Поттекстот на контекстот без текст

Во некои поранешни времиња, информативниот контекст беше особено важна категорија. Тогаш постоеше и функционираше синтагмата „читај меѓу редови“, со други зборови, контекстот секогаш имаше поттекст. Денес, повторно се чита меѓу редови, иако таму ништо не пишува.

Арчејќи ги последните денови од мојот задоцнет годишен одмор на албанскиот дел од крајбрежјето на Јонското Море, не испуштам да го пијам моето попладневно кафе (плус пиво, се разбира) во локалната кафеана во Химара. И, јасно, да го разлистувам дневниот албански печат или она што ќе ми се најде под рака.

Келнерот, и по десетина дена повторување ист ритуал, не го крие своето изненадување. Тој знае дека јас не разбирам ни збор од неговиот јазик, освен можеби „крико“ што би требало да значи кригла, а сепак со сериозна упорност поминувам најмалку половина час врз албанските весници. Тешко ми е да му објаснам дека станува збор за надомест на навиката редовно да го следам македонскиот печат што одамна ја изгубив…

На крајот од краиштата, времетраењето на разлистувањето на албанските два-три дневни весници, колку што ми беше дневната норма, трае подолго отколку читањето на два-три македонски дневни весници, барем во оне денови кога ќе ги земам под рака. Да, имаат сликички и албанските весници, само премногу инфантилно ми изгледа да му објаснувам на збунетиот келнер дека гледам слики.

За што тогаш точно се работи, а јас не можам да го објаснам со мојот немушт англиско-италијански вокабулар, со кој најчесто и се разбиравме со благонаклониот угостител? Јасно, се работи за контекстот. Категорија што е одамна загубена во овдешниот медиумски простор, а бирото за заубени работи нема во описот и пописот на своето дејствување враќање на загубените вредности, тогаш секако вреди барем да се потсетиме на суштината, или барем на една од суштественостите на медиумите.

Кога веќе ги спомнуваме дневните весници, тогаш контекстот е дневната агенда, главниот наслов, големината на фотографијата, нејзината (не)зависност во однос на текстот, пласманот на другите наслови, големината на буквите на насловите итн. Сето тоа говори за важноста на текстот што се пласира во одреден контекст. И натаму: како и со што се распоредени страниците, кој текст се граничи со кој и зошто, зошто е избрана баш таа фотографија и тој фонт букви итн.

Сепак, иако сето ова звучи како премногу дизајнерско-уредничко-едукативно четиво со наводен професионален субјективизам, морам да напомнам уште некои важни елементи за контекстот: првенствено, медиумот е целост и само како таков може да функционира. На пример, ако започне некоја војна во Брегот на Слоновата Коска, земја за која не сте ни слушнале, а весникот, поведен од вашата неинформираност, нема да ја објави веста, верувајте дека ќе забележите оти нешто недостасува. Дури и ако весникот е на јазик што не го разбирате, како во мојот случај.

Во некои поранешни времиња, информативниот контекст беше особено важна категорија. Тогаш постоеше и функционираше синтагмата „читај меѓу редови“, која го означуваше токму тоа: кои информации не се објавени, кои информации на кое место е објавени, која личност заслужила фотографија, а која не… итн. Со други зборови, контекстот секогаш имаше поттекст. Додека текстот и не беше толку задолжителен.

Government Press Office GPO Foter CC BY-NC-SA

Фото: GPO / Foter

Денес, кога работите се навидум сосема различни, сепак некако останале исти. Имено, повторно поттекстот се согледува повеќе преку она што не е објавено, отколку преку она што е објавено. Само што сега нема поттекст! Повторно се чита меѓу редови, но затоа што нема што да се прочита во нив!
Не мора да се бара некоја голема потврда на вака строгиот заклучок. Земете кој било весник со денешен датум, значи весник што потписникот на овие редови воопшто не стасал да го разгледа, па ќе сфатите дека во него има повеќе морски наслови и повеќе вода отколку во морето што се бранува пред моите очи. Не, нема во весниците да прочитате за суштината на Договорот од Пржино, нема да сфатите што значи ребаланс на буџетот, нема да знаете зошто премиерот се појавува не само кога се отвора весник туку и кога се отвора некаква селска кооперација и, конечно, нема никогаш да дознаете дали почнала војна на Зелено’ртските Oстрови или не.

И, се разбира, за разлика од оние идеолошки времиња, овој контекст не се случува поради некаква висока идеологија туку затоа што постои сериозна, донекаде и консензуална проценка дека новинарството не треба и не мора да ги извршува своите основни функции, поточно – дека треба да биде спротивно од неговата дефинирата функционалност. Значи, новинарството, по дефиниција, по традиција, па и според науката, ако сакате, има три основни функции: информативната, едукативната и забавната.

Улогата на новинарот, всушност, не е ништо друго туку селекција на информации и вести од севкупната ентропија на информации што функционира околу нас, а потоа и нивна дистрибуција до јавноста, со што на луѓето ќе им се олесни животот. На пример, да се пренесе на кои улици во моментов имаа сообраќаен метеж, кој градски автобус доцни или што навистина пишува во Договорот од Пржино.

Ставот, како еминентна новинарска алатка, е само последица од овие функции, а не нивна првенствена задача. Значи, не постои став, коментар, колумна… без да постои информација, едукација и забава. Или така барем би требало да биде, како што, впрочем, и е, онаму каде што меѓународните институции го рангираат информирањето на многу повисоко ниво од овдешното.

Македонското новинарство, напротив, се држи до некое сосема спротивно правило – да не информира, да не едуцира и да не забавува. Затоа и ставовите или колумните, како што сега се нарекуваат сите објавени мислења по овдешните медиуми (чест на ретките исклучоци), не се поврзани ниту со некаква веќе образложена причина, ниту со некаков најавен повод, а најмалку со некоја интересна (забавна нишка) или со идеја да едуцираат некого… Сосем спротивно, и тие ја востановуваат базичната нишка на медиумскиот простор – главно простаклак и делумно говор на омраза.

Зошто е тоа така? Одговорот е мошне едноставен. Новинарите не се информативни занаетчии туку службеници на некоја дневно-политичка опција, а на дневната политика не само што не ѝ требаат информирани граѓани туку, напротив, ѝ треба манипулативна гласачка маса, статистичка цифра, која не само што не мора туку и не треба да знае што навистина се случува.

Како и да е, ги разлистувам албанските весници. И што да кажам? На пример, дека имаат многу повеќе текстови отколку ние за бегалската криза, а немаат бегалци; дека имаат многу повеќе текстови од нас за грчката криза, а немаат особени проблеми со Грција; дека имаат многу повеќе дискусии за суштината на ЕУ, а не се ни членка-кандидат… Иако читачкиот инстинкт ми кажува дека и тие се еден обичен балкански информативен жабурник, сепак и тој жабурник некако е над нашиот.