П(л)укањето – највисок стадиум на патриотизмот?

Слушам, многумина се вознемириле од мојата изјава дека „секој со чашка ракија во себе, собран пред некој штаб каде што се пеат патриотски песни, има впечаток дека ја брани Македонија, од незнам кого“. И треба да се вознемират, освен ако не сакаат и натаму да живеат како ноеви, со празни глави турнати во песок.

Завчера, излегувајќи од такси, налетав на човек паднат на тротоарот. Врзан со црвено-жолто шалче, до него паднато капче со логото на ВМРО-ДПМНЕ, а тој свртен со лицето кон асфалтот. Неколку метри подалеку од него, четири-пет испијанети момчиња се обидуваа некако да се одржат на нозе, пеејќи ја „Земјо македонска“. Потрчав веднаш до таксито, кое уште не беше тргнало, за да го замолам возачот да помогне човекот да го внесеме во возилото и да го однесеме во болница. Не знаевме што му е.

При таа „операција“, тој малку се подосвести и единствено што успеа да го промрмори е „дека испил малку повеќе, но дека ја одбранил Македонија и сега сака да оди дома“. Во таа состојба ниту можеше да се сети на адресата, а камоли на името на таковината, но барем успеа да ја извлече од џебот личната карта за да прочитаме. Момче на 24 години.

Неговото семејство срдечно се заблагодари за помошта, не покани на кафе, кое радо ќе го прифатевме ако поради оваа случка не доцнев на закажано интервју, а и таксистот имаше свои обврски. На испраќање, мајката на момчето со солзи во очите се пожали дека „ваква е состојбата речиси секој втор ден“, откако тој и многу негови другари заглавиле во долгови со обложувалници: „Го бараат спасот во чашката, а знаат дека не е таму. Од партија, наводно, ветиле дека ќе му помогнат, па сега оди кај што ќе го викнат. Ох-леле.., како ќе ја одбраниме Македонија, кога ни децава не можеме да си ги одбраниме од модерниве пороци. Вие новинарите треба почесто да пишувате за овој проблем…“ 

Долгата рака, краткиот ум и брзиот куршум не смеат да бидат прогласени за највисоки патриотски доблести, а разменувањето рецепти за изработка на молотови коктели и плукање по нарачка – за висок степен на подготвеност за борба

Се согласувам. Но, покрај оваа негова и семејна мака, она што најмногу ме вознемири, е фактот дека додека момчето лежеше на тротоарот, покрај него поминаа најмалку дваесетина луѓе, штотуку разотидени од протестот за „одбрана на државата“, ама никој не се заинтересира да одбрани еден човечки живот. Па сакам да го прашам и она момче од партиски подмладок, кое сум го слушнала како држи говори за здрава младина без пороци, зошто и тој си помина без око да му трепне, како во стилот на Кирил Миновски, кој немо го одгледа тепањето на екипата на „А1 он“?

Ако ова момче било алкохолизирано, дали неговото и однесувањето на другите минувачи треба да го сметам за трезно и трезвено? Каде е човечноста, каде е помошта? Каде е крикот против пороците, против разни хазардни игри, против влегувањето на младите во должничко ропство, во тој концентричен круг на сиромаштијата, овозможен преку преродбенички дозволи за никнување на стотици обложувалници во кои секој ден млади (и не само млади) си ја заложуваат и заглавуваат иднината?

Нема одговор на овие прашања. И кога нема одговор – најлесно е да се плука. И по социјални мрежи и некому во лице. Веројатно, така е полесно да се осмисли одбраната на Македонија.

Резултат од тоа? „Пукај, бе брат! И плукај“. Ова е реченицата што деновиве се почесто ја слушам, како завршна порака во разговор меѓу довчерашни пријатели, а сега поделени со непремостливи разлики за „македонцките работи“. Кога нема решенија за клучните егзистенцијални, социјални и ред други општествени проблеми, најлесно е да се сврти приказната во друга насока: одбрана од внатрешниот и надворешен непријател. Во мала земја каде секој трет ти е братучед, тоа е една тотално погубна и трагична антитеза, бидејќи, ако некој ти е брат, не би те ни плукал, ни пукал.

