин релативно бргу падна. Затоа што така мораше да биде и затоа што тоа е единственото исправно решение.