Поетската правда и прозните скандали

Според една анегдота, некој млад руски поет напишал книга со љубовна поезија, која одбиле да му ја објават повеќето издавачки куќи во тогашниот Советски Сојуз. Несреќниот поет некако успеал да стаса до самиот Сталин и да му се пожали. Другарот Сталин веднаш го викнал задолжениот за култура во Политбирото и му наредил да ја испечати книгата во два примерока. Кога овој го прашал зошто во два, Сталин одговорил: „За авторот и за неговата девојка. И онака тоа никој друг нема да го чита“.

Македонскиот „поетски“ скандал е отприлика ист како случајот од анегдотата, само што е малку (повеќе) попретенциозен. Тука некој помислил дека не двајца, ами пет илјади луѓе (!) ќе се заинтересираат да ја видат или прочитаат (не верувам дека издавачот мислел дека регуларно ќе продаде толкав тираж) збирката поезија од проектот „Млади поети“ на Агенцијата за млади и спорт. И тука некој помислил дека љубовната поезија е малку демодирана, па наместо неа или покрај неа ставил некои чудни творби, преполни со мизогинија и шовинизам.

Е, сега, не знам што се случило со стихозбирката на заљубениот руски поет, но оваа нашата, односно тие две спорни стихотворенија, со посредство на медиумите и, пред сѐ, на социјалните мрежи успеаја да ги видат многу повеќе од пет илјади луѓе. Тоа е веројатно и нормално бидејќи, за разлика од советската стихозбирка, зад која стои неприкосновениот авторитет на Сталин, зад нашата не само што не се знае кој стои, туку случајот е замрсен како во најдобрите крими-романи на Дашаел Хамет.

Кој ѓавол бара Агенцијата за млади и спорт да објавува книга песни. Зошто, на пример, не распишат конкурс за млади композитори на опери и Каевски и неговиот тим создадат еден фин оперски репертоар? Или зошто не распишат конкурс за најдобар млад чевлар? Тоа ли им е, побогу, работа

Хронологијата помалку или повеќе е позната. Агенцијата за млади и спорт распишува конкурс за поезија на млади автори (од 15 до 29 години). Ветени се три награди (20.000, 15.000 и 10.000 денари) и објавување збирка поезија. Жири-комисијата (Јовица Ивановски, Николина Андова Шопова и Тихомир Јанчовски) ги бира наградените песни. Агенцијата ја издава книгата (како уредник е потпишан директорот на Агенцијата Дарко Каевски)7. И пука – скандалот!

По обелоденувањето на двете стихосочиненија, се јавува потпишаниот автор Даниел Пиљаковски кој тврди дека песните не се негови, туку на извесен Александар Блажевски, професор по математика и нереализиран поет од Ресен. Овој го потврдува авторството, а не конкурирал под своето име, затоа што не исполнува еден од условите – не е млад (има 41 година). Мотивот му бил песните да бидат објавени и прочитани! Мора да се каже дека успеал во својата намера. Пиљаковски, пак, го отстапува своето име на доверба, без воопшто да прочита под што тоа ќе биде потпишан.

Потоа се јавува директорот Каевски кој тврди дека всушност не е уредник на изданието, односно дека е потпишан по службена должност (?!) и целата вина ја префрла на жири-комисијата, покажувајќи некое решение на кое е напишано дека комисијата е должна да направи селекција од пристигнатите песни (за волја на вистината, не е наведено за каква селекција станува збор, односно дали се работи за избор за книга или за избор на трите наградени песни, а решението не е ни потпишано од страна на членовите на комисијата).

Директорот на агенцијата го демантираат членовите на комисијата, кои тврдат дека биле ангажирани исклучиво да ги одберат наградените трудови и дека поим немаат кои песни влегле во книгата. Николина Андова Шопова, членка на жири-комисијата и авторка на предговорот (во книгата е наведена како Андонова, наместо Андова), тврди дека предговорот всушност бил генерален преглед на пристигнатите песни, дека ги прочитала спорните творби и дека веднаш ги отфрлила од селекцијата за награди.

