Последното возење на „мерцедесот“ на Груевски

Со бегствотото на Сулејман Османи, освен што ги навртеа рефлекторите кон сомнежи за поинаков „учинок“ на МВР во Куманово, неповратно ги изгнасија и гробовите на осумте полицајци. Знаеме дека животот нема цена и дека парите не можат да ја ублажат болката за изгубените животи. Но, и фактот дека во оваа земја, изгубен живот на полицаец „вреди“ помалку и од ретровизорот на премиерскиот „мерцедес“, кажува доволно. Кажува се.

И покрај бројните сомнежи и инсинуации за инспираторите, мотивите и целите на настаните во Куманово, граѓаните на земјава, чинам, беспоговорно и сочувствително ја прифатија верзијата на МВР дека полицијата таму ја извела „најтешката, најсложена и најкомпликувана акција досега“.

Поверуваа, не заради вербалната убедливост на Јанкулоска со драмуршки паузи и кнедли во грлото, ниту заради нејзините насолзени очи и растреперениот глас со кои требаше сугестивно да бидат поткрепени доказите за големиот полициски учинок во драматичното кумановско деноноќие. Поверуваа – исклучиво заради бројот на жртвите!

Човек кој нема монструозен ум, последното нешто во кое би можел да се посомнева – е дека осум луѓе би можеле да бидат жртвувани пред олтарот на нечија монструозна политичка желба за останување на власт, па и по цена на нивните животи.

Дури и кога во ушите на луѓето гласно одзвонуваат политичките признанија од типот „Ние сме забегани“, „Ние сме лудаци“, „Кажи му дека ќе се најде во ендек и тој, и жената, и децата…“ „Треба да му ја запалиме кафеаната“, „Ќе му го загорчам животот…“, сепак, веруваат дека постои некаква „црвена линија“ која ниту еден нормален човек не би се осмелил да ја премине, бидејќи во таков случај би се изгубила разлика меѓу она што човекот го прави човек, а не крволочен ѕвер.

Тоа е една алтруистичка позиција, од која воопшто и не произлегува сомнеж дали во извршната власт седат здрави, а не болни личности, со еден збор – дали земјата ја водат нормални луѓе!? По некаков автоматизам се верува дека мора да се нормални, штом со граѓанска волја ова допрва ќе се утврдува) токму ним им е доверена судбината на земјата! Дали?

Но, она, за што власта досега беше обвинувана – провизии, разни видови криминали, изборни фалсификати, узурпирање на институциите и така натаму, од вчера ми наликува на мала и бенигна гребнатинка на општественото ткиво, откако стигна вест дека на полицијата и избегал (?) еден од уапсените во акцијата во Куманово.

Избегал во близина на селото Брест, каде со хеликоптер бил донесен на терен, за да им покаже на полицајците каде е скриено оружјето украдено при нападот на полициската станица во Гошинце. И додека полицијата „ги испитува околностите за бегството“, на интернет веќе се врти аудио-снимка на која избеганиот раскажува како го сторил тоа. Според неговиот исказ, тој покажал каде е скриено оружјето и полицајците го натовариле. Вели дека таму бил „влечен“ од полицијата и два пати толку „тепан со клоци и боксови“ што мислел дека ќе умре, па решил да бега и по цена да го убијат. Замислете, успеал да избега иако бил бос, со лисици на рацете, претепан, што значи физички немоќен, а опкружен, ни помалку ни повеќе, туку со 25 полицајци!!!

Не знам дали постои нормален човек кој би поверувал во ваквата приказна. Министерот Чавков мора да одговори кој дозволил овој човек да „избега“? Поточно, кој наредил да го ослободат? Кои лица од МВР и власта генерално би биле загрозени од неговиот исказ во судска постапка? Кој од власта се спасува со бекството на Сулејман Османи?

Второ, Јанкулоска за да опише за колку опасни и добро вооружени терористи станувало збор, рече дека и по 16 часа интензивна престерелки тие се уште давале многу силен отпор. Нејзиниот коалициски партнер, Али Ахмети, пак, вчера пред целата јавност призна, дека еден од групата уште во 5 часот наутро, значи само што започнала акцијата на полицијата, панично му се јавил на телефон и го молел да им обезбеди коридор за да се повлечат!

Шо праиме сеа? Зошто 2 + 2 не се 4? Дали претседателот на парламентарната комисија за контрола врз работата на косовската тајна полиција, „случајно“ изјавил за албанската телевизија „Топ Чeнел“ дека преку разузнавачката служба на Косово (АКИ) дознале оти агенти на македонската тајна полиција имале контакти со косовски државјани со цел да се предизвикува дестабилизација на Македонија?

Ваквите сознанија укажуваат на итна, неодложна и независна истргага за настаните во Куманово, пред да стане предоцна, иако и моментов што сега го живееме, воопшто не е далеку од тоа.

Кумановски медиуми веќе јавуваат дека од синоќа во градот се блокирани две улици и дека е забележително зголеменото присуство на полицијата. Дали сега треба да стравуваме од одмазда од платениците кои избегаа, а со кои можеби била договорена само мала показна вежба, која на двете страни им избегала од контрола? Дали платениците сега се чувствуваат предадени од овдешните нарачатели?

На оваа монструозна игра мора да и се стави крај. Нека не ги пакуваат повеќе полицајците за нови акции, туку нека се спакувааат тие – нивните налогодавци. Тој дегенеративен ген кој го вградуваат во општеството преку деструктивни политики, и црното семе што го сеат за потребите на нивната власт, и донесе и и носи зло на оваа земја.

А со бегствотото на Османи, освен што ги навртеа рефлекторите кон сомнежи за поинаков „учинок“ на МВР во Куманово, неповратно ги изгнасија и гробовите на осумте полицајци. Знаеме дека животот нема цена и дека парите не можат да ја ублажат болката за изгубените животи. Но, и фактот дека во оваа земја, изгубен живот на полицаец „вреди“ помалку и од ретровизорот на премиерскиот „мерцедес“, кажува доволно. Кажува се.

Тој „мерцедес“ од денеска веќе никаде не смее да вози, освен во еден правец – да го однесе газдата на местото каде што ќе си ја депонира оставката.