План за враќање во „првобитна состојба“

Власта не се труди да се создадат услови за фер избори, бидејќи повеќе и одговара процесот да се врати во претпржинскиот период, за да го доврши мандатот до 2018 година и да ги дисциплинира сите кои во еден период поверувале во реалноста на пораката „збогум Никола“

„Неизвесно е дали предвремените парламентарни избори ќе се одржат на 5 јуни“, изјави вчера германската амбасадорка Кристине Алтхаузер. Оценката не е без основа, но вистинското прашање е: кој и зошто ја ѕида неизвесноста за избори на 5 јуни?

Откако во февруари се одложија изборите закажани на 24 април поради неисполнетост на условите за фер-избори, партиите, посебно владејачките, ветија дека ќе направат сѐ тие услови да се исполнат до новиот датум. Помина речиси еден месец, а сѐ што е „исполнето“ оттогаш до денес, само сведочи дека процесот се одвива исклучиво во контра насока. За да не ја биде работата.

Бидејќи живееме во постојано реобновување на виртуелната стварност, во која и корекцијата на дипотријата е државно субвенциониран процес, немаме право и натаму при очи да бидеме слепи и да се потпираме на неодговорната декларативност, во стилот „не гледај што правам, слушај што зборувам“.

Овој принцип, кој и натаму е главна манипулативна алатка на владејачката ВМРО-ДПМНЕ (и ДУИ), посебно доаѓа до израз во овој транзициско-мандатен вакуум, но и ги открива мотивите на власта дека токму таа не сака избори на 5 јуни.

Ако ДПМНЕ навистина сака оваа „агонија“ што поскоро да заврши со избор на влада со полн легитимитет (место сегашната „хибридна“ влада), тогаш треба да одговори зошто влече потези кои одат директно кон елиминирање на условите за фер-избори?

Зошто нејзините членови во ДИК (со оние на ДУИ) ја спорат бројката што произлезе од вкрстувањето на базите на податоци, место да инсистираат таа целосно да се провери ако нема што да се крие? Зошто мотивираа диверзија на легитимноста на изборниот процес преку давање можност претседателот да помилува сторители на изборен криминал? Зошто Груевски ја манипулира јавноста дека тој е против помилување („слушај што зборувам“), а во истовреме му намигнува на организирањето одбрана на Уставниот суд за овозможување на помилувањата („не гледај што правам“)? Зошто место разговори за медумски реформи, неговата партија брои секунди посветени на опозицијата во програмите на единствените балансирани медиуми, а досега ниту еднаш не ги изброја часовите (и годините) посветени на неговиот кампањско-патувачки серијал („во живо од вашата општина“) со кој почнуваат, течат и завршуваат вестите на сите владини телевизии?

Целта на оваа демагогија е – ни приближно да не се создадат услови за фер-избори, но на крајот тоа да го констатираат други, пред сѐ, опозицијата, за таа повторно да биде обвинета дека бега од избори, а не од нефер-услови. ВМРО-ДПМНЕ и натаму формално ќе тврди дека инсистира на избори, наспроти сѐ што одработува за да ги нема – преку „Гром“, преку Уставниот суд, преку Ристе од Охрид, преку судии од тефтерчето, преку кавга со „мачкарот“ Ванхауте и други ликови потребни за планираната претстава.

Во заднината на ваквиот симулакрум стои едно добро испланирано сценарио: да не се создадат неопходните услови, за да може ДПМНЕ да констатира дека Договорот од Пржино не функционира (по два пати пробиен датум за избори) и да побара целиот процес да се врати во првобитната состојба, пред формирањето транзициска влада.

Во заднината стои едно добро испланирано сценарио: да не се создадат неопходните услови, за да може ДПМНЕ да констатира дека Договорот од Пржино не функционира и да побара целиот процес да се врати во првобитната состојба, пред формирањето транзициска влада

Тоа значи заминување на министрите и дополнителни заменици-министри од СДСМ, враќање на Груевски на премиерска функција, функционирање на неговата влада до редовните избори во 2018 година и „симнување од врат“ на гарантите на Договорот, односно на „проклетите странци“ кои се мешаат во нашите внатрешни работи и го компромитираат нашиот надалеку прочуен суверенитет.

За овој план Груевски има поддршка од Ахмети. А, за евентуални парламентарни избори во пакет со локалните избори во 2017 година, власта би преговарала, неволно и под одредени услови.

Ова е тоа сценарио, кое го препознаваат и посредниците во многуте падни-стани ситуации, обидувајќи се да ги смират тензиите и да го одржат во живот духот на Пржинскиот договор. Нема никаква друга причина ВМРО-ДПМНЕ да се однесува толку еднодимензионално, конфронтирачки и со неуважување на аргументите, освен ако е против избори на 5 јуни, поради што и на сцената и зад сцената дава максимум во таа насока. Зошто?

Враќањето во „првобитната состојба“ (или „првобитно општество“) би ѝ дало на власта временски комодитет да подзачисти во дворот, да се ребрендира во „чесна и одговорна“, да ги дисциплинира сите кои во еден период поверувале во реалноста на пораката „збогум Никола“ и да испрати порака до оние кои помислиле нешто да кажат или да признаат во Специјалното обвинителство.

Постоењето на СЈО, најверојатно „демократски“ би било игнорирано и оставено други да се справат со него. Кој, ако не „независниот“ Уставен суд, на чија маса еден убав сончев ден може да се најде и иницијативата за судбината на Катица и нејзината дружина.

Дотогаш, на услуга на владејачката правда секогаш ќе биде „раката на тато“, чиј потпис за првпат во вториот претседателски мандат добива енормно висока вредност, идентична на цената на слободата.

ДУИ, која има непогрешиво сетило за политичко преживување и престројување, во клучниот момент експресно го смени ставот кон досега непризнатиот „очув“ и му „бакна рака“ со присуство на седница на Советот за безбедност. Секако дека тоа ќе биде претставено како давање приоритет на важни безбедносни прашања за земјата, а не како мала инвестиција за спас на нечија политичка кожа.

Ова сценарио за враќање во претпржинска фаза, што би значело тотален колапс на шансите за излез од кризата и враќање многу чекори назад, не смее да успее. А за да биде спречено, владејачките партии мора да бидат ставени на јавен тест: да предложат измени на законот кои ќе ја анулираат последната одлука на Уставниот суд и да не се пазарат околу бројката на спорни записи кои треба теренски да се проверат, колку и да се тие. Нели е најважна довербата во Избирачкиот список?

Ако не го сторат тоа, директно ќе се легитимираат како опструктори на условите за фер-избори, а со тоа и на договорениот датум. Со таков „сертификат“ во џебот, нема да имаат ни морално, ни политичко право да нѐ убедуваат дека им припаѓа правото да довршат еден сомнително обезбеден мандат. Обврската тоа да го им соопшти ѝ останува на демократската јавност, онаа, во чиј мисловен и оперативен апарат сендвичите и налозите не играат никаква улога.