Перманентно повторување на делото

Колумна на Димитар Димитров

Груевски ги впрегнува сите ресурси на државата за да се урне браната на Пржино и да се продолжи курсот на перманентната револуција – на таа идеолошко-политичка и кривично-правна дигресија од Уставот.

Насловот е парафраза на синтагмата „перманентна револуција“ (Троцки).Овој спој на историски и правосуден контекст ми го внушија непосредно групната аболиција од Иванов и закажувањето на изборите на 5 јуни.

Квалификативот „повторување на делото“ се однесува на дејствија што се вршат след инкриминацијата на масовното прислушување, само по себе и со индициите на другите кривични дела на лица од власта. Еднородните дејствија што и` претходеле на инкриминацијата, претставуваат перманентна револуција – континуитет на режимот во услови на либерализам и на парламентарна демократија.

Спиритус мовенс на тој континуитет беше и останува партискиот авторитаризам, со неговата тенденција да се преточи во сите сегменти на државата и општеството, почнувајќи од безбедносните структури. Тоа го генерира феноменот фамилија – идентитетот ВМРО-МВР, неконтролираното располагање со капацитетите на УБК, потребата од масовно прислушување и садистичкото изживување на нејзините членови врз луѓе кои не им се покоруваат.

Договорот од Пржино требаше да биде брана на оваа стихија на режимот, предвидувајќи политичко и правно санкционирање на нејзините спроводници, преку Анкетната комисија при Собранието и преку СЈО. Но, за разлика од тогашните граѓански протести за оставка на Груевски, во проектот на Хан, Груевски, со нему лојалните Ахмети и Тачи, остана решителен фактор на процесот – каков што бил и на условите кои го предизвикаа процесот!

Тоа е антологиска контрадикција на Пржинскиот договор.

Наместо Груевски да му биде партнер на Хан во политичкото и правното санкционирање на делото, Хан му станува соучесник во неговото повторување на делото

Така, наместо Груевски да му биде партнер на Хан во политичкото и правното санкционирање на делото, Хан му станува соучесник во неговото повторување на делото. Како олицетворение на партијата-држава Груевски ги впрегнува сите ресурси на државата за да се урне браната на Пржино и да се продолжи курсот на перманентната револуција – на таа идеолошко-политичка и кривично-правна дигресија од Уставот. Располагајќи со душите на пратениците од мнозинството, тој промптно ја дезавуира Анкетната комисија и лесно ја избегна политичката одговорност, откако претходно од партиското робје си обезбеди нов лидерски мандат
Против СЈО,пак, не само што ја потврди/реконструира целата дијагноза на Прибе за зависноста на правосудството, на контролните механизми, на медиумите од извршната власт, туку покрена инфантилна, егзотична идеолошка војна со Западот, како што и приличи на перманентната револуција, заборавајќи дека сме апликант за членство во ЕУ и НАТО!

Од обзнанувањето на масовното прислушување, до царското помилување од Иванов, Гуевски и неговата продолжена рака варираат гемишт од кривично-правен и идеолошки мотиви. Поентата е: нема дело – нема вина. Надворешен фактор, странска служба ни` мести внатрешна криза, не` прислушува и раскарува, во колаборација со деструктивната опозиција и со соросоидите. СЈО е нивен политички инструмент. Тоа ги дискриминира политичарите од власта пред претстојните избори.

Ивановата аболиција на осомничените од СЈО, и сама по себе има карактер на повторување на делото, и е наменета да послужи за уште едни избори како повторување на делото, во една лоша бесконечност на замена на законот на правото со законот на перманентната револуција

Поради тоа, со аболицијата, требаше да се тргне од нив сенката на вина, за да можат тие со чист образ, рамноправни со другите да истрчаат на изборното одмерување. Допинг-тестот на Катица Јанева нека се одложи за после изборите! А тогаш ќе заиграат клоците- ќе видат што ќе ги снајде Катици и Ванхојтевци и натурените министри! (За министрите на СДСМ го издаде трпението лидерот – ги клоцна ден-два по закажувањето на изборите и го урниса форматот на владата договорена во Пржино.)
Во меѓувреме „невините“, кои преку снимките се прославија како симболи за криминал, издејствуваа закон за забрана на емитување на снимките (оспорен од Венецијанската комисија) и ја уништија опремата со која се прислушувало. Ако сето тоа не прави да се чувствуваат виновни, тие се етички далтонисти – неодговорни и непресметливи па до бескрај можат да го повторуваат делото. И по цена на судир со меѓународната заедница, кон која се применува реторика од ладната војна или од милошевиќевската пропаганда.

Со оглед на посочните импликации, Ивановата аболиција на осомничените од СЈО, и сама по себе има карактер на повторување на делото, и е наменета да послужи за уште едни избори како повторување на делото, во една лоша бесконечност на замена на законот на правото со законот на перманентната револуција.

Оваа инфериорна игра со нацијата/граѓанството и со меѓународната заедница, не помина дома. Уследи одговор во вид на масовни протести на излажаното граѓанство лани, кое не може уште еднаш да се излаже.

На потег е меѓународната заедница.