Да, но за жал, овде се негуваат исклучоците кои го потврдуваат правилото. Ќосето, на пример, не го повлекол орозот на пиштолот, ама лично наредил да го убијат брат му. Мислел дека прави патриотско дело, бидејќи се сомневал дека можеби брат му ја издал каузата. Не се ни потрудил да провери. Доволно му било што се сомнева.

И толку многу ја сакал Македонија, што животот си го поминал во Благоевград, Бугарија, работејќи како службеник во администрација. Таму и починал. Оние што требало да го носат неговиот ковчег до вечното почивалиште, едвај успеале да го кренат. „Му тежат на душа стотина одземени животи“, рекол некој од присутните, но никој не се побунил што не се испочитувало правилото „за покојникот се најдобро“.

Сеќавањето на неговиот „прек суд“ денес е оспоменичено со наши пари пред комплексот судски згради. На неговиот арсенал може да му позавидат и од војската и од полицијата. Во едната рака држи нож, во другата пиштол, зад него е потпрена пушка, а на појасот има реденица од куршуми, и резервен нож и пиштол во футроли.

И Сребра Tодевска на Илинден, на Мечкин Камен, го исплука претседателот Киро Глигоров со „непозната течност од устата“. И што направи? Ја одбрани ли Македонија? И од кого?

Не го прифаќам и најжестоко ќе се борам против инсталирање на овој „модел на однесување“ што им се подметнува на младите генерации. Ним мора да им се дадат примери на личности кои не ѕвецкаат со оружје, кои не се обучуваат да плукаат, да тепаат, да кршат, кои се слободни а не зависни од други за справување со разни човечки проблеми и потреби, од ин-витро до расчистување на долгови заради пороци.

Долгата рака, краткиот ум и брзиот куршум не смеат да бидат прогласени за највисоки патриотски доблести, а разменувањето рецепти за изработка на молотови коктели и плукање по нарачка – за висок степен на подготвеност за борба против „непријателот“.

И едно треба да знаат налогодавците: оние деца што добиваат задачи да го посетат Бранко Тричковски дома, или да го плукаат Борјан Јовановски, и што постојано добиваат нарачки за други „подвизи“, од пуста желба да се пофалат како ја одбраниле Македонија, раскажуваат и што треба и што не треба, па веќе доволно се знае кој ги ангажира, кој им јавува каде да одат, кои лица се таргет и ред други детали за патриотски двојки, тројки и.т.н.

Тажна и срамна е таквата одбрана на Македонија. Доколку навистина станува збор за демохристијани, како што се претставуваат, не би го правеле тоа. Не би кревале рака врз никого, не би плукале. Верници не плукаат по никого, оти тоа ќе ги издначи со оние фарисеи кои го плукале Исус на патот до Голгота. Кој плука по други, плука врз љубовта, разбирањето и простувањето. А Бог е токму тоа. И каде завршија фарисејските плуканици? Врз нив самите, врз нивното лицемерие и лага.

И Сребра Tодевска на Илинден, на Мечкин Камен, го исплука претседателот Киро Глигоров со „непозната течност од устата“. И што направи? Ја одбрани ли Македонија? И од кого?

Затоа, баталете ги барутните изјави и плуканиците од секаков вид. Македонија може и мора да се одбрани со љубов, разбирање и разум. Не со зовриени страсти, не со мижење пред проблемите, не со молк пред новите генерации кои се топат во безизлез пред нашите очи и во образовна, и во духовна смисла, со малигани во крвта и шприцови во вените, паднати на домашни плочници или изгубени по разни печалби низ светот. Кога нив ќе ги одбраниме, бидете сигурни дека е одбранета и земјата, и нејзината иднина.