На крајот на краиштата, во книгата, барем во оние делови што беа презентирани во јавноста, имињата на членовите на жири-комисијата не се наведени како автори на изборот. Таму стои само името на Каевски како уредник, кој, пак, како што видовме, не се чувствува одговорен и нема намера да поднесува оставка.

Она што на многумина им избега пред очи, на некои намерно, а на некои случајно, е текстот на самиот конкурс, кој е лесно достапен на официјалната страница на Агенцијата за спорт и млади. Таму, покрај другото, буквално е напишано: „Секој автор ќе биде застапен во збирката која ќе биде објавена кон крајот на 2017 година.“ Значи, не се споменува никаков избор или селекција што некој во името на Агенцијата ќе ја направи.

Да се обидеме да бидеме добронамерни и да им поверуваме на сите актери во приказната, односно дека авторот не знаел што се објавува под негово име, уредникот не знаел каква книга потпишува, авторката на предговорот немала увид во изборот на книгата, жири-комисијата не го направила изборот итн. Останува отворено прашањето за одговорноста.

Она што на многумина им избега пред очи,  е текстот на самиот конкурс, кој е лесно достапен на официјалната страница на Агенцијата за спорт и млади. Таму, покрај другото, буквално е напишано: „Секој автор ќе биде застапен во збирката која ќе биде објавена кон крајот на 2017 година.“

Формално гледано, најголемата одговорност ја има уредникот. Едноставно, не постои функција уредник по службена должност. Или уредуваш или не уредуваш. Но, суштински вината е многу поширока и задира во најавените сличности меѓу поетската културтрегерштина на Сталин и на македонските актуелни власти. Кој ѓавол, имено, бара Агенцијата за млади и спорт да објавува книга песни. Зошто, на пример, не распишат конкурс за млади композитори на опери и Каевски и неговиот тим создадат еден фин оперски репертоар? Или зошто не распишат конкурс за најдобар млад чевлар? Тоа ли им е, побогу, работа?

Ако веќе Агенцијата за млади и спорт сакала да го стимулира поетското творештво, ене им ги куп издавачи, кои со таа работа се занимаваат професионално, а некои од нив се навистина и мошне вешти и квалитетни во својата работа. Нека избереа некоја издавачка куќа, на тендер, на конкурс, на што ли, и за истите пари (150.000 денари плус ДДВ, како што се наведува), а можеби и поевтино ќе добиеја многу поквалитетен и порелевантен производ. Вака, ем им се зема работата на издавачите, ем наместо книги се продуцираат скандали.

Но, не. Оправдувањето е дека овој проект трае веќе четири години (!), дека новата власт решила да го продолжи и дека имале најдобри намери. Исто како и Сталин со стихозбирката на несреќниот поет. Зошто решиле да го продолжат? Затоа што проектот дал добри резултати? Затоа што имал добар одѕив во јавноста? Затоа што продуцирал антологиски изданија? Секако дека не!

И нема овој случај ниту да нѐ разбуди, ниту да нѐ опамети. Едноставно, не станува тука збор за никаква култура, творештво, а најмалку за поезија. Тука станува збор за ментален склоп, за авторитарна свест – државата (читај:администрацијата) е најпаметна и ги знае одговорите на сите прашања, а плус ги знае и прашањата на сите одговори! Освен во претходната власт која ја нарекувавме режим и кај гореспоменатиот Сталин, вакви примери можат да се најдат веројатно уште во Северна Кореа. Па, по ѓаволите, во едноумието не беше така. Напротив, беше сосема спротивно.

Ги знаете оние забавни приредби од типот „Докторите пеат“? Ова ќе му дојде некако слично: забавна приредба „Агенцијата за спорт и млади издава поезија“. А да почневме сите да си ја работиме својата работа за промена. Само така ќе има за поезијата поетска правда, а не вакви прозни скандали!